Ако по пописното утро денот се познава, каков ли ќе биде крајот

Во моментов пописот се одвива по принципот тргни-застани. Ден попис – ден пауза. Поминаа само 4-5 дена од стартот на пописот, а веќе имавме две стопирања на операцијата, поради, како што се вели, технички предизвици и причини. Македонија досега имаше доволно време да го осмисли и подготви спроведувањето на пописот без ниту една фалинка и без сегашните технички грешки и предизвици. Клучното прашање е зошто не се направи тоа. Пописот не е процес во кој може да се импровизира, да се прекине и активира по нечија желба или потреба, туку тоа е операција што подразбира севкупен системски пристап и одговорен ангажман од сите чинители

Долгоодложуваната статистичка и стратегиска операција што треба да ги одгатне сите дилеми за толку сме на број, каде сме итн., спротивно на сите очекувања тргна по принципот „турни ме да кинисам“. Или, уште поточно, пописот се одвива тргни-застани. Ден попис – ден пауза. Поминаа само 4- 5 дена од стартот на пописот, а веќе имавме две стопирања на операцијата, поради, како што се вели, технички предизвици и причини. И сега ако се поведеме по онаа народна поговорка дека денот по утрото се познава, многумина со право се прашуваат каков ли ќе биде крајот по едно вакво пописно утро.
Имено, откога беше најавен стартот на пописот, во понеделникот, собирањето на податоците од населението беше прекинато и повторно започнато неколкупати. Надлежните овие свои мерки во јавноста не ги аргументираа со некои конкретни информации, а сето тоа создаде клима за сомнежи уште во стартот за веродостојноста на оваа најголема и најскапа статистичка операција.
Дополнителна сенка на случувањата фрлаат и константите префрлања за вината за прекините на пописот на адреса меѓу Владата и Државниот завод за статистика (ДЗС) и обратно. Во овие моменти никому не му е јасно на што се должат овие застои и импровизации во спроведувањето на статистичката операција.
Ако денот по утрото се познава, тогаш и стартот на пописот може да навести дека процесот во иднина ќе го очекуваат сериозни премрежувања и компликации. Македонија повеќе од две декади нема свој попис, односно уште од 2002 година. Без попис, државата и институциите немаат прецизни податоци, без кои не може да се планираат националните стратегии за економскиот, регионалниот, социјалниот, политичкиот и секаков друг развој на државата.

Најзначајната статистичка операција, која по правило се врши на секои десет години, кај нас не се спроведува во земјава цели две децении поради политички причини. Пребројувањето на населението заедно со другите статистички параметри за секоја нормална и европска држава како Македонија е неопходно, но, за жал, пописот беше одложуван кај нас, бидејќи прерасна во првокласна политичка тема за партиски калкулации и пресметки..
Дополнително, секое потсетување дека Македонија како дел од семејството на Обединетите нации има обврска, но и сопствена општествена неопходност да спроведе попис на населението, домаќинствата и становите, секогаш кај нас некако ги сензибилизира политичките чувства, позиции и комбинации. Но ако сакаме да ја поставиме државата на прави темели, тогаш таа треба да ги гради своите политики врз основа на прецизни информации, а развојот на земјата да се планира врз точни статистички показатели, кои се обновени и „освежени“ и кои не се стари по неколку декади. Сето тоа се добива ако ние во овој момент, кога е започнат пописот, успешно ја завршиме задачата што сме си ја задале пред себе и во што помасовен број ја прифатиме оваа статистичка операција, а со тоа ќе помогнеме во градењето на својата држава во иднина. Но и овој пат, како и во минатото, проблемот не е кај граѓаните, туку кај институциите, политичарите и надлежните тела. Токму тие сиве изминати години правеа и сѐ уште прават недозволиви импровизации и калкулации со пописот.
Ако навистина сакаме да се наречеме дека сме држава што е вредна да го носи називот земја-членка на НАТО и земја аспирант за членство во Европската Унија, тогаш неоспорно мораме да разбереме дека ваквите статистички операции во светот се осмислуваат и планираат добро однапред дури и по неколку години. Македонија досега имаше доволно време да го осмисли и подготви спроведувањето на пописот без ниту една фалинка и без сегашните технички грешки и предизвици. Клучното прашање е зошто не се направи тоа.

Пописот не е процес во кој може да се импровизира, да се прекине и активира по потреба, туку тоа е операција што подразбира севкупен ангажман за пребројување од страна на нашите институции.
Кога живееме во ера на развој и употреба на компјутерските технологии, чии уреди се пресудни во вршењето на пописот, Македонија мора многу да внимава овие технички помагала и алатки да не бидат хакирани од злонамерници.
Имено, искуствата од светот и соседството за време на спроведувањето на пописот, како на пример оние на соседна Бугарија, нѐ предупредуваат дека треба да го подигнеме нивото на заштита од хакерски напади и во Македонија.
Во Софија неодамна хакери ги нападнале датотеките и страниците на тамошниот Националниот институт за статистика (НСИ), за да го забават бугарскиот попис, кој, според најавите, треба да заврши до крајот на годината.
Македонија, за жал, има неубаво искуство кога станува збор за хакерски напади. Иако засега не сме ги почуствувале за време на спроведување на пописот, трагите од компјутерските напади беа евидентни за време на изминатите неколку изборни циклуси, кога беа атакувани страницата на Државната изборна комисија и страниците на Владата, како и на министерствата за здравство и образование. Сите овие предизвици треба навреме да се превенираат.

Натаму, пописот има и своја здравствена димензија. Имено, без оглед на фактот што вакцинирањето на попишувачите беше една од причините да се одложи пописот за септември, се чини дека овој проблем и натаму останува отворен, бидејќи и со самиот старт на статистичката операција одреден дел попишувачи останаа и понатаму невакцинирани. Тоа, несомнено, повторно ќе им даде аргументи на оние што најавуваа дека нема да ги примат во своите домови невакцинираните попишувачи, а со тоа се намалува и масовноста на посеопфатна и поквалитетна анализа.
Успешно спроведување на пописот значи соочување со вистината, прифаќање на реалноста и димензионирање на општествениот тек и развој според конкретни показатели, а не според претпоставки. Отстранувањето на техничките проблеми е нужно за институциите доколку сакаме оваа најскапа статистичка операција да не отвори сомнеж кај населението при прикажувањето на нејзините резултати. Колку побрзо го совладаме и актуелните и идните предизвици поврзани со пописот, колку поуспешно го спроведеме без вакви прекини, толку побрзо ќе ги дознаеме вистината и реалноста и ќе може да зачекориме во идните длабоки системски промени, кои се основа на одржливиот развој за државата, за добробит на сите граѓани.

[email protected]