Балканскиот шнајдер

Постои ли опасност зад превезот на разните видови меѓудржавна соработка да се кријат амбициите на некои балкански политичари за спроведувања големодржавни политики, чија крајна цел е прекројување на границите на регионот. На ваква дилема нѐ наведуваат последните пораки на политичарите Албанци од државите во регионот, кои со своите изјави и дејствувања го привлекоа вниманието на регионалната јавност и меѓународната заедница

Секое поместување, кревање или најава за бришење на границите во регионот, затскриено под псевдонимот „меѓудржавна соработка“, е многу опасно. Вака барем со години предупредуваа светските политичари и аналитичарите од регионот. Доволно е да се прочешлаат адресите на сите загрижени од дијалогот Приштина – Белград за да се разбере ефектот на ова тврдење. Впрочем, токму реакциите што следуваа по најавата на албанскиот премиер Еди Рама од неговото новогодишно обраќање, во кое тој на отворањето на границите на Албанија со Косово, што настапи на првиот ден на 2019 година како дел од спогодбата меѓу двете влади за соработка потпишан минатата година во Пеќ, меѓу другото порача дека ова е само почеток на „бришењето на границите за Албанците на Балканот“, го подгреаја духот на национализмот и дополнително ја наелектризира состојбата во регионот. Ваквата изјава на албанскиот премиер ја засили нервозата во соседството, вклучувајќи и кај нас, која, според многумина, се создава не поради ендемската лабилност на границите во регионот туку поради дискутабилната стабилност на гаранциите на Западот за ваквите идеи.

Токму овие пораки, кои се во насока на затскриено заживување на идеите за некакви големи држави на просториве од опкружувањето во име на „меѓудржавна соработка“, повторно се популарни. Тоа се случува особено по отворените изјави на регионалните, но и кај дел од домашните политичари, за промена на границите и откако Србија и Косово се под притисок да ги решат сите отворени прашања, вклучувајќи го и дефинирањето на границата за да се изградат поблиски врски со ЕУ и на крајот да му се приклучат на блокот.

Хронолошки гледано, ова не е ниту прв ниту последен бисер на албанскиот премиер Рама споделен на оваа тема што останал неказнет од Западот. Најсвежата изјава на Рама, во која рече дека 2019 година ќе биде година кога нема да постои граница за Албанците на Балканот, доаѓа како продолжение на серијата ставови на политичари од земјава и Албанија што во последните месеци ја разбрануваа регионалната јавност токму со мислења дека по „укинувањето“ на границата помеѓу Приштина и Тирана ќе следува и духовно обединување на албанскиот народ во регионот, кое треба да продолжи и во другите земји, меѓу кои и Македонија и Црна Гора, но и во Грција.

Иако долго време промената на границите беше табу-тема на Балканот, сега, како што неодамна напиша германскиот весник „Бадуше цајтунг“, некои балкански политичари пред влезот на земјите во ЕУ отворено се закануваат со отцепување на поединечни региони и нивно приклучување кон таканаречените татковини-мајки. Целата ситуација дополнително ја заостри еден текст во весникот, кој потсетувајќи на предлогот на Еди Рама за евентуален заеднички претседател на Косово и Албанија и на изјавите на косовскиот претседател Хашим Тачи за „корекција на границите“, го критикуваше овој чин на едношалтерски систем што се воведе меѓу Косово и Албанија.

И додека албанската опозиција смета дека единствено решение за спас на земјата е уривање на владата на премиерот Еди Рама и се противи на неговите политики, а тој се соочува со судир на пратениците во парламентот каде што беше дури гаѓан и погоден со јајца на говорницата, се поставува дилемата дали постои опасност зад превезот на разните видови меѓудржавна соработка да се кријат амбициите на некои балкански политичари за спроведување големодржавни политики, чија крајна цел е прекројување на границите на регионот. Една ваква операција секако би имала далекосежни погубни последици и врз Република Македонија.

Заживувањето на идеите за големите држави на просториве како услов за траен мир на Балканот, но и бришење на постојните граници, актуелно деновиве, ги подгреаја старо-новите дилеми и безбедносни прашања, од кои директно сме засегнати и ние.
Сега, меѓутоа, кога повторно врие на Балканот, пред влезот на земјите во ЕУ и во НАТО, овие идеи и јавно искажани налудничави тези треба да го вклучат алармот кај Брисел и Вашингтон од последователен можен конфликт како резултат на повиците за ново прекројување и кроење на Балканот.

Како и да е, Македонија и регионот треба да се навикнат дека помудро би било да се намали значењето на овие националистички изливи на поединци и повици за корекции на границите на Балканот, а во исто време да побараат поостри реакции од Западот за ваквите налудничави соништа, бидејќи историјата покажала дека во тоа нема никаков просперитет, ниту економски ниту политички, а уште помалку национален.