Ќе ја стигне ли Бугарија европската правда

1195

Тоа што во ЕУ се подразбира како демократија, почитување на човекови права, почитување и афирмирање на правата на малцинствата, владеење на право, правна држава… за Бугарија претставува можност за уцени во градењето на билатералните соседски односи и прилика за реализирање на вековниот сон за голема држава и патолошката опсесија за бугаризирање на Македонците. Со своето однесување, Бугарија сѐ повеќе ја нагласува сликата за себе како постојано искушение за европските принципи и за авторитетот на европските институции за правда

Бугарија доби ново одложување и уште една шанса од Комитетот на министри на Советот на Европа да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, односно да овозможи регистрација во својата држава на здруженијата со македонски етнички предзнак. До 1 декември 2021 година, Бугарија треба да покаже конкретен напредок во решавањето на овие прашања. Преземањето активности за спроведување на пресудите на ЕСЧП би значело прифаќање на реалноста за постоење македонско малцинство во Бугарија, нешто што за бугарската политика е своевиден ерес и табу. Гледано од аспект на поговорката „правдата е бавна, но достижна“, строгата опомена (пред можно исклучување до Советот на Европа) од Комитетот на министри за Бугарија за очигледното забошотување во имплементацијата на препораките од привремената резолуција на ова европско тело, од октомври 2020, правнички изгледа како охрабрување на македонските здруженија во оваа земја, во нивната борба за човекови права. Но кога ќе се земе предвид целиот контекст на оваа меѓународноправна борба на Македонците од Бугарија пред европските институции и ќе се соочи фактот дека речиси 15 години бугарската држава изнаоѓа различни изговори, па дури искажува и отворена непослушност за спроведување на пресудите на ЕСЧП, новиот рок од Комитетот на министри може да наликува на ново неизвесно продолжение на голготата на македонските здруженија. Уште повеќе што политичката борба на Бугарија на европски терен за целосна бугаризација на семакедонското постоење е во експанзија, користејќи ги токму механизмите на консензуално одлучување во ЕУ, како непробоен штит за своите националистички амбиции. И покрај сите наводни притисоци на меѓународниот фактор, инкарниран во пораките на високи европски државници, дипломати и политичари, но и во одредени нови мерки на светската велесила САД, се чини Бугарија останува непоколебливо на своите позиции за ветото за македонските евроинтеграции.

Како што наближува времето за одржување на самитот на ЕУ, под португалско претседателство, за десетина дена од 22 јуни, неизбежен е впечатокот дека се зголемува фреквенцијата на посети од македонските политичари на европските метрополи, но сета изразена поддршка за евроинтеграциите, на крајот завршува со „предупредувањето“ за консензуалното одлучување во ЕУ, што значи дека никој не може да ѝ го ограничи на Бугарија правото на вето.
„Читајќи“ ги со џамбаска итроштина сите претпоставки за џентлменско однесување во ЕУ, Бугарија во европскиот клуб веќе нескриено се однесува како измамник на коцкарска маса со соиграчи за кои меѓусебната доверба и чесност се подразбираат. Тоа што во ЕУ се подразбира како демократија, почитување на човекови права, почитување и афирмирање на правата на малцинствата, владеење на право, правна држава… за Бугарија претставува можност за уцени во градењето на билатералните соседски односи и прилика за реализирање на вековниот сон за голема држава и патолошката опсесија за бугаризирање на Македонците. Со своето однесување, Бугарија сѐ повеќе ја нагласува сликата за себе како постојано искушение за европските принципи и за авторитетот на европските институции за правда.
Во принцип, постапувањето по пресудите на Европскиот суд за човекови права е задолжително и консеквенците за нивно непочитување би требало да бидат големи. Но во случајот со пресудите со кои Бугарија се задолжува да овозможи регистрација на македонските здруженија, речиси никогаш не дошло до консеквенции, затоа што обично ќе направат некоја законска измена (во која сепак се поставува некој невозможен услов), но пред Судот прикажуваат дека наводно пристапиле кон извршување на пресудата. Некои од тие предмети се третираат и како континуирана повреда на човековите права.

Овој пат, пред расправата на Комитетот на министри, бугарските власти се правдаа пред Стразбур, дека имале тешкотии да ја завршат работата на методолошките упатства навремено, поради објективни причини и виша сила, поврзани со појавата на глобалната пандемија на ковид-19 и секојдневно менување на работното опкружување со сè построги мерки и ограничувања. Но освен тоа, бугарската влада има поднесено детален акциски план за спроведување на пресудите, а повеќе земји сега чекаат негово реализирање, односно спроведување на пресудите на ЕСЧП, што значи дозвола за регистрација на овие здруженија. Долгогодишната толеранција на европските институции во однос на бугарските измислици, па во одреден период и дрско одбивање за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (од видот – ќе платиме казни, ама не признаваме македонско малцинство), сѐ повеќе се заканува да го девалвира авторитетот на европската правда. Толеранцијата спрема Бугарија остава простор и за преостанатите членки на Советот на Европа да не ги почитуваат и да ги игнорираат пресудите на Европскиот суд за човекови права. Правдата и човековите права, како и правата на малцинствата се вградени во суштината на современите европски принципи, а европските институции треба поодлучно да се постават во нивното спроведување, особено спрема оние што ја злоупотребуваат џентлменската толеранција.