Атина сака преку леб погача

Грција може да притиска, да уценува, да обвинува, но и да стравува, затоа што добро знае кој бил некооперативен овие три децении. Македонија даде сè, повеќе нема што да изгуби, а токму тоа е она што ги загрижува Грците, кои увидуваат дека македонизмот е неуништлив и дека колку и да се трудат, тој ќе опстои, затоа што природно се наоѓа во генот на овој народ што живее на овие простори, не е вештачки инструиран. Токму тоа е она што ги плаши

Политичките превирања во земјава изминатите денови целосно ја преокупираа македонската јавност, но очигледно случувањата тука будно ги следи и јужниот сосед, кој одеднаш почна да изразува загриженост во врска со имплементацијата на Преспанскиот договор од македонска страна.
Редица актуелни и поранешни грчки политичари се изредија деновиве со пораки дека договореното мора да се почитува, без оглед која влада и која политичка структура е на власт во земјава. Но истите тие грчки политичари забораваат на фактот дека и тие имаат обврски што ниту ги спровеле ниту, пак, имаат намера да ги спроведат. Трите меморандума за соработка предвидени со Преспанскиот договор никогаш не стигнаа на ратификација во грчкиот парламент, згора на тоа од Грција дури доаѓаат изјави дека добро било што не биле ратификувани овие меморандуми, оти се видело дека „национализмот“ во Македонија сè уште постои. Грците не ги заменија ниту старите табли во северниот дел на земјата, каде што уште стои името „Скопиа“, а шефот на грчката дипломатија Дендијас среде Скопје објаснуваше дека тоа многу тешко им паѓало на локалните власти таму, а централната власт немала ингеренции да им се меша во работата. Но затоа тука бараат од централната власт да се меша во општинските совети и да чешла како биле потпишани заклетвите.
Истата таа Грција што не спроведе буквално ништо од Преспанскиот договор, сега се заканува дека ќе ја тужи Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг ако не го спроведува договореното од Нивици. Каков апсурд. Па, токму Грција безобѕирно ја игнорираше пресудата на истиот тој суд што земјава ја доби поради прекршување на Привремената спогодба и продолжи да ја блокира во евроатлантските интеграции.
Да не се залажуваме, ова што сега го прави Грција воопшто не е наивна работа, а најмалку пријателско однесување, туку заткулисно ја продолжува етноцидната политика да збрише сè што е македонско.

Што, всушност, прави Грција сега?
Јужниот сосед влегува во нова офанзива, во која ќе се обиде да издејствува нови отстапки од Македонија што воопшто не се содржани во договорот од Преспа, а евентуалното одбивање ќе го претстави како опструкција од македонска страна, за да има оправдување за евентуална нова блокада или основа за тужба во Хаг.
Тоа е грчката игра што започна веднаш по потпишувањето на спогодбата во Нивици, па не попусто тогашниот шеф на грчката дипломатија беше насмеан од уши до уши и ликуваше од среќа, бидејќи знаеше каков подарок доби нивната земја со Преспанскиот договор.
Сега Атина ќе ги засилува реториката и заканите при секакви политички потреси во Македонија, наметнувајќи само свое видување дали е нешто исполнето или не од договорот.
Најдобра потврда дека е тоа така е еден аналитички текст објавен неодамна во грчкиот весник „Катимерини“, во кој се наведува дека пред Македонија има уште многу работи што треба да ги исполни од Преспанскиот договор. Прогресот бил мониториран во осум области што се сметаат за најпроблематични и Грција таму не видела прогрес од македонска страна во спроведувањето на договореното.
Новото име наводно не било употребувано од јавните институции, но ниту од приватните ентитети. Тука Грција излегува од договорот, па сега бара и приватните ентитети да го употребуваат новото име, иако договорот не го предвидува тоа.
Понатаму, „Катимерини“ во анализата наведува дека Македонија не ги сменила старите ИСО-кодови, МК и МКД со наводни „РНМ“ или „НМ“, што исто така не е обврска, бидејќи во договорот пишува дека старите кратенки МК и МКД остануваат во употреба, со исклучок на регистарските таблички кај возилата, на кои веќе се имплементира кратенката НМК.
Ова говори дека целта на Грција е да изврши притисок да се променат оние точки во договорот што не ѝ одговараат.

Истовремено, во анализата воопшто не се споменува дека земјава не само што целосно ги имплементира сите предвидени работи во согласност со роковите туку отиде и многу подалеку, го исполнува и она што требаше да го започне по секое отворање на преговарачките поглавја со ЕУ, иако не ги започна преговорите со Унијата.
Затоа сега се појавуваат и стравувањата во Грција дека Македонија, соочена со целосна блокада на евроинтеграциите и речиси никакви шанси за некаков пробив во скоро време, изморена од празните ветувања од страна на ЕУ, едноставно може да крене раце од имплементацијата на Преспанската спогодба, со образложение дека Унијата не го испорачала тоа што го ветила и да чека понатамошно спроведување кога ќе почне отворањето на преговарачките поглавја, што можеби нема да се случи во следните пет до десет години.
Грција е особено загрижена што новото име не се одомаќинува меѓу народот, за кого придавката е еден вид „диво месо“, кое побрзо ќе отпадне, отколку што ќе срасне во македонското ткиво. Од тие причини, Грците бараат и приватните субјекти да го употребуваат новото име, да ги снема сите кратенки што асоцираат на Македонија, откако успеа да го избрише македонскиот народ и да го замени со граѓани на некоја географски ориентирана држава, во надеж дека кога ќе го снема сето тоа, ќе ги снема и Македонците.

Она што сега треба да го преземе Македонија е да најде аргументиран начин како на меѓународните партнери да им објасни дека Преспанскиот договор е целосно асиметричен, односно наметнува обврски само кон земјава, но не и кон Грција. Таквиот пристап не подразбира радикални чекори што би ја етикетирале земјава како некооперативна страна, туку аргументирана кампања во која ќе им се образложи на странските партнери дека договорот треба да е заснован на консензус и почитување на човечкото достоинство, но и на меѓународното право на самоидентификување, а не врз етноцидни временски ултиматуми само кон едната страна.
Како и да е, Грција може да притиска, да уценува, да обвинува, но и да стравува, затоа што добро знае кој бил некооперативен овие три децении. Македонија даде сè, повеќе нема што да изгуби, а токму тоа е она што ги загрижува Грците, кои увидуваат дека македонизмот е неуништлив и дека, колку и да се трудат, тој ќе опстои, затоа што природно се наоѓа во генот на овој народ што живее на овие простори, не е вештачки инструиран како кај нив. Токму тоа е она што ги плаши.