Балканска информативна дружба

Веста дека косовскиот вицепремиер, Енвер Хоџај изјавил оти во Македонија, Хрватска и во Црна Гора разговарал за формирање пакт против Србија, доби поголем публицитет дури и од последниот концерт на Цеца и од здравствениот билтен на Дарко Лазиќ. Никој притоа не ја побара оригиналната изјава на Хоџај, ниту пак се запраша зошто овие земји би правеле пакт против Србија. Дури и да „истресел“ Хоџај некаква таква мисла, останува прашањето кому сега му е потребен пакт против Србија. Но во меѓувреме стигнаа и демант од Хоџај и одговор на прашањето кому му е потребен некаков пакт против Србија

„Со вешта и упорна пропаганда, дури и рајот можете да им го претставите на луѓето како пекол, и обратно, најмизерниот живот можете да им го прикажете како рај“. Оваа мошне позната мисла на Адолф Хитлер, која преку едно од најконтроверзните автобиографски дела во историјата, „Мајн Кампф“, го надживеа својот автор, речиси цел век наоѓа плодна почва за виреење во умовите на малите адолфовци со големи амбиции. Со либерализацијата на медиумскиот пазар и со забрзаниот проток на информациите преку електронските медиуми и социјалните мрежи, таа доби шанса да го расфрла своето отровно семе низ времето и просторот, без никакви ограничувања.

Изложени на агресивната пропаганда, луѓето, сакале или не, често реагираат така што само брзо ги апсорбираат информациите, без никаква анализа, преиспитување и критика. Итрите пропагандисти, пак, добро го користат отсуството на рационално однесување и продолжуваат засилено да атакуваат врз чувствата на несигурност и страв кај луѓето и да ги користат јазичните двосмислености за целосно да ги извртат сите правила на логиката. Историјата покажа дека таквите тактики, за жал, можат да бидат многу успешни. И разорни.

Вака некако теоретичарите би го објасниле феноменот на манипулирањето со информациите. А мошне верна илустрација на таквата ситуација имавме деновиве во „Балканскиот вилает“, се разбира, сега веќе модернизиран до толку што катиљ-ферманите за само неколку секунди ги поминуваат границите, на државите и на здравата логика.

Изложени на агресивната пропаганда, луѓето, сакале или не, често реагираат така што само брзо ги апсорбираат информациите, без никаква анализа, преиспитување и критика. Итрите пропагандисти, пак, добро го користат отсуството на рационално однесување и продолжуваат засилено да атакуваат врз чувствата на несигурност и страв кај луѓето и да ги користат јазичните двосмислености за целосно да ги извртат сите правила на логиката. Историјата покажа дека таквите тактики, за жал, можат да бидат многу успешни. И разорни

Имено, веста дека косовскиот вицепремиер, Енвер Хоџај за хрватскиот „Вечерњи лист“ изјавил оти во Македонија, Хрватска и во Црна Гора разговарал за формирање пакт против Србија, доби поголем публицитет дури и од вестите за последниот концерт на Цеца и од здравствениот билтен на Дарко Лазиќ, така што со денови не престана да се влечка низ медиумите, кои за да ѝ дадат тежина на веста уредно се повикуваа на „Вечерњи лист“. Никој притоа не ја побара оригиналната изјава на Хоџај, ниту пак се запраша зошто овие земји би правеле некаков пакт против Србија. Дури и да „истресел“ Хоџај некаква таква мисла, останува прашањето кому сега му е потребен пакт против Србија. Но во меѓувреме стигнаа и демант од Хоџај и одговор на прашањето кому му е потребен некаков пакт против Србија. На самите Срби, поточно на властите во Србија, кои игнорирајќи ги негирањата на челните луѓе од споменатите земји, упорно продолжуваат да се самозалажуваат и самосожалуваат тврдејќи дека ете повторно, ако не целиот свет, тогаш барем целиот регион, е против нив. Тие дури отворија и дебата во парламентот на Србија обвинувајќи ја сопствената опозиција дека е дел од пактот. Некои од тамошните медиуми отидоа дотаму што најавувајќи го самитот на Централноевропската иницијатива во Загреб, лансираа и информација дека таму ќе се разговарало и за формирање на пактот. Што по ова може да помисли некој земјоделец во Шумадија?

Сосема очекувано, како по директива, позицијата на властите во Белград, ја поддржаа и политичките претставници на Србите во соседните држави. Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник во Собранието, Иван Стоилковиќ, на пример, јавно го повика премиерот Зоран Заев да даде одговор однапред тврдејќи оти „на сите им е јасно дека Заев нема да одговори, бидејќи тој…“ Заев сепак излезе и рече оти се оградува од какви било разговори на таа тема, бидејќи тие, како што истакна, и не постоеле. Никој потоа не побара дополнително објаснување од пратеникот Стоилковиќ.

Уште подалеку отиде лидерот на Србите во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, со тврдењето дека таков антисрпски фронт во регионот веќе одамна постои. Неговиот сонародник, претседател на српската парламентарна комисија за Косово и Метохија, Милован Дрецун, пак, во приказната ја вовлече и Албанија, убеден дека таа всушност стои зад целата работа. Дури и „угледни“ српски аналитичари и дипломати се вклучија во жалопојката. А медиумите низ регионот неуморно веќе со денови штанцаат наслови и, повикувајќи се едни на други, продолжуваат да бараат нови „антисрпски сојузници“.

Но сето тоа, колку и да може да има страшни последици, е помалото зло во целата работа. Поголем проблем е тоа што медиумите, применувајќи ја истата тактика, не се во состојба да разгорат дебата и да ги натераат балканските политички лидери на меѓусебно соочување кога станува збор за некоја сериозна тема од регионален интерес, како на пример, за тоа како се дели и каде завршува не баш скромниот имот од некогашната СФРЈ или за затворањето на клириншкиот долг на некогашниот СССР. Интересно би било и да ги споделат со јавноста своите сознанија за големите текови на парите преку „мултинационалните компании“, кои го окупираа Балканот, за квалитетот на храната и на лековите што, преку редовни и шверцерски канали, циркулираат преку границите, за загадувањето… Но тие теми, иако суштествени за граѓаните, не носат политички профит за политичарите. Напротив, претставуваат сериозна опасност за повеќето од нив доколку некој во говорничкиот занес би кажал повеќе одошто треба, а веројатно и сериозен тест за голем број од медиумите во однос на нивната способност да се носат со таквите теми и во однос на нивната подготвеност конечно да ја оправдаат општествена функција што им е зададена.