Бесконечни стечаи

Со редицата (не)ефикасни стечајни постапки, тешко ќе можеме да се надеваме дека ќе се случи нешто позитивно. Тоа не само што фрла дамка врз ефикасноста и ажурноста на институциите и се одразува врз начелото на правна сигурност на граѓаните туку претставува и кочница на патот на нашите евроатлантски перспективи. Зашто, на крајот на краиштата, никој не сака во свое друштво разочарани граѓани, неефикасни институции и нерасчистени случаи

Кога пред нешто повеќе од 22 години се случи аферата ТАТ и кога илјадници штедачи од Битола и од другите градови во државата, кои ги загубија своите заштеди, паднаа во колективна депресија, многумина од нив, по доаѓањето на тогашниот ревизор на Народна банка, Газменд Кадриу, помислија дека има надеж да се спаси штедилницата.
Но нивната надеж траеше многу кратко, буквално само неколку месеци.
Кога на првиот состанок на стечајниот судски совет тогашниот стечаен управник им рече на членовите на Одборот на доверители дека стечајот во ТАТ ќе трае најмалку 10 години и дека штедачите можат да се надеваат дека од своите заштеди можат да добијат најмногу до 30 проценти, тие доживеаја нов шок, кој исто така тешко им падна како дента кога ги загубија парите.

Но ни најголемите песимисти во ТАТ не веруваа дека стечајот во некогаш најдобрата штедилница во Македонија, ТАТ, ќе трае цели 22 години и дека за тој период штедачите нема да бидат ако не целосно, тогаш барем делумно обесштетени. Тоа што им паѓа особено тешко на штедачите е што никој не може да им каже кога ќе заврши стечајот во штедилницата.

Во изминатите над две децении, покрај штедните книшки, згаснаа животите и на стотици штедачи, кои не дочекаа да се обесштетат.
Со последната исплата од страна на стечајниот управник од само 0,3 отсто од побарувањата, некои штедачи добија дури само 1 денар (не е грешка) од своите изгубени заштеди.

Таквата исплата на најдобар начин ја отсликува целата иронија на стечајот во ТАТ, кој иако формалноправно според судот е „затворен“, сѐ уште трае и барем засега никој не знае кога тој воопшто ќе заврши. Но не е само овој случај со пропадната штедилница. Низ државата се веат редица други стечаи, кои никако да завршат. Од друга страна, постојано се најавува експедитивност во работењето во секој сегмент, транспарентна и брза постапка на одлучување, затворање на сите стари предмети, што впрочем е и императив кон нашето зачленување во ЕУ. Од друга страна, токму стечајот на ТАТ е најдобра потврда за долготрајните и крајно неефикасни стечајни постапки што се водат кај нас.

Во изминатите 22 години во штедилницата ТАТ се сменија четири стечајни управници, но ниту еден од нив не успеа да го реши ефикасно овој случај.
Напротив, сите стечајни управници, речиси без исклучок, кои го водеа стечајот во ТАТ, а и учесниците во стечајната постапка (адвокати, нотари, извршители, вешти лица) без исклучок, гледаа како добро да заработат и да имаат разни други бенефиции.

Иако тие навидум и на зборови се залагаа за брз и ефикасен стечај, сепак во практиката сите тие настојуваа(т) што подолго да трае стечајот.
Таквото однесување е сосема логично ако се знае дека додека за штедачите, кои ги загубија парите нема(ше) пари, за стечајните управници постојано има(ше) средства на сметка.

Притоа не смее да се изгуби од вид и спрегата на стечајните управници со учесниците во стечајната постапка, кои своите „услуги“ по „тарифа“ дебело ги наплаќаат.
Дури некои тврдат дека ТАТ и кога е во стечај е една од „најдобро стоечките фирми“ во Битола, бидејќи постојано на сметката има доволно пари за безгрижна исплата на учесниците во стечајната постапка.

На стечајот ТАТ, покрај неефикасноста на стечајните управници, на најдобар начин може да се види и неефикасноста на битолското и на македонското судство.
Имено, и покрај тоа што од стечајот во ТАТ изминаа речиси 22 години, голем број судски предмети сѐ уште не само што не се завршени туку некои дури се и на самиот почеток.

Притоа, учесниците во постапките често се служат со разни итроштини, со непризнавање на хипотеките, фиктивни разводи, одолжување на постапките…
Посебна приказна притоа се хипотеките, кои, според стечајните управници, наводно биле ненаплатливи, бидејќи во настојувањето да ги спасат нив, должниците се служеле со секакви можни методи.

Притоа, како намерно да се заборава дека таквите наводно ненаплатливи хипотеки биле заверувани во судот и дека досега ниту еден од судиите што ги заведувал „ненаплатливите“ хипотеки немал последици за таквите пропусти.

Од друга страна, иако во изминатите години буквално сите власти се залагале стечајните постапки да се водат брзо и ефикасно и во што пократок период да се впаричува стечајната маса, сепак, освен во одредени случаи, во голем број случаи стечаи траеле доста долго и биле крајно неефикасни, а само мал број од нив успееле да се рестартираат по поведувањето на стечајната постапка.

Такви во Битола има многу. Но кај најголемиот број од нив имотот се продаваше за бадијала и завршуваше на отпад, а за тоа време доверителите не добија буквално ни денар. Во таа насока не само поради штедилницата ТАТ туку и поради голем број други нерешени стечајни постапки тие остануваат црна дамка во историјата на Македонија.

Со вакви (не)ефикасни стечајни постапки, тешко можеме да се надеваме дека ќе се случи нешто позитивно. Тоа не само што фрла дамка врз ефикасноста и ажурноста на институциите и се одразува врз начелото на правна сигурност на граѓаните туку претставува и кочница на патот на нашите евроатлантски перспективи. Зашто, на крајот на краиштата, никој не сака во свое друштво разочарани граѓани, неефикасни институции и нерасчистени случаи.