Безбедни избори или српско сценарио

Во досегашниот тек на кампањата најмалку внимание и време се трошат на здравствените и безбедносните протоколи за ковид-19, кои се запоставени и фрлени во втор план од сите учесници во кампањата. Како сѐ друго да е поважно од здравјето. Изненадувачки, но ниту ДИК ниту политичките партии што учествуваат на изборите досега не поведоа паралелна кампања или акција што ќе се фокусира примарно и единствено на здравствениот сегмент и безбедноста на гласачите и учесниците на изборите

Веќе видено, а на моменти толку многу познато и полно со меѓусебни навреди и обвинувања. Вака во кратки црти може да се опише првата недела од изборната кампања. Политичките конкуренти одбраа да водат таканаречена валкана кампања, која повеќе се фокусира на напади кон противникот отколку на промоција на сопствената понуда. Дали е тоа затоа што политичката, програмска и кадровска понуда е тенка или, пак, затоа што пропустите и грешките на противникот се полепливи за уво и попривлечни за привлекување гласачи. Веројатно и од двете помалку. Секако, во програмите на политичките партии има и добри, издржани идеи и проекти, кои, за жал, паѓаат во сенка на воинствената реторика и изразениот меѓусебен антагонизам.
Сепак, кога во партиските програми ќе прочитате повторно набројување на неостварени проекти и ветувања стари повеќе од 20 години, едноставно се прашувате дали партиите застанале во времето или можеби, надевајќи се на претходно постигнат успех, се обидуваат на иста јадица и со исти мамци да ловат повеќепати.

А такви евергрин-ветувања и проекти има во програмската понуда и на власта и на опозицијата. На пример, изградба на пругата кон Бугарија. Ветување дадено во 1993 година, по 27 години повторно се рециклира и се враќа во игра. Има уште цел куп вакви заборавени, нереализирани ветувања и проекти што пак се нудат и доколку ги набројуваме сите, отиде целата колумна.
Од друга страна, искуствата од поранешните изборни циклуси покажуваат дека граѓаните повеќе излегуваат да казнат одредена опција отколку некого да наградат, иако овој пат многу потешко би можело да се повлече некаква паралела или да се споредуваат изборните циклуси. Зашто околностите се сосема поинакви. Во услови на глобална пандемија на коронавирусот и галопирачки раст на бројката на заразени лица во државата, сега како суштествено и доминантно прашање се наметнува здравствениот предизвик на изборите. Може ли да се организираат безбедни избори по здравјето на граѓаните и со тоа истовремено да се постигне и поголем одзив на гласачките места?

Бидејќи чувството на неизвесност, неспокој, страв од вирусот лебди насекаде околу нас. И меѓу политичарите и кај граѓаните. Во моментов сите во државата сме исправени пред предизвикот безбедни или безвредни избори. Зашто доколку не се мобилизираат сите сили и не се направат максимални усилби да се овозможат здравствено безбедни избори, многу лесно истите тие може да се претворат со безвредни поради малиот одзив, што, секако, го доведува во прашање и нивниот легитимитет.
Во таа насока и показателите од соседството и светот се доста загрижувачки и мора сериозно да се анализираат. За да не се направат истите грешки, кои потоа скапо ги плаќаме. Соседна Србија, која неодамна спроведе избори, сега се соочува со предизвикот на повторно враќање на рестриктивните мерки токму поради зголемениот број на заболени. Таму веќе се најавува затворање на студентските домови, поради што студентите излегуваат на протести. Значи, по изборите, нашиот северен сосед се соочува со опасност од граѓански немири и протести на разни социјални структури. Вакво сценарио, се разбира, никој не посакува во Македонија, нели?

Во едни вакви реални опасности по малку изненадува надреалната слика со која политичките субјекти настапуваат пред граѓаните. Во досегашниот тек на кампањата најмалку внимание и време се трошат на безбедносните протоколи. Како сѐ друго да е поважно од здравјето на граѓаните. Државната изборна комисија го контролира и надгледува текот на изборната кампања, но досега нема информации дали се забележани прекршувања на здравствените протоколи. Изненадувачки, но ниту ДИК ниту политичките партии што учествуваат на изборите досега не поведоа паралелна кампања или акција што ќе се фокусира примарно и единствено на здравствениот сегмент и безбедноста на гласачите и на сите учесници на изборите.
Без разлика на партиските калкулации и математики, во понатамошниот тек на кампањата многу поголемо внимание и простор треба да се посвети на афирмација и примена на здравствените протоколи за безбедно гласање и мотивирање на граѓаните да излезат на избори.

И тоа да се прави не со нереални претпоставки и лажни ветувања, туку со аргументирани, цврсти и научно поткрепени факти и гаранции дека е возможно организирање здравствено безбедни избори. Ако треба, нека се гласа на отворено, под шатори и слично, само опасноста од ширење на вирусот да се сведе на минимум.
Секој граѓанин што ќе излезе да го даде својот глас и да го оствари своето законско и уставно право, да биде уверен дека нема да се врати дома со корона, како „додадена вредност“ на изборниот процес. Поуките од Србија се сосема доволен показател како не треба да дозволиме да се развие ситуацијата со ширењето на пандемијата.
За Македонија успешни, инклузивни и безбедни избори значат колку што е можно поголем одзив на гласачите, заштита на јавното здравје и непречено функционирање на институциите, без каков било повод за незадоволство, протести и сл.
Во моментов ковид-19 е најголемиот и најопасен непријател на државата и треба да се бараат начини како најбрзо и најуспешно да се справиме со заразата. Самите со сопствени сили и знаење. Дека е тоа така јасно ни порача и Европската Унија, која, ете, деновиве ни воведе нов критериум.

Наспроти сите наши досегашни напори, заложби, болни отстапки за приближување кон ЕУ, коронавирусот наеднаш ни ја спушти рампата и нѐ отсече од ЕУ. Македонија сега е изолирана и отфрлена држава, чии граѓани се непожелни за влез во државите во ЕУ. Тоа сами си го направивме со политичката попустливост и неконзистентност во спроведување на мерките за борба против вирусот, што потоа ни се врати со рапиден скок на бројот на заразени.
Сега клучен критериуми за повторно отворање на границите за Македонија кон Европа е епидемиолошката слика на државата. Во превод, тоа значи бројката на нови случаи со ковид-19 регистрирани во последните 14 дена да е до или под 20 нови случаи на 100 илјади жители. Токму последните денови и недели Македонија бележи нови рекорди, со трицифрена бројки на новозаразени, што, секако, уште повеќе нѐ оддалечува од ЕУ.

За да не остане незабележано, за нотирање е уште еден парадокс во досегашниот тек на изборната кампања, сервиран од ДУИ. Оваа политичка структура за овие избори излезе со идејата за премиер Албанец, при што предложениот кандидат од нивна страна води сопствена паралелна кампања како наводен иден премиер. Парламентарната демократија и изборниот систем во Македонија не познаваат директни избори за премиер, туку избори за народни пратеници што го сочинуваат новото собрание, кое потоа избира влада, врз основа на постигнатите резултати од изборите. Партиите во текот на кампањата, се разбира, може да излезат со таканаречен шпиц-играч или кандидат за премиер, но на крајот секогаш се пресудни бројките, освоените мандати и волјата на граѓаните. ДУИ веројатно игра на картата дека без нив не е можно формирање владино мнозинство и во едни такви околности ќе можат да наметнат свои барања, односно уцени до победничката партија или коалиција. Со тиранската платформа и двојазичноста, еднаш тоа им помина. Сега влогот (читај уцената) е уште поголем. Може ли да им помине пак?

[email protected]