Ако е виновен Шарко, зошто дрва и камења по Марко?!

Време е енергетските компании да размислат за подобрување на ефикасноста во своето работење, елиминирање на сите непотребни трошоци, особено трошоци што не се суштински во ек на пандемија, одржување оптимално ниво на рентабилност, без притоа значително да се „удри“ врз џебот на граѓаните

Новата цена на струјата значително ја разбранува јавноста, по многубројните реакции низ медиумите, некои од граѓаните револтирани од поскапувањето своето незадоволство го покажаа и со мирни протести низ неколку града во земјава. Од самиот момент на објавувањето на одлуката на регулаторното тело за поскапувањето на енергијата, во јавноста се појавија многу аргументи за и против одлуката. Додека регулаторот посочува дека поскапувањето било неминовно поради барањата на компаниите, за јавноста остануваат уште многу непознати факти зошто навистина мораше да поскапи струјата. Во новата цена на струјата се вклучени трошоци за МЕПСО, ЕСМ, ЕВН и за МЕМО. Притоа, граѓаните би требало да знаат дека МЕПСО е компанија што се грижи за дистрибуција, ЕСМ за производство, ЕВН за снабдување, а МЕМО е компанија задолжена за организирање на пазарот на електрична енергија. Пресметките на сите овие компании се вклучени во одлуката за формирање на цената на електричната енергија. Деновиве бевме сведоци на многубројни коментари, па дури и вербални напади насочени кон претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Беслимовски, кој беше дури и посочуван како главен виновник за поскапувањето на струјата. Голем број коментари беа насочени директно кон него (?!), иако поскапувањето на струјата не треба да се сведува на лична основа и сите треба да имаме на ум дека врз нејзиното формирање влијаат многу повеќе фактори и многу поголеми и побитни (шарени и со сите бои премачкани комплексни) играчи.

Уште од самата најава за либерализација на пазарот на електрична енергија, голем број енергетичари укажуваа дека либерализацијата ќе ни донесе повисоки сметки за струја, а дека тоа особено важи за граѓаните. Сепак, дали требаше најголемото поскапување на енергијата да настапи токму во моменти кога земјата и светот се соочуваат со најголем пад на економијата предизвикан од ширењето на пандемијата на ковид-19.
На почетокот на пандемијата во земјава, со воведувањето на рестриктивните мерки за спречување на ширењето на вирусот, регулаторното тело излезе со барање граѓаните да не се исклучуваат од струја или вода токму во моментите кога им е најпотребна иако можеби некои не платиле за енергија или за вода подолг период. Постапка со која побараа солидарност кон сите граѓани во земјава, постапка со која се побара сите граѓани да имаат предуслови за справување со опасноста што ја носи новиот вирус, постапка со која покажа голема хуманост.

Сепак, по завршувањето на рестриктивните мерки, енергетските компании како да подзаборавија дека пандемијата и понатаму трае, дека вирусот и понатаму е присутен во земјава и дека пред нас се уште многу неизвесни денови, денови на борба со непознат непријател, а притоа голем дел граѓани се соочуваат со дополнителни тешкотии како намалени плати, изгубени работни места, но и без можност да најдат работа.
При носењето одлука за поскапување на струјата надлежните мора да имаат на ум дека нашата земја има највисока стапка на невработеност, а наедно нашите граѓани имаат најнизок доход по жител во Европа. Дополнително, новата состојба, наметната со ширењето на ковид-19, уште повеќе ги отежнува можностите граѓаните да го подобрат својот економски статус.
Како една од причините наведени во одлуката за поскапување на струјата беше посочена и потребата компаниите да остварат минимален профит, кој ќе им овозможи одржување на рентабилноста и овозможување редовно снабдување на граѓаните со електрична енергија. Уште еден аргумент за поскапување на електричната енергија е наплатата од 90 отсто на испратените сметките. Овој податок укажува дека 10 отсто од потрошувачите на електричната енергија не ги плаќаат сметките.

Дали е време компаниите поревносно да си ги наплаќаат трошоците и така да надоместат за зголемените трошоци, наместо да ја зголемат цената за сите што редовно си ги намируваат обврските? Зошто граѓаните што редовно ги намируваат своите обврски да ги покриваат трошоците и за оние што добиваат енергија, а не ја плаќаат? Пандемијата значително го влошува состојбите, не би сакале да се случи уште повеќе да се зголеми процентот на граѓани што нема да плаќаат поради превисоките сметки што ги добиваат, бидејќи тоа уште повеќе ќе ги влоши состојбите во енергетските компании и нивната можност за редовно снабдување на клиентите со енергија.
Сите треба да имаме на ум дека иако одлуката за поскапување се носи во екот на летото, пред нас се зимските месеци, кога граѓаните ќе треба да се затоплуваат, а поголем дел од нас тоа го прави со помош на електрична енергија.

Состојбата е наметната поради недостигот од избор, граѓаните не можат да се греат на гас, или на друг енергент, па голем дел е принуден да го прави тоа на струја. Но токму месеците што доаѓаат се причина плус за одржување на стабилноста на енергетскиот сектор.
Од друга страна, и очекувањата за понатамошно ширење на ковид-19, но и влошувањето на состојбата од септември, кога ќе се намалат температурите, укажува дека во следниов период најнеопходен ќе ни биде стабилен здравствен систем, кој ќе може да одговори на предизвикот. Со оглед дека нѐ очекува уште потежок период, за одржување стабилен здравствен систем, како и за зачувување и заживување на економијата, неопходно е и стабилно снабдување со енергија. Сепак, сега е време да се размисли и да се разгледаат сите опции во насока на зачувување на стабилноста на енергетските компании без големо поскапување на струјата.

Време е енергетските компании да размислат за подобрување на ефикасноста во своето работење, елиминирање на сите непотребни трошоци, особено трошоци што не се суштински во ек на пандемија, одржување оптимално ниво на рентабилност, без притоа значително да се „удри“ врз џебот на граѓаните.