Балканизација на Европа

Изборните резултати од Баварија го потврдуваат ставот дека политичката фрагментација е новата нормала во Европа. На национално или на европско ниво, гласачите бараат храбри реформи, а традиционалните партии не се во можност да им ги понудат, па тие се вртат кон други политички опции. Сето тоа води кон балканизација, како што љубат да кажат западњаците, бидејќи политичката сцена се дели на помали групи, кои не можат да најдат заеднички јазик да ги решат проблемите, а тоа само ја засилува поларизацијата

Дебакл, фијаско, катастрофа. Како Баерн Минхен да паднал во втора лига. Вака германските аналитичари ги коментираат изборните резултати на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), баварската сестринска партија на демохристијаните на Ангела Меркел. Изборните загуби се тежок удар за Меркел, која пред неколку месеци едвај формира кревка коалиција со ЦСУ и со Социјалдемократската партија (СПД). Лошите резултати на обете партии на изборите во Баварија само ја потврдуваат сложената политичка сцена за големите партии во Европа. Веќе нема традиционална левица и десница, туку гласачите се вртат кон нови партии, многу од нив со популистички идеи и со магични решенија за проблемите. Политичката фрагментација е новата нормала за Европа, а политичкиот земјотрес од Баварија се очекува да се почувствува во Берлин, ама и во Брисел.

Што се случи во Баварија? ЦСУ со години речиси неприкосновено владееше со богатата германска покраина, но изминатиот викенд забележа најлоши изборни резултати во изминатите шест децении. Наспроти драматичниот пад на ЦСУ и на СПД, на изборите добри резултати забележаа зелените и популистите од Алтернатива за Германија (АФД), кои првпат влегоа во баварскиот парламент. Успехот на АФД во Баварија не е толку голем како во Источна Германија, но популистите сепак зедоа голем дел од гласовите на ЦСУ. Сестринската партија на демохристијаните на Меркел, како и многу други поумерени конзервативни партии во Европа, реши да позајми дел од екстремните решенија на популистите во обид да ги привлече гласачите, но притоа ја загуби поддршката од поумерените гласачи. ЦСУ ја зеде здраво за готово својата доминантна позиција, но нејзиното гласачко тело полека почна да се ситни во момент кога истата судбина ги најде сите поголеми партии во Германија и во другите земји во Европа.

Сепак, падот на ЦСУ коинцидира со пристигнувањето на еден милион мигранти во Германија по одлуката на Меркел да ја спроведе својата политика на отворени врати во 2015 година. Имигрантскиот бран ги зголеми политичките поделбите и ксенофобијата во Баварија, но и во цела Германија, а лидерот на ЦСУ и федерален министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, јавно се судри со Меркел за нејзината имиграциска политика. Во обид да се справи со имигрантскиот бран, раководството на ЦСУ презеде популистички мерки, па, на пример, усвои закон за забрана на бурките и за задолжително поставување христијански крстови во сите јавни објекти. Отворениот судир меѓу Зехофер и Меркел за мигрантите и за контрола на границите се закануваше да ја собори и онака кревката владина коалиција. Сето тоа ги премисли гласачите. Изјавите на еден 50-годишен германски гласач, кој првпат решил да не гласа за ЦСУ, можеби најдобро го отсликува актуелното расположение на избирачите во Германија, па и пошироко во Европа. Тој ги обвинува големите традиционални умерени партии како ЦСУ дека соработуваат со бизнис-елитите, а ги изневеруваат обичните гласачи и згора на сѐ само ги копираат екстремните позиции на популистите. Тој, како и многу други Европејци, се надева дека изборните шлаканици ќе ги натераат политичарите конечно нешто да променат.

Прашањето е колку е тоа можно. Набљудувачите во изминатите години гледаа подем на популистите на европската сцена, бидејќи во многу држави тие обезбедуваа доволно гласови за да влезат во владејачките коалиции или од нив да зависат малцинските влади, што значеше и поголем удел во креирањето на идните политики. Но подемот на популистите е само последица на фрагментацијата на политичката сцена и порастот на недовербата во традиционалните големи партии, кои поради неможноста да соберат доволно храброст за да спроведат сеопфатни реформи, на крајот ги губат гласовите и тие се одлеваат кај партиите што се фокусираат само на еден проблем или на помала група прашања. Резултатот од тоа се поделени парламенти и нестабилни, краткотрајни владини коалиции, кои уште потешко можат да најдат решение за проблемите. Истражувањата покажуваат дека економските кризи се главен фактор за ерозија на довербата во традиционалните политички партии. На пример, едно истражување на минхенскиот институт ИФО на над 800 изборни резултати во изминатите 140 години покажува дека несигурноста се зголемува по големите економски кризи, а тоа резултира со намалување на владејачките мнозинства и со подем на поекстремните опции, кои најчесто вината за кризите ја лоцираат кај малцинствата или кај доселениците. Во таква поларизирана атмосфера и со такви поделени парламенти, шансите за големи реформи се уште помали бидејќи нестабилните коалиции не можат да се договорат околу спроведувањето на неопходните промени.

Истата ситуација потоа се пресликува и на наднационално ниво. Доволно е само малку да се сврти погледот кон ЕУ за да се види колку националните поделби влијаат на европската сцена. ЕУ наредната година ја очекуваат избори за Европскиот парламент, а таа мака мачи прво да ги убеди гласачите дека е битно да излезат на гласање (доказ за тоа е 30-милионската предизборна кампања „овој пат и јас гласам “). Згора на тоа, во Европскиот парламент, како и во националните парламенти, се очекува поголема политичка фрагментација, што во иднина ќе значи уште поголеми проблеми во обидите да се најде начин за спроведување на толку потребните реформи во ЕУ. Колку овие прашања се битни покажува едно истражување на организацијата „Пријатели на Европа“. Главната порака од истражувањето е дека без неопходните реформи, ЕУ ќе остане небитна за мнозинството нејзини граѓани (во моментов речиси половина сметаат дека таа е небитна). Уште попоразувачко е тоа што околу две третини од Европејците не се убедени дека нивниот живот би бил полош надвор од ЕУ. Повеќето од нив немаат проблем со предавање на дел од националниот суверенитет на Брисел, ама сакаат трошењето на европските пари да биде потранспарентно и да имаат поголем удел во креирањето на ЕУ-политиките.

Без разлика дали станува збор за национално или за европско ниво, основниот заклучок е дека гласачите бараат храбри промени, а традиционалните големи партии во моментот не се во можност да им ги понудат, па тие се вртат кон други политички опции. Сето тоа води кон политичка балканизација, како што љубат да кажат западњаците, бидејќи политичката сцена се дели на што помали непријателски настроени групи, кои не можат да најдат заеднички јазик за да ги решат проблемите. Песимистичкото сценарио вели дека поларизацијата тогаш само ќе се интензивира. Но која е пооптимистичката опција? Очигледниот одговор е традиционалните партии да не ја земаат доминатната позиција како дадена и да почнат да бараат сеопфатни решенија за проблемите ако сакаат да ја вратат довербата на гласачите. Се разбира, тоа е полесно да се каже отколку да се направи. На пример, како што пишува „Гардијан“, изборите во Баварија на крајот може и да не донесат поголеми политички промени во Германија. Во отсуство на смели идеи и храброст тие да се спроведат, традиционалните партии може да опстанат само поради стравот од алтернативите. Конечно, стравот можеби го чува лозјето, ама истовремено ја убива надежта за вистински промени, а тоа сигурно не навестува помирни политички времиња за Европа.