Белиот чад и политичката магла

Квазирелигиозната симболика на социјалните мрежи, употребена од високи претставници на власта, со „белиот чад“ (кој симболизира објавување успешен резултат во изборот на папа во Ватикан), но овој пат во смисла на успех за обезбедено двотретинско мнозинство за многу критикуваниот закон за јавно обвинителство, може да се толкува и како фрлањето магла на општиот впечаток за работата на Собранието, каде што како сѐ да е подредено на политичките игри и интереси, наместо на интересот на граѓаните преку носењето квалитетни и издржани законски решенија

Кога и да го заврши својот мандат, актуелниот собраниски состав тоа го прави со носење закони во фотофиниш. Иако со политичкиот договор за избори на 12 април, и според сложениот пржински изборен календар, парламентарното распуштање треба да се случи утре, на 12 февруари, неизвесноста до самиот крај на мандатот на овој пратенички состав е обележана со усвојувањето на законот за јавно обвинителство. Настојувањата на владејачкото мнозинство, Владата и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се законот да биде изгласан од овој пратенички состав, па дури ако е потребно одложување на терминот за распуштање на Собранието, без да се одложат изборите. Ставот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ е дека предлог-текстот на законот, иако е тоа негова трета или четврта верзија, сепак, излегува од рамките на Уставот и дека нема да гласаат за него во Собранието… Ставено во контекст на претпоставениот термин за завршување на парламентарно распуштање, тоа значи дека овој закон би останал во „наследство“ на наредниот пратенички состав… Тоа би била кратката верзија на последниот заплет на финалната законска драмолетка за овој мандат на пратеничкиот состав. И покрај сета привидна напнатост на дејството и спротивставените интереси, на јавноста во голема мера ѝ е познато решението на оваа наводна драма: сите последици од законот (не)донесен под политички притисок, со кулоарски аргументи за партиски интереси, ќе бидат на сметка на граѓаните и на македонското општество.

Квазирелигиозната симболика на социјалните мрежи, употребена од високи претставници на власта, со „белиот чад“ (за објавување успешен резултат во изборот на папа во Ватикан), во смисла на радост за обезбедено двотретинско мнозинство за фамозниот закон за јавно обвинителство, од друга страна може да го илустрира и фрлањето магла на општиот впечаток за работата на Собранието. Во сите овие три децении на плурален парламентаризам, од Собранието се очекува да достигне функционално ниво за да манифестира европската култура на градење консензус преку дијалог и компромис. За постигнување на таквите заложби, е воспоставена и конкретна европска поддршка преку дијалогот „Жан Моне“, но се чини дека кога доаѓа до пресудните мигови да се постигне одредена амбиција по секоја цена (усвојување закон, менување име на државата, ратификација на договори, протоколи…) дури и европската принципиелност е подготвена да замижи, па и да ја поттикне на примена на „озлогласените“ балкански методи за постигнување на целта. Ниту овој парламентарен состав не успеа да ја промени перцепцијата дека е најчесто гласачка машина на партиите, ниту да ја промени практиката одлуките за законските решенија да се носат надвор од Собранието, на лидерски средби, но и со заткулисни пазарења за разни непринципиелни коалиции… за потоа само формално да бидат (не)изгласани од пратениците. Како резултат на таквата непроменета практика на парламент со европски амбиции, кој не се откажува (за секој случај, кога е потребно) од своите балкански манири, од работата на овој парламентарен состав останаа неколку капитални нефункционални закони. Еден од нив е Законот за употреба на јазиците, кој и Венецијанската комисија го оцени како нефункционален и нереално скап за примена во правосудниот систем и во администрацијата. И покрај дебаклот со Законот за СЈО, кој беше донесен со брзање и многу уставни недоречености, сега обидувајќи се да се отплетка од јазолот на преседаните, новото законско решение за јавно обвинителство исто така се инсистира да се донесе по секоја цена и покрај големите забелешки на правните експерти и практичари. Според последните информации, во текстот на предлог-законот, усвоен од страна на Владата, меѓу другото, новина е и воведување Бадентерово мнозинство при изборот на јавниот обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Покрај тоа, албанскиот јазик ќе се користи во сите јавни обвинителства, а државниот главен обвинител ќе се избира со мнозинство од 61 пратеник во Собранието…

Кога и да го заврши својот мандат, колку закони и да усвои пред фајронот, се чини дека овој парламентарен состав нема да успее да создаде приказна за подобра поделба на улогите од онаа во вестерн-филмовите. А на публиката, (граѓаните) им е сѐ потешко да утврдат кој е кој, во маглата од бел чад.