Без култура може да преживееме, но не и да живееме

Додека ние правиме апсурдни избори на директори во културни институции, додека Министерството за култура ги замрзнува исплатите за проектите од 2020 година, а неразбирливо долго го одолжува објавувањето на резултатите од Годишниот конкурс, државите во светот со огромни средства помагаат во уметноста и културата за да ја преживеат кризата од пандемијата. Всушност, светот уште на самиот нејзин почеток сфати со какви сериозни предизвици се среќава уметноста и дека мора да го зачува и заштити сето она што може за идните генерации. Ама светот деновиве почна да ја освојува и Црвената Планета…

Деновиве голем број уметници, креативци и културни работници, но и не нужно луѓе од културата, ги апдејтираа своите профилни фотографии на социјалните мрежи со мотото „No cultre, no future“ (Нема иднина без култура), делejќи ја истата визија, онаа за културата како основен столб на секое демократско општество, еднакво толку неопходна колку што е кревка, сектор што мора да се негува, онолку колку што се брани, денес повеќе од кога било.
Визуелното мото „Нема иднина без култура“ првично беше поттикнато минатата година, во мај, кога белгиски културни работници поднесоа иницијатива до Владата во форма на мерки за заштита на културата од ефектите на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Ако се знае дека културата е целокупното наследство на цивилизацијата, тоа во основа би значело дека без култура може да преживееме, но не и да живееме. Она мало симболично знакче на Фејсбук можеби нема да ги промени многу работите, ама секако ќе го сврти вниманието на јавноста кон темата за неопходноста на културата.
Што ја поттикна оваа своевидна кампања кај нас? Првично, веројатно кризата поради пандемијата, која ги стави во застој и онака скромната културна понуда и побарувачка, поради што се појави потребата од алармирање за брзо дејствување за поддршка на секторот, кој сѐ повеќе оди во економска пропаст. Здравствената криза ја истакна уште повеќе несигурноста на протагонистите на оваа сфера. Моменталната состојба за уметниците е многу лоша. Од март минатата година, културните простори се затворени во поголем дел до времето, многу настани се откажани или одложени, креативците сѐ потешко заработуваат за живот. Ризикот е осакатување на културниот сектор на долг рок. А што дополнително прави државата кај нас во овие и онака тешки моменти за македонската култура?

Првично, револт во јавноста предизвикаа апсурдните избори на директори во културни институции, токму оние што во наредниов период, за кој нема гаранции дека ќе биде подобар во однос на претходниот, ќе треба да работат на подобрување на условите и статусот на културните работници. Па, така, неодамна струмичките актери протестираа во знак на револт поради одлуката на Министерството за култура за генерален директор на Центарот за култура да назначи професор по физичка култура. Потоа спортски работник и селектор на карате-репрезентација беше именуван за нов директор на Центарот за култура во Тетово. Ваквите примери се показател дека продолжува вообичаената практика на вработување партиски подобни кадри во институциите на државната и јавната администрација и покрај декларативните заложби на Владата дека ќе им стави крај на партиските вработувања и ќе создаде професионална администрација.
Втората причина за револт кај дел од македонската културна јавност е прекинот на исплатата на средства од минатогодишната програма за поддршка на проекти од национален интерес, додека трае финансиската контрола на распределба на средствата од времето на претходниот министер за култура. Културните работници се изненадени од одлуката на Министерството да се замрзнат исплатите за проектите од 2020 година, иако тие биле доставени во предвидениот рок. Со оваа одлука дополнително ја отежнува нивната состојба.

Реакции пристигнуваат и поради доцнењето на објавувањето на резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата. Според законскиот рок, резултатите треба да бидат објавени најдоцна 45 дена од донесувањето на државниот буџет (20 декември 2020), а ова доцнењето е на голема штета на креативните творци и на реализацијата на нивните проекти. Сѐ уште нема известување за причините за одложувањето и за евентуалниот датум кога да се очекуваат резултатите. Настанатото необразложено доцнење предизвикува нарушување на организацијата и планирањето на работата и уште голема неизвесност.
И додека светот се бори за постепено повторно отворање на културните простори за јавноста, за правно и административно признавање на специфичниот статус на културните работници на повисоко ниво, поедноставување на процедурите за добивање паричен надоместок и продолжување на роковите, поголема финансиска поддршка за уметничко творење, кај нас работите, кои и онака се тешки, уште повеќе се усложнуваат. Ситуацијата не е нималку сјајна, а луѓето во културата најдобро гледаат како овој сектор ја губи својата и онака скромна моќ.
На европскиот континент, во Франција, Германија, Италија и во Белгија, државата на големо помогна во уметноста и културата, компаниите од секторот, како и музеите, за да можат да го преживеат намалениот капацитет на посетеност.

Во мај лани, Емануел Макрон, претседателот на Франција, изјави дека сите работници од секторот култура што ќе ја изгубат работата ќе бидат покриени со националниот план за невработеност до август 2021 година. Во јуни, Моника Грутерс, германската министерка за култура, изјави дека милијарда евра ќе бидат насочени за повторно придвижување на културниот сектор, без разлика на големата помош што веќе е обезбедена во регионите на Германија. И во Велика Британија, каде што со месеци ѕвездите на британската култура се расправаа со Владата да преземат акција, на загрозените сектори во уметноста и културното наследство им беше дадена долгоочекуваната помош од Владата во износ од 1,57 милијарда фунти, што досега е најголема инвестиција во британската култура.

Светот одамна сфати со какви сериозни предизвици се среќава уметноста, особено денес, и дека мора да го зачува и заштити сето она што може за идните генерации. Ама светот деновиве почна да ја освојува и Црвената Планета…