Балкан-филм од Б-продукција

Од досегашното искуство со функционирањето на ЦЕФТА, и оваа најнова промоција на малиот шенген изгледа како филмска фикција. Постојат голем број примери кога со еднострани одлуки на земјите-членки се воведуваа блокади и забрани за увоз на разни земјоделски производи

Во изминатава недела балкански хит беше објавувањето видеоснимка на која се двајца шпиони, едниот руски разузнавач, а другиот пензиониран воен српски офицер, како разменуваат доверливи документи со непозната содржина! Накратко, оваа шпионска сага во Белград се одвива вака: двајцата главни ликови се среќаваат во ресторан во приградска населба. Тие не знаат дека ги следи непознато лице, кое ги снима тајно како разменуваат документи и ќесе во кое има шише „вотка“ и плик со пари. Дејството на овој шпионски акциски филм од руско-српско-бугарска и западна копродукција се одвивало пред една година, но сега доживува премиера и јавно објавување на социјалните мрежи.

Но расплетот на оваа афера е многу поинтересен од содржината на самата снимка. На програмите на српските медиуми продефилираа многу експерти за разузнавачки активности, кои предупредија дека Србија е сериозно нападната со разни средства и методи на најновото хибридно војување. Според нивното толкување, целта со откривањето на рускиот шпион е да им се наштети на традиционално пријателските односи меѓу Белград и Москва. Една недела по објавувањето на снимката нема информации која тајна му била пренесена на рускиот шпион и дали е уапсен српскиот офицер!? Но затоа одговор од српскиот претседател Александар Вучиќ беше дека ништо нема да влијае на нивната одлука да останат воено неутрална земја и дека Србија нема да влезе во НАТО! На ова се огласи и Стејт департментот, кој изрази загриженост за „непримерното руско мешање во Србија“.

На обичните граѓани, кои се пораснати со многу поголеми приказни за разни странски влијанија и конспирации на невидливи центри во светот, најновата шпионска епизода од Белград им изгледа премногу бледо и неуверливо. Наивно е да се поверува во теоријата дека со откривањето на еден руски шпион, кој е сниман од западен разузнавач (се сомнева на Бугарија), ќе се натера Србија во прегратките на НАТО. Жителите на овие простори се нагледале евтини филмови што им ги прават политичарите. Така што и објавувањето на видеото е само начин да се сврти вниманието од други поважни теми што се одвиваат во заднината на политичката сцена во Србија, па и на Балканот.

Жителите на овие простори се нагледале евтини филмови што им ги прават политичарите. Така што и објавувањето на шпионското видео е само начин да се сврти вниманието од други поважни теми што се одвиваат во заднината на политичката сцена во Србија, па и на Балканот

Една од нив е и најновиот филм за мини-шенген, за кој српскиот претседател Александар Вучиќ изјавува дека е најдобра идеја за регионално поврзување што се случила во последните триесет години. Или, како што сликовито се искажа во интервјуто за германскиот весник „Шпигел“, „наместо војни и масакр, на граѓаните ќе им се понуди некаков вид Скандинавија за сиромашни, а балканскиот регион ќе стане европска машина на економски пораст“. Се чини оваа сторија секојдневно се реобјавува и добива сѐ поголема гласност во земјите што се и дел од оваа иницијатива, а тоа се Србија, Албанија и Македонија, кои дадоа отворена понуда и за приклучување на Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Во оваа приказна особено треба да се следи однесувањето на политичкиот врв во Македонија. По првото остро противење дека нема да биде прифатливо каква било Б-интеграција, како замена за невлегување во Европската Унија, кај нашите политичари се забележуваат „поконструктивни“ настапи во однос на поголемото регионално и економско поврзување на земјите од Западен Балкан. Премиерот Зоран Заев без резерви говори за придобивките од поголема балканска економска соработка. Претседателот Стево Пендаровски, кој учествуваше на Регионалниот младински форум во Нови Сад, нагласи дека со формирање мала ЕУ, но не како компензација на членството во неа, земјите од регионот ќе имаат шанси да ги задржат младите и вистински да го реформираат општеството во своите земји.

Од досегашното искуство со функционирањето на ЦЕФТА, и оваа најнова промоција на малиот шенген изгледа како филмска фикција. Постојат голем број примери кога со еднострани одлуки на земјите-членки се воведуваа блокади и забрани за увоз на разни земјоделски производи. Заложбата на балканските лидери за „слободен проток на стоки, луѓе и капитал“ се сведуваше на празна парола, без поконкретна примена во практиката. Клучна обврска на државите од регионот пред влегување во Европската Унија е европеизација на внатрешниот простор преку воведување правен систем и еднаква правда за сите граѓани, изградба на слободен пазар и укинување на монополите, каде што секој субјект и поединец ќе има еднакви можности за работа и за заработка. Сѐ дотогаш луѓето ќе заминуваат, а во балканското кино ќе има сѐ помалку гледачи што ќе гледаат претстава со неизвесен крај.