Балканските реформатори на колена

Во отсуство на силно изразена политичка волја за наоѓање решение за горливите прашања, балканските политичари предвремените избори ги користат како политичко орудие за „пресметка“ со противникот. Во ваков амбиент полесно им е да создаваат континуирани „вонредни“ состојби, а граѓаните да бидат изложени на постојана и сурова пропаганда за тоа дека во прашање е доведена иднината на земјата!

На Балканот се доцни во многу работи, но единствено што може да се случи порано на овие простори се изборите. Политичките елити од власта и од опозицијата во сите балкански земји своето дејствување и време главно ги трошат на дебати за тоа дали и кога би можело да се организираат предвремени парламентарни избори. Двете страни имаат различни мотиви. Едните да добијат време, пред да им се намали драстично довербата кај гласачите, а другите што порано да стигнат до привилегиите што ги носи власта. Во тие политички и бизнис-калкулации, малку кој помислува на спроведување навремени и вистински реформи во сите области со кои во нивните земји и генерално во целиот регион, би се создале стабилни услови за долгорочен економски развој.

Во моментов, низ ваков предизборен амбиент поминуваат сите земји од Загреб до Атина и од Софија до Тирана. Грчкиот премиер Алексис Ципрас, по поразот на европските избори од конкурентот Нова демократија, веќе ги распиша предвремените избори. Српската опозиција подолго време врши притисок за одржување парламентарни избори, според еднакви услови за натпревар со надмоќниот Александар Вучиќ.

Српскиот претседател, притиснат од меѓународната заедница за скоро решавање на косовскиот јазол, најави одржување парламентарни избори за наредната пролет. Власта на албанскиот премиер Еди Рама е изложена на постојани и насилни протести на опозицијата за заминување од власта. Долго време во таква состојба е и Црна Гора, каде што дел од опозицијата го бојкотира Собранието и бара одржување предвремени избори. Најави за предвремени избори пристигнуваат и од кабинетот на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој исто така се соочува со пад на рејтингот, што се виде на последните избори за Европскиот парламент. И премиерот на Македонија, Зоран Заев, испраќа предупредувачки пораки за можноста за одржување предвремени избори, по неизвесното исчекување на датумот за преговори со Европската Унија.

Најмалата цена што ќе ја платат политичарите со својот „реформаторски“ пристап, е што ќе се соочат со критиките од видот „предавник“ и „мафијаш“ и, секако, неминовното губење на власта. Во најлош случај тоа е и губење на живот, како во случајот со премиерот Зоран Ѓинѓиќ, кој најави драстични и драматични промени во Србија

Во отсуство на силно изразена политичка волја за наоѓање решение за горливите прашања, балканските политичари предвремените избори ги користат како политичко орудие за „пресметка“ со противникот. Во ваков амбиент полесно им е да создаваат континуирани „вонредни“ состојби, а граѓаните да бидат изложени на постојана и сурова пропаганда за тоа дека во прашање е доведена иднината на земјата! Од штабовите на власта и на опозицијата се користат докажани методи за добивање на гласовите од граѓаните, преку пласирање исфабрикувани информации со кои се врши национална и гласачка мобилизација, со која уште повеќе се влошува состојбата, во веќе длабоко поделеното општество на верска, идеолошка и национална основа. Намерата е очигледна, со користењето на постојани манипулации, интересите на граѓаните за подобар живот, се ставаат во втор план.

На овие простори, најтешко е да се обидеш да бидеш реформатор и да се менуваат лошите навики во општеството, економијата, културата за да му се помогне на народот да живее подобро. Како што забележува Жарко Ракиќ, во својот коментар за „Политика“, реформаторите и визионерите лошо поминувале кај пошироките народни маси. Секој обид за промена наидувал на ѕид на кој е напишана пораката – не бранувај. Најмалата цена што ќе ја платат политичарите со својот „реформаторски“ пристап, вели тој, е што ќе се соочат со критиките од видот „предавник“ и „мафијаш“ и, секако, неминовното губење на власта. Во најлош случај тоа е и губење на живот, како во случајот со премиерот Зоран Ѓинѓиќ, кој најави драстични и драматични промени во Србија.

Отпорот кон промените на балканските простори ги обединува луѓето со најразлични политички, економски и верски интереси, кои својот опстанок го гледаат во создавање постојана и контролирана нестабилност на регионот. На ова се надоврзуваат и новите геополитички поделби и исцртувањето нова граница меѓу Истокот и Западот. Најголеми губитници во овие глобални игри се мнозинството граѓани, кои, поради вродениот страв од промени, лесно подлегнуваат на лажни ветувања на новите политичари. Сево ова ги принудува балканските реформатори да клекнат на колена и да им остават простор на слаткоречивите политичари, во чии говори има многу приказни од националните истории. Оваа состојба хрватскиот премиер Пленковиќ, по слабите резултати на последните европски избори, ја објасни со тоа што гласачите биле под влијание на „слободните“ стрелци во лов на гласови и мејнстрим партиите, што се еден од најголемите предизвици за функционирање на модерната демократија.