Без човечкиот капитал нема економски раст

Доколку ја зголемиме атрактивноста на нашата земја како место за стабилна работа и за соодветно вреднуван ангажман на млади високообразовани лица и систем со функционално правосудство и ефикасна администрација, со добар здравствен систем, кој ќе се фокусира повеќе на превенцијата, а помалку на лекувањето, со принципот на вработувања според соодветното образование и вредности и без непотизам, можеби сѐ уште не е доцна голем дел од младите да се откажат од идејата за заминување надвор од нејзините граници

Иселувањето како глобален тренд е голем предизвик за економски кревката држава каква што е Македонија, која ја напуштаат сѐ повеќе луѓе, пред сѐ млади, образовани и работоспособни. Трендот се засилува, незапирливо и во загрижувачки размери, а сето тоа негативно влијае врз вкупната состојба на пазарот на трудот.
Според податоци од Обединетите нации, помеѓу 1990 и 2019 година, над 200 илјади граѓани ја напуштиле земјава за подобар живот во странство. Иселениците се драстично позастапени на возраст од 20 до 50 години, што покажува дека тие се состојат од млада и зрела популација што е во најпродуктивните години за да придонесе за економскиот раст. Населението што останало во земјата има поголема зачестеност кај возрасните групи над 55 години. Тоа значи дека населението старее поради иселување на младото население. И во тој случај кој ќе ја влече економијата напред? Бидејќи со процесот на демографско стареење и емиграцијата, на подолг рок ќе се соочиме со проблемот на доминантно старо население, поточно, во држава ќе останат да живеат само пензионери.

Пандемијата на ковид-19 ги извади на површина веќе постојните проблеми и ги истакна недостатоците од работењето на државата. Високообразовани и квалификувани луѓе си заминуваат од Македонија и своите потенцијали им ги ставаат на располагање на други, најчесто поразвиени земји, што претставува голем минус за нашата економија.
И јасно е дека ова не е ништо ново и дека ваквиот тренд влече корени од дамнешно минато. Токму затоа досега требаше да се спроведат мерки за намалување на одливот на населението и за поттикнување на наталитетот, а најефикасен начин да се постигне тоа е државата да обезбеди услови за квалитетен живот.
Кон високиот процент на иселени придонесуваат и факторите како нестабилни работни места, диспропорционалност на кадрите со побарувачката на пазарот на трудот, плата што не соодветствува со компетенциите на вработениот, феноменот на партиски вработувања, изразитата дискриминација на различни основи при вработувањето, ниското ниво на заштита и гарантирање на работничките права, особено кога станува збор за младите.
Последните истражувања исто така покажуваат дека дури 36 отсто од младите си заминуваат во потрага по подобар живот, што се однесува на генералниот квалитет на живот во земјава. Тоа подразбира животен стандард, животна средина, политичка состојба, социјална и здравствена заштита и слично.
Одливот на високообразовани луѓе во Македонија станува сериозен проблем. Заминувањето на високообразовани граѓани во странство резултира со недостиг од образован и квалификуван кадар во фирмите во земјава.

Пандемијата на ковид-19 ги извади на површина веќе постојните проблеми и ги истакна недостатоците од работењето на државата. Високообразовани и квалификувани луѓе си заминуваат од Македонија и своите потенцијали им ги ставаат на располагање на други, најчесто поразвиени земји, што претставува голем минус за нашата економија

Несоодветни плати во однос на искуството и образованието има, но има професии како оние во ИТ-секторот, со кои младите можат веднаш по дипломирањето да се вработат и да имаат солидна плата, а тие сепак се решаваат да заминат од нашата земја. Во овие струки, пред сѐ, игра голема улога институционалната неефикасност и недовербата во институциите, неефикасно владеење на правото и слаб здравствен систем, како и отсуство на вредности.
Одливот на високообразовани луѓе станува сериозен проблем што го менува пазарот на работна сила во земјава. Наедно, се јавува и неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката на квалификувана работна сила што резултира со недостиг од високообразован и квалификуван кадар во компаниите и фирмите во земјава и многу ги чини и земјата и реалниот сектор. Тие мора дополнително да вложуваат во дообуки и преквалификации на лицата што ги вработуваат или на веќе вработените.
Од круцијално значање за развојот на нашето стопанство и економија е да се работи на решавање на проблемот и да се најдат начини висококвалификувани кадри да останат и да работат во земјава.

Сепак, доколку ја зголемиме атрактивноста на нашата земја како место за стабилна работа и за соодветно вреднуван ангажман на млади високообразовани лица и систем со функционално правосудство и ефикасна администрација, со добар здравствен систем, кој ќе се фокусира повеќе на превенцијата, а помалку на лекувањето, со принципот на вработувања според соодветното образование и вредности и без непотизам, можеби сѐ уште не е доцна голем дел од младите да се откажат од идејата за заминување надвор од нејзините граници.