Администрацијата чека прекоманда

Секоја влада вели дека ќе воведе реформи во администрацијата, но само декларативно, а не и во практика. И секогаш се пее истата песна од сите што се во тој момент на власт, но прашањето е кога Владата вистински „ќе ја поправи“ администрацијата преполна со партиски вработени?!

Тековната криза поради светската пандемија покажа дека нашиот јавен сектор може да функционира и со двојно помалку вработени поради ротирање на вработените, боледувања или поради самоизолација. Иако пандемијата изминатиот период се користеше и како изговор за неажурноста и неработењето на некои институции со кои граѓаните најчесто контактираат и имаат потреба од нивни услуги, таа сепак покажа и дека има непотребен вишок администрација.
Ако сега институциите работат со значително кадровски намалени капацитети, зошто тогаш да не продолжат и понатаму, зошто да ги плаќаме и да трошиме пари од буџетот попусто. Практично, пандемијата ја демаскира администрацијата и ни го покажа патот дека таа треба да биде мала, брза и ефикасна, наместо огромна, бавна и неефикасна. Понатаму пандемијата ни ги откри и новите дигитални алатки, услуги и сервиси што исто така може успешно да функционираат и да се во интерес на јавноста и граѓаните, наместо да се денгуби од шалтер на шалтер и пак да не се заврши работата, токму поради лошата администрација.
Општото мислење за јавната администрација е дека таа е партизирана, некомпетентна, корумпирана, мрзлива и растечка рана во сите годишни буџети. Во политичкиот дискурс постојана мантра е нејзината департизација како императив и за политичката и за економската самоодржливост на државата. Но едно чудо вработени што земаат плата од буџетот го оспоруваат тој момент.

Проблемот е во многубројната администрација, но и во тоа што вработените не се функционално распределени. Има повеќе вработени во јавните установи отколку во тие институции каде што администрацијата треба да биде директен сервис на граѓаните. Затоа и граѓаните не гледаат на терен корист од администрацијата.
Бизнис-секторот веќе над десет години силно порачува економските политики да се насочат кон создавање клима за повеќе вработувања во приватниот сектор, кој е носечки за вкупната економија, наместо да расте бројот на вработени во јавната администрацијата. Тие велат дека реформирањето на јавната администрација треба да биде на сите нивоа, од највисоко до најниско, во насока на специјализација, деполитизација, усовршување, надградување и дигитализација за да стане вистински сервис на бизнисот и на граѓаните.
Потребно е политиката да се тргне од бизнисот, да се зајакнат капацитетите на правните, политичките и економските институции и, конечно, бизнисот да си го заземе своето место како моторна сила и двигател на економијата.
Но никој нема слух за тоа. Секоја влада вели дека ќе воведе реформи во администрацијата, но само декларативно, а не и во практика. И секоја година се пее истата песна од сите што се во тој момент на власт, но прашањето е кога Владата вистински „ќе ја поправи“ администрацијата преполна со партиски вработени?!
Впечаток е дека нема систем што не може да се реформира со правилна организациска поставеност и со јасни и соодветни правила за кои се обезбедува да се почитуваат.

Владата и надлежните институции во неколку наврати посочуваа дека во план е трансфер на дел од вработените од јавната администрација во приватниот сектор, иако сѐ уште не се преземени такви чекори. Дека овие намери и оваа година се во план посочи и премиерот Зоран Заев, велејќи дека реформите на администрацијата остануваат еден од приоритетите за Владата и дека таа ќе се намалува и ќе станува сѐ поуслужна кон граѓаните.
Во јавната администрација во моментов има вкупно 160 илјади вработени. Од нив околу 18 илјади се вработени во државната администрација, односно во министерствата и во локалната самоуправа.
Состојбата со вработувањата во јавната администрација е голем товар врз економијата. Бројот на вработени во јавната администрација и нивните примања мора да кореспондираат со порастот на економијата. Преобемната администрација троши огромен дел од буџетот на Македонија и остануваат сѐ помалку пари за инвестиции, наука, здравствена заштита…
Мора да прекине фаворизирањето на јавниот сектор преку нарушување на угледот на приватниот сектор и поттикнување вработувања во него, како небаре тој сектор сам по себе да е доходен и може да им ги исплати тие пари на кандидатите. Луѓето веќе еднаш треба да сфатат дека ако нема добар и профитабилен приватен сектор, нема да има и јавен сектор.