Брза терапија за економско заздравување

Низ изминативе месеци откако е прогласена пандемијата во Македонија, сите бевме сведоци на разни ветувања дадени од владини претставници, чија цел е секако подобрување на економијата, но и на другите аспекти од секојдневието. Она што недостигаше беа брзината и доследноста во нивното спроведување. Имплементацијата на одредени мерки одеше бавно, некои беа одложувани, менувани, коригирани, што секако ги влошуваше позициите за надминување на кризата

Укинувањето на одредени увозни царински давачки за компаниите и новите одредби што се дел од новите мерките на Владата насочени кон поддршка на стопанството за полесно надминување на економската криза, по барање на бизнисмените, треба да започнат да се применуваат од почетокот на следниот месец. Ваквата одлука од бизнис-заедницата, како и од економистите беше широко прифатена со нагласок дека овие измени ќе обезбедат пониски трошоци за компаниите и ќе се подобри нивната конкурентност во одредени области дури и за 15 проценти. Очекувањата се дека укинувањето на 71 увозна давачка ќе го зајакне потенцијалот на фирмите извознички и дека истите тие ќе можат да бидат двигател на економското закрепнување во земјава од оваа здравствено-економска криза. Со оглед дека од први февруари без царина ќе влегуваат суровини и репроматеријали за одредени индустрии, компаниите очекуваат со оваа мерка да добијат поевтини суровини, со што ќе станат поконкурентни и полесно ќе ги наминат последиците од кризата.
Секако ваквата одлука на Владата, односно носењето на новиот сет мерки за поддршка на стопанството има големо значење особено во овие тешки услови за одржување и продолжување на работните дејности. Но она што мора да се истакне, а што е поврзано со мерките за спас на компаниите, е доследно спроведување на ветените и планираните мерки. Досега бевме сведоци дека иако државата се согласува и планира одредени мерки или измени на закони, кои се во насока на поддршка на стопанството, истите тие да не се спроведат невреме, да се одложи нивната примена, или, пак, да остане краток рок за имплементирање што им прави дополнителни проблеми на компаниите.

Честите законски измени, креирањето различни мерки за поддршка на стопанството и граѓаните во овој кризен период, предлозите од бизнис-заедницата, но и од синдикатите и разни здруженија, како и повратните реакции од државните институции се еден добар показател за солидна соработка, која треба да резултира, а некаде веќе и резултира, со подобри перформанси или барем со ублажување на штетите што ги предизвикува оваа пандемија. Токму изминатава година е показател дека со успешна соработка, доколку постои слух од сите инволвирани страни, и доколку се спроведуваат договорените мерки или одредби, може да остваруваме подобри резултати.
Низ изминативе месеци откако е прогласена пандемијата во Македонија, сите бевме сведоци на разни ветувања дадени од владини претставници, чија цел е секако подобрување на економијата, но и на другите аспекти од секојдневието. Она што недостигаше беа брзината и доследноста во нивното спроведување. Имплементацијата на одредени мерки одеше бавно, некои беа одложувани, менувани, коригирани, што секако ги влошуваше позициите за полесно и побрзо надминување на кризата.
Стопанството и граѓаните беа опфатени со повеќе владини мерки за полесно надминување на кризата, но она што недостигаше беше навремено спроведување, поради што одредени мерки не беа целосно искористени.
Пречките за примената на планираните мерки се различни, но укажуваа на потребата од доквалификување на одредени вработени во администрацијата. Бизнис-заедницата алармираше повеќепати на недоформулирани правилници, недоречености во мерките, кои со заеднички сили беа исправани или коригирани за да може да се применат.

Само со вложување во човечкиот капитал, преку дообразување на вработените, како во приватните компании, така и на вработените во јавната администрација ќе може да се очекува побрзо и подоследно применување на планираните новини или мерки што можат да ги подобрат работењето и животот. Процесот на едукација не смее никогаш да застане, единствено со отворени видици и со можности за учење ќе се создадат кадри што ќе бидат подготвени да одговорат на предизвиците, да ги спроведуваат промените што се договорени или кои се планирани. Ова подразбира дообуки или доквалификации за сите вработени без оглед на возраста, или, пак, на позицијата за која се задолжени. Целта е да изградиме подобро општество за сите, држава во која граѓаните и бизнис-заедницата би добивале брзи и точни податоци или услуги од државната администрација, а со тоа би се граделе и подобра деловна клима и подобри перформанси во економијата. Економијата и нејзиното заздравување по оваа прво здравствена, сега веќе и економска криза, зависи од сите чинители, а тоа не значи само од компаниите и нивните деловни одлуки, туку и од мерките што се носат за поддршка на компаниите и нивната примена.

[email protected]