Без компромис за детската грижа

Кој води грижа за децата? Кој сѐ има право да работи со деца? Дали родителите во желбата за поголема индивидуална грижа со ангажирање дадилка несвесно ги втурнуваат во ризик? Затајуваат ли институциите во контролите? Треба ли државата да ги заостри критериумите за тоа кој може да добие лиценца за чување деца?

Два случаја за само една недела, во кои дадилки физички и психички вршеле тортура врз децата дадени на чување, ја потресоа македонската јавност. Скандалот да биде уште поголем, случаите се откриени благодарение на безбедносни камери што ги снимиле приватните дадилки. И двете се на средовечна возраст, поради што би требало да се очекува поголемо искуство во грижата кон децата. Јавноста со право се прашува дали ова се единствените два вакви случаја, ако се знае дека во изминатите години имало регистрирани повеќе вакви ситуации.
Кој води грижа за децата? Кој сѐ има право да работи со деца? Дали родителите во желбата за поголема индивидуална грижа кон децата со ангажирање лични, приватни, дадилки несвесно ги втурнуваат своите деца во ризик? Затајуваат ли институциите во контролите? Треба ли државата да ги заостри критериумите за тоа кој може да добие лиценца за чување деца?

Сите овие прашања заслужуваат сериозен одговор, базиран на општа дебата и анализа.
Овие два настана укажуваат на сериозноста дека не треба да се гледа на нив како на изолирани случаи, туку треба сериозно преиспитување на функционирањето на системот за детска заштита. Станува збор за деца, кои ако се малтретирани на оваа возраст можат да добијат сериозни здравствени последици.
Од Министерството за труд и социјална политика рекоа дека лиценца за негувател може да се добие само со аплицирање до министерството и со полагање електронски испит. Но проблем е што лиценци им се даваат на лица со завршено средно образование, без разлика на струката. Надлежните од министерство посочуваат дека досега се издадени 3.000 лиценци во земјата, а повеќето од тие физички лица се вработени во јавните и во приватните детски градинки.

Пристапот кон овој проблем треба да биде повеќеслоен. Во првиот сегмент, Министерството за труд и социјална политика и сите надлежни институции мора да направат комплетна анализа и преиспитување на начинот на кој досега биле издавани лиценците за дадилки, контрола на агенциите што вработуваат и посредуваат во пронаоѓање лица што чуваат деца и ако е потребно да ги зајакнат критериумите, зашто денес главен услов за добивање лиценца е да имате завршено средно образование и да не сте осудувано лице. Кога станува збор за грижа кон децата, неопходно е да се зајакнат методите за да се утврди психофизичката состојба на тие лица, нивната ментална состојба за грижа кон децата, како и нивната желба да работат со деца, а не тоа да им биде само начин и извор за егзистенција.
Во странските земји таквите лица поминуваат и дополнителни курсеви за едукација за работа со деца. Ако не може секој да работи во детска градинка, зашто секој би можел да чува дете во домашни услови? Тоа е клучното прашање на кое треба да се осврнат институциите.

Вториот сегмент се родителите и нивната поголема посветеност кон децата, наспроти довербата што ја имаат во избраната дадилка. Тие треба да се консултираат и со стручни лица, како психолози, за тоа како да научат да препознаат дали нивното дете некаде е малтретирано. Психолозите велат дека детето преку своето однесување покажува дали негувателката физички или психички го малтретира. Иако посочуваат и дека при изборот на дадилка многу е тешко да се види дали едно лице може да биде насилно или не. Симптомите, според нив, се многу очигледни, на пример, ако детето е нервозно, не може да спие, ако мокри навечер, односно, ако се враќа на некое однесување што го прераснало, ако се жали, ако не си ја сака дадилката, има некоја причина зошто детето не ја сака.
Третиот слој во оваа грижа кон децата треба да го има и невладиниот сектор, како граѓански контролор на функционирање на системот за детска заштита. Тоа подразбира многу поголема активност во разоткривањето такви случаи, независно набљудување на работата на агенциите за дадилки, како и правење почести испитувања на функционирање на системот и преиспитување на законските механизми и давање сугестии до надлежните институции за подобрување на квалитетот на оваа проблематика.

Основната функција на дадилката не е само да го причува детето додека родителите се на работа, или да се зафатени со некоја друга обврска, туку на тоа дете да му овозможи и воспитно-едукативен елемент во неговиот развој.
Последниот синџир на грижа кон децата треба да биде одговорноста и казнивоста на лицата што извршиле малтретирање врз деца. Неопходни се сериозни санкции кон овие лица, но и санкции кон агенциите, ако родителите ги ангажирале преку нив. Крајната цел на овој систем за грижа на децата треба да придонесе дадилката во Македонија да стане сериозна професија, а не само импровизација во замената на бабите и дедовците или на родителите.

Овие случаи не треба да останат заташкани и нерасчистени, туку од нив да произлезат поука и сериозна иницијатива. Наша заедничка задача е да алармираме поради влошувањето на состојбата со насилството врз децата и да ги поттикнеме институциите да се активираат за негово спречување.

[email protected]