Без секого би требало да се може

Откога премиерот Зоран Заев и повеќе од половина членови на Владата, по првите големи пожари во земјава, од плажите на кои се најдоа, ѝ порачаа на јавноста да не се вознемирува зашто, како што потенцираа, системот функционира, по некој ден, сепак, ги прекинаа одморите и се вратија на работа за да ги координираат активностите за запирање на пожарите и, се разбира, да се сликаат. Колку во тоа успеале говорат првичните процени за површините на шумите и на шумското земјиште што за само еден месец изгореле во Македонија, а дали притоа превагнаа желбите за самопромоција или стравувањата дека системот, сепак, не функционира без директна наредба од врвот на власта или од партиската централа сеедно, е прашањето на кое, како што може да се види, секој одговара според сопствено уверување. Но, според информациите што доаѓаат од теренот, уште од првите денови е јасно дека системот не функционира, иако ниту тврдењата дека функционерите немилосрдно ги користат пожарите за самопромоција не се далеку од вистината

„Без секого се може“, беше една од честите реплики на еден од моите поранешни шефови секогаш кога ни недостигаа луѓе на работа, па дури и кога самиот тој требаше да отсуствува. Иако на нашите штотуку разбудени новинарски суети, во почетокот, тоа им звучеше омаловажувачки, подоцна станавме свесни дека неговата самоувереност произлегуваше од вербата во системот што го изградил и од довербата во луѓето што го сочинуваа. Нема сега да ги откривам деталите за тоа како е граден системот што овозможуваше секогаш, и во најголемите кризи, работата непречено да се одвива и нашиот краен производ да излезе без, на него, видливи последици, но не можам да му одолеам на предизвикот примерот да го искористам за споредба со актуелнава „високозапалива“ состојба во Македонија.
Откога премиерот Зоран Заев и повеќе од половина членови на Владата, по првите големи пожари во земјава, од плажите на кои се најдоа, ѝ порачаа на јавноста да не се вознемирува зашто, како што потенцираа, системот функционира, по некој ден, сепак, ги прекинаа одморите и се вратија на работа за да ги координираат активностите за запирање на пожарите и, се разбира, да се сликаат. Колку во тоа успеале говорат првичните процени за површините на шумите и на шумското земјиште што за само еден месец изгореле во Македонија, а дали притоа превагнаа желбите за самопромоција или стравувањата дека системот, сепак, не функционира без директна наредба од врвот на власта или од партиската централа сеедно, е прашањето на кое, како што може да се види, секој одговара според сопствено уверување. Но, според информациите што доаѓаат од теренот, уште од првите денови е јасно дека системот не функционира, иако ниту тврдењата дека функционерите немилосрдно ги користат пожарите за самопромоција не се далеку од вистината.
И ако вториов мотив може да им се уважи, првиот е за секоја осуда. Три децении од прогласувањето независност, државата не само што не функционира туку личи на руина, а нејзината сегашност сѐ посилно се вклештува помеѓу минатото и иднината. Огромна општествена енергија се троши на дебатите за минатото, за вредностите на историското наследство и на прогнозите за (невоз)можниот иден развој, за евроинтегративните и секакви други предизвици, при што не останува ни време ни енергија за сегашноста. Отсуството на рационална политика остава можност за ширење на ирационалниот политички простор, единствениот во кој политичките елити се снаоѓаат како риби во вода. Тоа особено е специфика на владејачките политички структури, кои причините за сите проблеми ги лоцираат во минатото, користејќи се со неисцрпните ресурси од овој идеолошки рудник за да го оправдаат своето лошо владеење, а решавањето на проблемите да го оставаат за во иднина, која само во нивните проекции е светла. Паралелно со тоа, сегашноста ја пополнуваат со виртуелна стварност, без никакво чувство за моментот во кој живеат.

Гледајќи ги како позираат, со пожарите во заднината, се добива впечаток дека дури ни жештиниве ни чадот не ги чувствуваат, а се однесуваат и како да не ги гледаат дупките во системот, во кои пропаѓаат огромни финансиски, материјални и човечки ресурси.
Димензиите на загубите, не само во овој, туку и во секој случај, се далеку над штетите што произлегуваат од евентуалното моментално отсуство на премиерот, некој од министрите или директори на службите што, според словото на законот и, се разбира, според најчесто не баш најсреќниот избор на партиите, се задолжени за заштита и справување со пожарите, па дури и на лидерот на опозицијата, чии планови за годишен одмор исто така беа предмет на дебатите. Или, ако сакате обратно, нивното присуство, освен психолошкиот ефект за нивните сѐ помалобројни вистински фанови, нема никакво влијание врз обидите за намалување на димензиите и последиците од огнената стихија. За хаосот со вакцинирањето против коронавирусот или со издавањето на личните документи, веројатно, веќе не треба ниту да се зборува. За тоа доволно зборуваат предолгите збиени редици на граѓаните. Многу поголем ефект во санирањето на сите овие „непогоди“ ќе имаше ако државните функционери, пред да си заминат на одморите, но и уште многу пред тоа, си ја завршеа работата и, секој од својата позиција, се погрижеа барем дел од системот да биде ставен во функција.
Јасно дека е нереално да се очекува за само еден мандат да бидат санирани сите штети што врз државниот систем приближно еднакво ги направија и актуелната власт и опозицијата, и поголемите и помалите политички субјекти, кои мотивирани од еднаква доза властољубие и користољубие учествуваа во деструкцијата.
Но граѓаните имаат право да очекуваат и да инсистираат на враќањето барем на оние функции на државата што на најдиректен начин го засегаат нивното секојдневно живеење. Политизирања и демагогии, во поголема или во помала мера, имало и ќе има во сите времиња и на сите простори, но никогаш и никаде како сега и тука, и со нив се претера.

[email protected]