Алиби за срамот

Се плашам дека овој тренд на поделби, барање изговори, оправдувања и алиби ќе продолжи и понатаму, со уште поголем интензитет и конфронтирање на спротивставените страни, и на глобално и на домашно ниво. Зашто влогот е преголем, а и интересите исто така. А во една таква голема игра никому не му паѓа на ум да ги признае сопствените пропусти. Но затоа тука е народот, кој памети сѐ и не му простува никому

Оној што сака да успее ќе најде начин, а тој што не сака ќе бара причина. Некои тоа уште го нарекуваат и барање изговор, оправдување, алиби. Имам впечаток дека оваа прва недела од постреферендумска Македонија најдобро ја отсликува токму овој термин – барање изговор, односно алиби. Секој на свој начин, од свој агол, и од нему познати причини бара оправдување, алиби за својот ефект. Бара причина како да ја префрли одговорноста на друг и така да го покрие сопствениот срам. Впрочем, и самото распишување на референдумот беше во функција на префрлање на одговорноста врз народот, иако беше консултативен.

И, обично, оправдувањето се бара во комшискиот двор, без да се погледне во сопствениот. На едни им е виновен народот што (не) излегол, на други процедурата, а и едните и другите имаат проблем со статистиката и математиката, трети подбуцнуваат однадвор, четврти се закануваат, петти чекаат и гледаат сеир, шести… и така во недоглед. Како да прелистувате роман, кој за наши услови може да се прекрстен во „Алибаба и 40-те изговори“. Само што сега и Али не сака брзи избори, ниту некој од 40 и кусур опозициски пратеници се согласува да стисне копче и да гласа за промена на Уставот во Собранието.

По 30 септември, Македонија веќе не е како претходно. Во секоја смисла на зборот, иако некои се трудат да ги прикријат поделбите, кои се поголеми од кога и да е.
Се плашам дека овој тренд на поделби, барање изговори, оправдувања и алиби ќе продолжи и понатаму, со уште поголем интензитет и конфронтирање на спротивставените страни, и на глобално и на домашно ниво. Зашто влогот е преголем, а и интересите исто така. А во една таква голема игра, никому не му паѓа на ум да ги признае сопствените пропусти.

Но затоа тука е народот, кој памети сѐ и не му простува никому.
Изминативе денови имаше голем број анализи на резултатите од референдумот, што ме потсети на една изјава дадена по пораз на избори, која гласи вака: „Народот е во прво и кога греши?“ Во политичките кругови, читам, и сега се вртат слични тези – дека народот погрешил, сме пропуштиле историска шанса, требало народот да се опамети итн.

Да можат политичарите, и домашни и странски, веројатно би го замениле овој „непослушен и наблагодарен народ“ со некој друг, кој ќе им оди по волја и нема да ги срами и пред своите и пред странците.
Но сите овие „душегрижници“ забораваат еден несоборлив историски факт. Народот никогаш не греши, народот секогаш е во право. Оние што можеби треба да се опаметат се политичарите, и домашни и странски. И што поскоро да се извинат за навредите кон македонскиот народ и македонските граѓани. Да се извинат зашто со своите постапки и изјави се обидоа и сѐ уште се обидуваат македонските граѓани да ги направат малоумни и да им продаваат рогови во вреќа, зашто со своите непринципиелни постапки ѝ нанесоа штета и на македонската држава.

Деновиве стигна вест дека Италија планира да го тужи шефот на Европската комисија, Јункер, затоа што со своите изјави ѝ нанел финансиска штета на државата, односно дошло до пад на вредноста на акциите во италијанските банки. Се прашувам колкава штета ѝ е нанесена на Република Македонија низ годините досега со погрешните политики и потези и кој ќе одговара за тоа?
Ниту еден политичар не смее да се дрзне да му наложува или да ми се заканува на својот народ што да прави. Политичарите како слуги на народот се должни само да ја почитуваат и спроведуваат народната волја. Но како што, за жал, обично бидува кај нас со правото, Уставот и законите, наместо стриктно да се почитуваат и применуваат, тие се толкуваат кому како му одговара, така и со резултатите од референдумот и народната волја.

И тие станаа предмет на толкување. И дома и надвор. И повторно во функција на барање оправдување, изговор, алиби наместо начин како да се реши проблемот и да се надминат несогласувањата.
Се разбира, во една таква авантура на толкување резултати, наспроти законските одредби, не би сакал и самиот да се впуштам, бидејќи пред сѐ намерата ми е да укажам на погубните последици токму од ваквите практики. Затоа во продолжение уште неколку реченици за аномалиите што излегоа на површина по референдумот.
Она што веројатно е најголема колатерална штета пред и особено по референдумот е фактот што дозволивме и се доведовме во ситуација да ги поделиме и поларизираме граѓаните до максимум. Тоа, пак, ја става државата во една вазалска, незавидна и зависна позиција пред надворешниот фактор. За да не се сфати како теоретизирање, ќе посочам и конкретни примери.

Опозицијата и пред 30 септември и потоа остана без јасно изграден став и позиции како понатаму – што всушност сакаат, за што се залагаат, како да го постигнат тоа и каква алтернатива нудат. Не е доволно само да се каже ова не чини – без притоа да се има јасни позиции и планови како од лошото ќе се направи добро.
Нивните обиди на свое конто да се припишат над милион и двесте граѓани што не излегле на референдумот, а ги има на избирачкиот список, повеќе личат на магионичарски трик отколку на реалност. Власта исто така потфрли, пред сѐ во реториката. Ќе цитирам само изјава на еден од најпознатите светски експерти по уставно право Карлос Флорес Хубериас, кој вели дека референдумското прашање е едно од најизмамничките прашања во историјата на сите референдуми во светот. Ако еден светски експерт мисли така, се наметнува дилемата може ли преку измама да очекувате триумф.

Понатаму. Веќе станува дегутантно постојано да се повторува „амнестија, па амнестија“. Демек, опозицијата ги уценувала со амнестија и затоа државата не одела напред. Затоа и референдумот не успеал?!
Ако е така, зошто тогаш толку време се остава отворено прашањето за амнестијата, односно се оставаат отворени вратата и можноста за политичко пазарење? Зошто брзо не се затвори ова прашања и сите што се огрешиле од законот да завршат зад решетки. Што се чека? Вака не се знае кому повеќе му одговара ова прашање да остане отворено што е можно повеќе. Дали на власта, за да може да мавта со него и да го користи во секоја пригода, или пак на опозицијата, која со своето однесување, ни ваму ни таму, нема противодговор на ваквите тези. И ова е само уште една алиби-варијанта на македонската политичка сцена.

Однесување на меѓународната заедница е приказна сама по себе. Веројатно и таа сега е во незавидна позиција, по толку силната поддршка што ја дадоа и пораките што ги испратија. Тоа се виде и на лицето на Столтенберг, кога почна разлутено да вика и да мавта со рацете, небаре се заканува, за потоа да се потсмири и да ни понуди прием во НАТО уште во јануари. Но ако некому треба да му се лутат, тогаш вистинската адреса е самите на себе. Меѓународната заедница одамна ги испушти конците од своите раце, ставајќи се целосно само на едната страна. Да бидам јасен, тука воопшто не мислам на заземање страна на домашната политичка сцена, туку заземање страна на ниво на држави во спорот со Грција. Меѓународната заедница отворено застана на страната на Грција, притоа грубо кршејќи ги и газејќи ги меѓународното право и другите правни акти и конвенции. Не може нас да нѐ тегнат за уши за секоја и најмала причина и да нѐ прекоруваат во однос на владеење на правото, а истата таа Европа да не ги почитува елементарните и суштествени меѓународни правни акти. Не може да не се почитува одлуката на Меѓународниот суд за правдата во Хаг и пресудата да се третира како да не постои. Токму таа пресуда јасно кажува дека Грција нема право да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Тоа значи дека ние уште во 2008-та требало да станеме членка во НАТО, а не во јануари 2019-та, како што сега порачува Столтенберг.

Тоа што цели 10 години сме надвор од НАТО е на товар и на непринципиелноста на меѓународната заедница и непочитување на правото и законите. Исто така, меѓународната заедница не сфаќа или не сака да сфати дека огромно мнозинство граѓани во Македонија не се против ЕУ и НАТО. Од друга страна, таа замижува и не сака да види дека никој во Македонија не е среќен со спогодбата од Преспа. Дури и нејзините најголеми поддржувачи јавно го кажуваат тоа. Спогодбата е прифатена од немајкаде. Како попуштање пред уцените и притисоците.

Во правото, пак, ниту едно решение што е наметнато и прифатено по пат на уцена и притисок не може да се смета за валидно и долготрајно. Затоа затворањето на ова прашање набрзина, со огромно незадоволство, нема да го реши проблемот туку може да биде вовед во нова, уште подлабока национална криза и поделба. Притоа не треба да се бара алиби, туку начин како да се надминат ваквите состојби. Како можен излез неофицијално во одредени дипломатски кругови се споменуваат сценарија за нова пржинска влада, односно формирање широка коалиција по изборите, преку која треба да се протурка спогодбата. Се смета дека тоа би било најбезболно решение, со кое ќе се превенира евентуално незадоволство кај народот.

Има и друго сценарио, кое не е на маса, но е многу поефикасно и, згора, правно издржано. А тоа е следново: доколку на Брисел и на меѓународната заедница навистина толку им е значајно Македонија да стане дел од НАТО, нека нѐ примат веднаш, и тоа под уставното име Република Македонија. Впрочем, оваа сугестија и претходно повеќепати е спомената во нашиот весник. Деновиве читаме дека и поранешниот бугарски претседател Георги Прванов го предлага истото тоа, дополнувајќи токму неговата земја да биде посредник во тој процес. Некој ќе каже невозможно. Во политиката сѐ е можно. Само доколку се согледа дека ова е најпрактичното, најбрзо и најефикасно решение, кое им одговара на сите. Вклучувајќи ја и Грција. Зошто? За тоа во некоја наредна пригода.