Би било смешно да не е тажно

Кандидатурата на градот Скопје за престижното признание „европска зелена престолнина“ во 2021 година многумина ја сфатија како несолена шега, во време кога загадувањето на воздухот достигнува алармантно ниво, а Скопје се рангираа на врвот на најзагадените градови во светот. Од коментарите на граѓаните зовреа и социјалните мрежи

Европската комисија ја прифати кандидатурата на градот Скопје за престижното признание „европска зелена престолнина“ во 2021 година. Оваа награда го вреднува напредокот што ќе го постигне еден град во спроведувањето на зелените политики, односно напредокот во подобрувањето на животната средина. Шега ли е ова или повторно хумор и сатира на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, се запрашаа скопјани. Од нивните коментари зовреа и социјалните мрежи. Па, каква зелена престолнина, кога зеленилото прекуноќ ни го снемува и на него никнуваат згради. Па, зарем не беше така со зеленилото пред „Мајчин дом“, зарем не се исече огромна површина шума на Водно за изградба на гасоводот. И може ли сето тоа да се надомести со есенската акција за садење дрвја што се реализира деновиве? Какви зелени политики и животна средина кога Скопје се задуши од градби и загаден воздух? Го снема провевот на воздух од Водно, а за тоа не е виновен Кензо Танге, идејниот творец на Градски ѕид, туку урбаната мафија што ги начичка зградите и не го намали темпото на градежната офанзива, која го наполни градов со прашина.

Со поднесувањето на апликацијата за признанието „европска зелена престолнина“, градот Скопје покажал стратегиска определба да преземе конкретни чекори за почиста и поздрава животна средина, што е дел и од изборната програма на градоначалникот Шилегов. Па, каде е таа почиста животна средина, кога во овој наш град насекаде гледаме контејнери преполни со ѓубре, диви депонии, валкани улици, кучиња скитници што напаѓаат како волци на планина и загаден воздух што веќе ги задуши граѓаните и им го одзеде здравјето, воздух поради кој не можат да излезат надвор во вечерните часови за да прошетаат низ градот. Од друга страна, пак, признанието „европска зелена престолнина“ не се однесувало само на зеленилото туку и на функционирањето на градот, односно на алтернативниот превоз, енергетската ефикасност, транспортот и сите други мерки што се преземале за подобрување на животот на граѓаните, вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Некако како да стана навика управувањето со градот да се третира низ призмата на хумореска. Тој тренд, впрочем, се најави и на неодамнешната прес-средба со новинарите, на која изобилуваа хуморот и сатирата за објективните проблеми што ги мачат граѓаните во овој град. Воопшто не е лошо човек да биде вицкаст, да сака да ги засмејува оние околу себе, па дури и на сопствена сметка. Би рекле дека тоа е повеќе доблест отколку слабост. Но кога и за да се насмеете мора широко да ја отворите устата, а притоа сте свесни дека неизбежно ќе вдишете отровен воздух, според сите рангирања меѓу најзагадените во светот и во Европа, тогаш навистина ѓаволот ја однел шегата. Во однос на тоа како сообраќајно и инфраструктурно функционира градот доволен показател е неодамнешниот блек фрајдеј, со кој проблем се соочуваме речиси секој ден.

За какво функционирање ни зборува некој, кога речиси секојдневно граѓаните не можат по работа да стигнат дома, затоа што овој град не само што е сообраќајно нефункционален туку станува заробен град.

Воопшто не е лошо човек да биде вицкаст, да сака да ги засмејува оние околу себе, па дури и на сопствена сметка. Би рекле дека тоа е повеќе доблест отколку слабост. Но кога и за да се насмеете мора широко да ја отворите устата, а притоа сте свесни дека неизбежно ќе вдишете отровен воздух, според сите рангирања меѓу најзагадените во светот и во Европа, тогаш навистина ѓаволот ја однел шегата

Еве последно беше во петокот кога не можеа да влезат во автобус, затоа што сите автобуси беа преполни, а тоа не е така само кога е блек фрајдеј, туку речиси секој ден. Алтернативен превоз се старите зглобни автобуси, бидејќи оние поновите, кинески и украински, се расипаа и од десетина се вадат делови за да се оспособи еден. Се шегува ли со нас градоначалникот кога вели алтернативен превоз, бидејќи граѓаните немаат алтернатива. Немаат ниту нови линии што ќе ги поврзат побрзо да стигнат до другите делови од Скопје. За каква енергетска ефикасност ни зборува – за исчистените оџаци што ги субвенционираше, а кои им се потребни на домаќинствата што се греат на дрва и јаглен, затоа што не можат да дојдат до парно, зашто топловодите се далеку од нивните домови. Тука нема да помогне ниту стратегијата на градот за подобрување на условите во средината и развојот. Ниту има помалку ѓубре низ градот, ниту пак воздухот е почист од лани, но затоа пак не недостига хумор и сатира. Токму така многумина ја сфатија и кандидатурата за најзелен град, истовремено кога нашата престолнина е и најзагаден град, во кој тешко се доаѓа до чист воздух

Како ќе се натпреварува Скопје за оваа награда со Будимпешта од Унгарија, со италијанскиот град Калјари, со Дикон, Стразбур и Лил од Франција, со Лахти од Финска, со Вестерос од Шведска, па дури и со Тирана од Албанија, навистина е за чудење. Наградата „европска зелена престолнина“ ја добиле Стокхолм, Хамбург, Викторија-Гастејс, Нант, Копенхаген, Бристол, Љубљана, Есен, Најмиген, Осло и Лисабон. Многумина веројатно се прашуваат што ли има наведено нашиот градоначалник во апликацијата од 150 страници, што има во воведот, што во одговорите на прашањата за постојната состојба со животната средина во градот. Стои ли таму некаде напишано колку ни е загаден воздухот, колку ѓубре има насекаде, па и по парковите. Ако се спомнува бучавата, нека се запраша успеа ли да ги запре трките со мотори по скопските улици, од чии силни децибели скопјани не можат да спијат, а потоа секако и нема крај на бучавата од секојдневниот сообраќаен хаос во градот и свирежите од автомобилите на нервозните возачи. Не може да се пофали нашето Скопје ниту кога е во прашање депонирањето на отпадот, ниту пак со чистотата на водите, па и малите деца знаат дека реката Вардар одамна е загадена од четврта категорија. Скопјани се прашуваат што ли ќе вреднува жири-комисијата во нашиов град.

Кога ќе дојде комисијата во Скопје, навистина ќе им што да види на терен. Но да почекаме до април 2019 година, за да видиме ќе се најде ли Скопје во петесниот круг на избрани градови. Или можеби и ова ќе биде уште една во низата несолени шеги и анегдоти. За жал, на наша сметка и за наши пари.