А зошто само Димова?

Опашките од повеќе приказни за раздавањето пари од Агенцијата за европски образовни програми и мобилност веќе со години се влечат низ јавноста. Возможно ли е дека никој од членовите на управниот одбор не нагазил на ниту една од нив и не ги повикал преостанатите да ги проверат наводите. Можеби се целосно неосновани, па би било коректно да истапат и јавно да ги демантираат и да ја заштитат директорката, на пример. Тоа, меѓу другото, им е работа. Или никој не им објаснил, само им го измериле составот на крвните зрнца, констатирале дека е испочитуван принципот за соодветна и правична застапеност и им ги побарале броевите на трансакциските сметки. А да, и им ги провериле партиските книшки

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност имала и управен одбор, кој, според завчерашниот предлог на премиерот Зоран Заев, би требало да ја разреши директорката Лидија Димова поради, како што информираа владините служби, неетичко постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста. Само за потсетување, ако некој случајно ја пропуштил или, поради густината на настаните, ја подзаборавил аферата „Фризерница“, станува збор за наводна злоупотреба на пари од европските образовни проекти. И тоа не само во посочениот случај.
Но, како што навестив, вистинско откровение во оваа информација е дека Агенцијата имала и управен одбор, кој сега треба да ја разреши Димова. И да одглуми оти е изненаден и навреден од нејзиното однесување?
На авторката на овие редови, како и на пошироката јавност, не им е познато колку се и кои се членови на одборот, како што впрочем остануваат затскриени од јавноста и членовите на неброените управни и надзорни одбори, совети и слични полутајни друштва што би требало да се грижат за добробитта на државните и на јавните компании, агенции, установи… Нивните имиња само се проследуваат до „Службен весник“, па кој има мотив и трпение, може да пребарува.

На официјалните веб-страници на овие субјекти, многу ретко, речиси никогаш, може да се најдат информации за состав на управните одбори, а камоли за некои нивни активности или за, не дај боже, приходите и расходите. А би требало. Како што и тие, во случајов управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, требало да знаат колку, каде и зошто се доделени парите. Ако не знаеле, тогаш и тие ја злоупотребиле својата положба и покажале елементарна негрижа за имиџот на Агенцијата – со недејствување.
Опашките од повеќе приказни за раздавањето пари од Агенцијата за европски образовни програми и мобилност веќе со години се влечат низ јавноста. Возможно ли е дека никој од членовите на управниот одбор не нагазил на ниту една од нив и не ги повикал преостанатите да ги проверат наводите. Можеби се целосно неосновани, па би било коректно да истапат и јавно да ги демантираат и да ја заштитат директорката, на пример. Тоа, меѓу другото, им е работа. Или никој не им објаснил, само им го измериле составот на крвните зрнца, констатирале дека е испочитуван принципот за соодветна и правична застапеност и им ги побарале броевите на трансакциските сметки. А да, и им ги провериле партиските книшки. И им кажале да ја чекаат првата уплата.

Им кажале ли, на пример, дека постојат некакви годишни програми за работа на Агенцијата, завршни сметки, финансиски извештаи…?
Пред нешто повеќе од една година беше објавена студија со наслов „Кој тоа таму управува“ и во неа беше дадена детална анализа на компетенциите на лицата што се кријат зад управувачките места во државните и јавните претпријатија, независните државни тела и органи, во управните и во надзорните одбори. Резултатите беа поразителни. Една друга студија, објавена кон крајот на минатата година, пак, беше фокусирана на начинот на избор на членовите на управните и на надзорните одбори.

Членовите на управните и на надзорните одбори, по сѐ изгледа, треба само да покажат лојалност кон своите партиски лидери. Затоа на нив и се гледа со сочувствителен презир. Но и со многу резерва и со сериозна доза на сомничавост. Многу е добро кога јавноста постојано се сомнева во добрите намери на власта. Уште подобро е кога на власта тоа и јасно ќе ѝ се стави на знаење. Во тоа, меѓу другото, е и убавината на демократијата

Од обемното истражување, како што е потенцирано, не можеше да се утврди кој, врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги изберат токму тие лица за членови на управните и на надзорните одбори. Но затоа беа изнесени наводи дека за членови на управниот одбор во едно од најголемите државни претпријатија се именувани, меѓу другите, и раководител на бензинска пумпа, секретар на училиште, професор по англиски јазик, политиколог, стоматолог, педагог, психолог, сопственик на златарски дуќани, осигурителен брокер… Па, вие претпоставувајте за претпријатие со каква дејност станува збор. Притоа, во сите одлуки и решенија за именувања членови на управните и на надзорните одбори биле наведени само имињата, без каква било придружна документација со која би се потврдила нивната квалификација за таа позиција. Голема разноликост владеела и во однос на бројот на членови на одборите – од 5 до 15 члена, како и во однос на висината на надоместоците, кои се движеле од 800 денари по одржана седница во едно комунално претпријатие од внатрешноста на државата до надоместок од 27.000 денари месечно за претседател на надзорниот одбор на една од поекспонираните, но не и поуспешните државни компании.

Како и да се пресмета, просечен работник за тие пари треба секојдневно да се поти и да остварува одредени резултати од своето работење. Членовите на управните и на надзорните одбори, по сѐ изгледа, треба само да покажат лојалност кон своите партиски лидери.
Затоа на нив и се гледа со сочувствителен презир. Но и со многу резерва и со сериозна доза на сомничавост. Многу е добро кога јавноста постојано се сомнева во добрите намери на власта. Уште подобро е кога на власта тоа и јасно ќе ѝ се стави на знаење. Во тоа, меѓу другото, е и убавината на демократијата.

[email protected]