„Бомбите“ на Заев да ти биле гумени бонбончиња

Правниците би требало конечно да го објаснат тоа, но накратко, со лаички јазик кажано, ако некој е осуден или му се суди врз основа на „бомбите“, по озаконувањето на наводниот политички договор тие веќе да не се користат во постапките, тој може да побара ретроактивна примена на таа норма, што воопшто не е редок случај во кривичното право, особено кога со нејзиното ретроактивно дејство се укинува или се ублажува казнивоста

Константно безличната предизборна кампања од нејзиното целосно замирање се обидуваат да ја спасат лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, не само со постојаното присуство на јавните настапи на нивните, нели, натпартиски кандидати за шеф на државата, туку и со некакви итни, ненајавени, меѓусебни средби заради усогласување на новиот закон за Јавното обвинителство. Последната од серијата средби, кои во замрениот политички живот треба да внесат малку драматизација, како што е соопштено, завршила со „мал напредок, но без конкретен успех, особено во однос на главните точки за кои партиите не се согласувале“. Она што не е соопштено, а редовно се пласира како неофицијална информација, е дека партиите сѐ уште не можеле да се договорат околу идниот статус и надлежностите на СЈО и околу употребата на аудиоматеријалите во постапките на овој орган. Чуму сето тоа? Кога веќе сѐ е решено.

Аудиоматеријалите, всушност, се „бомбите“, кои премиерот Заев, како опозиционер, прво се обиде да ги искористи за да го натера својот претходник Никола Груевски да му ја отстапи власта, а откога тоа не се случи, почна да ги обелоденува на прес-конференции, како материјали добиени од тогаш анонимни полициски извори и кои, барем во делот што беше објавен, укажуваа на сериозен криминал и корупција во врвот на претходната владејачка гарнитура, односно меѓу сопартијците на Мицковски. Заради докажување и процесирање на наводите од „бомбите“, всушност, и беше формирано СЈО, под вистинското име Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. И тоа со согласност на двете партии и со голема поддршка на меѓународниот фактор. И на големо воодушевување на дел од јавноста.

Е тогаш го запреа објавувањето на „бомбите“, го прогласија за казниво, материјалите му ги предадоа на новоформираното обвинителство, а јавноста, и тоа не само оној воодушевениот дел, ја оставија во исчекување. Не само на пикантерии со кои изобилуваа „бомбите“, туку и на одговори на многу сериозни прашања, кои лично Заев ги најави кога почна да се расфрлува со нив, а кои директно ги засегаат и многубројните неполитички личности како потенцијални жртви на манипулациите, интригите, фингираните судски процеси, па дури и на трагичните настани што наводно се споменуваат во разговорите.

По скромните резултати од неколкугодишното работење на СЈО и со веќе здодевното натегање околу времетраењето на неговиот мандат, сега наводно се договориле оти материјалите од неовластеното прислушување нема да бидат користени во доказна постапка во идното работење на обвинителството. Поточно, дека „бомбите“, што веќе се во судска постапка во 18-те предмети на СЈО, ќе продолжат и натаму да се користат, додека за предметите отворени по 30 јуни 2017 година, кога според првично договореното, требало да заврши мандатот на СЈО, тие нема да бидат докази во постапките.

Колку и да се беспредметни расправите и наводните политички пазарења што сега се случуваат, толку е оправдано да се постави прашањето која е суштината на постоењето на СЈО ако аудиоматеријалите не може да се користат во постапките. Одговорот би бил – за да ги најдат доказите, што очигледно не им успева и што, по сѐ изгледа, и им била првичната намера на креаторите на целиот овој циркус

Дали тие навистина не знаат и никој не им кажал за ретроактивната примена на законите, што во случајов, во бунар ги фрла сите пари потрошени за СЈО, за досегашното, па и евентуално, идното процесирање на овие случаи, за безбројните парламентарни и јавни расправи на темата… Правниците би требало конечно да го објаснат тоа, но накратко, со лаички јазик кажано, ако некој е осуден или му се суди врз основа на „бомбите“, по озаконувањето на наводниот политички договор тие веќе да не се користат во постапките, тој може да побара ретроактивна примена на таа норма, што воопшто не е редок случај во кривичното право, особено кога со нејзиното ретроактивно дејство се укинува или се ублажува казнивоста. Зошто нешто би било валидно како доказ во еден, но не и во друг случај? Всушност и самата дебата околу тоа дали „бомбите“ можат да се користат како доказ или само како индиции доволно кажува за капацитетот на тие што ги креираат и ги спроведуваат во практика законите во земјава. Или барем за нивните намери.

И колку и да се беспредметни расправите и наводните политичките пазарења што сега се случуваат, толку е оправдано да се постави прашањето која е суштината на постоењето на СЈО ако аудиоматеријалите не може да се користат во постапките. Одговорот би бил – за да ги најдат доказите, што очигледно не им успева и што, по сѐ изгледа, и им била првичната намера на креаторите на целиот овој циркус, од кој јавноста излезе сѐ уште измачувајќи се да го соџвака она што веќе го слушна од бомбите, како со лепливи гумени бонбони.

[email protected]