Брзи избори, бавна власт

И пред најавениот „есенски бран“, пандемијата во земјава зема замав, а нејзините ефекти се галопирачки што, за жал, се потврдува со секојдневните црни статистики, кои јасно укажуваат дека здравството е, ако не веќе на грб, тогаш барем на колена, учениците губат настава, која впрочем ниту во мирновременски услови не нудеше некаков квалитет, правосудството сѐ уште е распашано, економијата колабира, илегалните мигранти маршираат низ земјава како некогашните Титови младинци на слетот за 25 мај, евроинтеграциите повторно се на слеп колосек… А во владејачката коалиција си ги пребројуваат, и по потреба ги пребојуваат крвните зрнца на оние што треба да најдат и да спроведат решенија за сите наведени и ненаведени проблеми

Во земја во која критичката опсервација на политиката, пред сѐ на онаа што ја креира судбината на граѓаните и на државата, сѐ повеќе е исклучок отколку правило и каде што јавноста, наместо со платформи, концепти, интенции, тенденции, латенции… се прехранува со површни меѓупартиски и меѓуекспертски расправи, сѐ понесреќни кадровски решенија и со повеќе или помалку вешто менаџирани афери, од кои само ретките резултираат со некакви правни последици, пролонгирањето на процесот на дооформување на власта, по јулските предвремени парламентарни избори, следствено на сето тоа, како никого да не го загрижува. Дури ни најавата на министерот за здравство Венко Филипче дека сме на прагот на новиот, таканаречен есенски удар на пандемијата на коронавирусот, не беше проследена со прашањето, а камоли со одговори за подготвеноста на институциите за овој, во моментов, најголем, нo и за многубројните други, ништо помалку важни предизвици. Тоа впрочем беше и објаснување за брзото, иако поради пандемијата не излезе толку брзо, одржување на предвремените избори од страна на репрезентите на старо-новата владина коалиција. Изборите, со сите ризици, се одржаа, но прашањето остана.

Одговорот може да се добие веќе и со самото следење на она што се случуваше по изборите, од започнувањето на процесот на конституирањето на Собранието и на формирање влада и изборот на членовите на парламентарните работни тела и на новите заменик-министри, а веројатно и ќе продолжи да се случува при натамошните поставувања на раководителите од пониските ешалони на власта, па дури и при вработувањата на обичните службеници во државната и во јавната администрација.
Тврдоглавото опстојување на барањата за поставување кадри според етнички и партиски клуч од една страна, и неорганизираноста и некоординираноста при почитување на законските критериуми и процедури од друга страна, веќе сосема јасно го потврдија континуитетот на политичката култура заразена со вирусот на демократскиот дефицит и на диктатурата на површноста, кои не можат да резултираат со ништо друго, освен со колосални неуспеси во справувањето со сите присутни, но и со предизвиците што се во најава.

Во меѓувреме, и пред најавениот „есенски бран“, пандемијата во земјава зема замав, а нејзините ефекти се галопирачки што, за жал, се потврдува со секојдневните црни статистики, кои јасно укажуваат дека здравството е, ако не веќе на грб, тогаш барем на колена, учениците губат настава, која впрочем ниту во мирновременски услови не нудеше некаков квалитет, правосудството сѐ уште е распашано, економијата колабира, илегалните мигранти маршираат низ земјава како некогашните Титови младинци на слетот за 25 мај, евроинтеграциите повторно се на слеп колосек… А во владејачката коалиција си ги пребројуваат, и по потреба ги пребојуваат крвните зрнца на оние што треба да најдат и да спроведат решенија за сите наведени и ненаведени проблеми.

Помина времето кога довербата на јавноста можеше да се бара преку некакви квазирешенија и квазимодели за соживот, или поточно за заедничко владеење, на претставниците на различни етнички, политички или социјални групи, на пример. Сега, не затоа што некој сака да им го наруши комфорот на политичките елити, туку затоа што сериозноста на ситуацијата го налага тоа, е време кога мора да се наоѓаат начини за соживот со пандемијата, наместо, едноставно, да се воведуваат нови рестрикции и да се одржуваат
дефанзивните позиции

Не се потребни никакви длабински истражувања за да се заклучи оти сѐ помалку граѓани сѐ уште веруваат во намерата и способност на која било од присутните политички опции, на ефикасен начин да ги реши проблемите, а алтернативи, како коректив, за жал, веќе речиси и да нема. Тоа е повеќе од јасен показател на крајно негативното искуство со дејствувањето на политичките елити во изминативе три децении, дури и под повеќе или помалку будното менторство на меѓународната заедница. И тоа е жалниот факт, кој не се менува ниту со редовните, ниту со предвремените избори и со никакви внатрепартиски реформи и пучеви. Политичките елити, ако сакаат да ја преживеат пандемијата на коронавирусот, но и на општата недоверба, како една од итните мерки, ќе мораат од некаде да извлечат каков-таков модернизациски потенцијал и не да се ослободат, туку да се откажат од теснопартиските и теснонационални матрици, од непотистичките, криминалните и корупциските стеги и да се оттргнат од заложништвото на ненаситните желби за сопствениот луксуз и комоција. Ќе треба да работат, сериозно и одговорно, за да ги вратат животните текови во функција.

Помина времето кога довербата на јавноста можеше да се бара преку некакви квазирешенија и квазимодели за соживот, или поточно за заедничко владеење, на претставниците на различни етнички, политички или социјални групи, на пример. Сега, не затоа што некој сака да им го наруши комфорот на политичките елити, туку затоа што сериозноста на ситуацијата го налага тоа, е време кога мора да се наоѓаат начини за соживот со пандемијата, наместо, едноставно, да се воведуваат нови рестрикции и да се одржуваат дефанзивните позиции.

[email protected]