Ѝ треба ли придавката „женска“ на именката „уметност“

256

И покрај тоа што поставките во кои учесници се жени, или што имаат особен нагласок на „женственоста“ или „женскоста“, бележат вистинска експанзија, тие кај нас се вистински празник за љубителите на ликовната уметност, но и за оние што ги интересираат родовите прашања, кои, се чини, сѐ уште се дискутабилни во поголем дел од светот, а особено во потрадиционални средини каква што е нашата

Откако ни приреди две исклучителни изложби во Скопје, онаа на најскапиот современ уметник во светот, Демијан Хирст, и на графиките на неприкосновениот Хенри Мур во изминативе години, Британскиот совет уште еднаш ги докажува својата посветеност и заложбата за афирмација на ликовната уметност и тоа онаа врвната, со вечерашната изложба „Родови перцепции“ во Музејот на современата уметност. На изложбата, покрај наши докажани жени уметници (Евгенија Демниевска, Анета Светиева, Жанета Вангели, Љупка Делева, Ана Темкова…) ќе имаме ретка можност да видиме и дела од некои од, во моментов, најценетите и најзанимливи претставнички на современата ликовна сцена како Силија Хемптон, Елизабет Прајс, Сара Лукас, Трејси Емин… Застапените уметници ја враќаат женската форма, прекинувајќи ги репродуцирањето и продолжувањето на родовата хиерархија и конечно предлагајќи нови методи на размислување за (родовата) репрезентација.

Иако последниве десетина години евидентни се голем број изложби на жени автори со наслови како „Женска страна“, „Женско писмо“, „Проверка на родот“…, отворени во повеќе градови во регионов, но и пошироко, сепак кај нас е вистинска реткост да се види поставка од ваков калибар, во однос на темата, но и звучноста на застапените авторски имиња. Оттука и покрај тоа што поставките во кои учесници се жени, или што имаат особен нагласок на „женственоста“ или „женскоста“, бележат вистинска експанзија, тие кај нас се вистински празник за љубителите на ликовната уметност, но и за оние што ги интересираат родовите прашања, кои, се чини, сѐ уште се дискутабилни во поголем дел од светот, а особено во потрадиционални средини каква што е нашата.
Пред повеќе години, во Скопје беше отворена изложбата „Женска книга“ на Лилјана Ѓузелова, како и мултимедијалната „Вкалапување“ на постдипломците на Институтот за литература, а македонските уметници учествувале на групни ликовни манифестации што се занимаваат со родовите улоги (Драгана Заревска и Неда Фирфова на белградската „Женско писмо“, или група македонски уметници на виенската „Проверка на родот“). Во еден период дури се појави „опасност“ женските изложби да станат тренд и помодарство. Сепак, поверојатно е дека и тие се одраз на социокултурното опкружување, кое сé уште не е комплетно редефинирано.

Денес, женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација (политичка, економска, образовна), но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената е променета, иако – не докрај. Факт е дека последиците од патријархатот се чувствуваат и сега, бидејќи тој со векови ѝ го оневозможуваше пристапот на жената до симболичкото или ѝ го одземаше правото да се самодефинира. Родовите предрасуди не се докрај надминати, но веројатно свеста дека таквата состојба мора да се менува сѐ повеќе се зацврстува. Придавката „женска“ пред именката „уметност“ има свое оправдување и е резултат на тоа дека сѐ уште не сме навикнати на поголемо (иако не и рамноправно) учество на жената во сферата на творештвото. Но, од друга страна, токму фактот што сѐ уште пред изложбите на авторките секогаш се појавува и придавката „женски“, како укажување на некаква исклучивост, кажува дека свеста и натаму треба да се менува кон прифаќање на овие изложби, како на творештво што има намера да покаже дека станува збор за нешто доста покомплексно од „ставање тампон“, на пример.

„Родови перцепции“ во Музејот на современата уметност е последната изложба дел од колаборативниот кураторски проект „Перцепции“, фокусиран на женската уметност. Топла препорака да ѕирнеме во овој флуиден женски уметнички простор!