Ќе ја обедини ли брегзит ЕУ?

149

Британија неделава конечно се разведува од ЕУ. Унијата сигурно ќе се обиде да го прикаже брегзит како потврда дека животот надвор од ЕУ е лош и дека тоа е уште една причина зошто треба се одржи европскиот проект. ЕУ досега тешко успеваше да постигне единство. Дали брегзит ќе ѝ помогне во тоа?

Европското поглавје на Британија полека се затвора, речиси по половина век. На 31 јануари, Островот ќе се збогува со ЕУ, по повеќегодишни политички турбуленции поради кои паѓаа влади и се блокираа парламенти во лулката на демократијата. Брегзит е новина за двете страни. ЕУ никогаш досега не изгубила членка, а Британија допрва ќе ги уредува односите со остатокот од ЕУ, кои до вчера ги земаше здраво за готово. Токму тие се очекува да отворат едно ново поглавје на судири во иднината на ЕУ и на Британија.

Како стигна Британија дотука? За многу приврзаници на европската идеја, битката беше однапред изгубена, зашто британските евроскептици многу вешто ги искористија емоциите на британското гласачко тело, фаќајќи се за секогаш амбивалентниот однос меѓу Островот и континентот, како што самите Британци ги означуваат својата држава и остатокот од Европа. Тој евроскептицизам вриеше со децении, уште во времето на Маргарет Тачер, а кулминира со глобалната финансиска криза, стравувањата од нов бран имигранти, како и кокетирањето на конзервативците со референдум за брегзит, со уверување дека сигурно нема да се случи.
Овој амбивалентен, но често и напнат однос меѓу Британија и ЕУ одлично е отсликан во безбројните скечови на една од најпопуларните британски ТВ-серии „Да, министре“ (подоцна „Да, премиере“).
„Јас сум за Европа, ама сум против Брисел“, вели главниот протагoнист, министерот Џим Хакер, во дебата за односите меѓу Британија и Европа со неговиот постојан секретар, сер Хамфри Еплби, само уште еднаш потврдувајќи го тој нејасен однос.
Во истиот разговор од оваа брилијантна политичка сатира од 1980-тите, министерот Хакер, декларирајќи се како проевропеец (иако повеќе е политички опортунист и камелеон), му вели на државниот службеник дека Европа нуди најдобра шанса за да се избегне тесниот национален интерес на државите. Сер Хамфри, пак, со насмевка му одговара дека Европа е само игра што ја играат државите токму за да ги остварат своите себични национални интереси. Во еден друг скеч, тој посочува: „Британија се обедини околу желбата да не профункционира заедничкиот европски пазар. Затоа станавме дел од него. Британија има иста надворешнополитичка цел изминативе 500 години. Да создаде разединета Европа. Затоа се боревме со Холанѓаните против Шпанците, со Германците против Французите, со Французите и Италијанците против Германците, а со Французите против Германците и Италијанците. Тоа е стратегијата, раздели, па владеј. Моравме да влеземе за да ги разединиме. Се обидовме однадвор, ама не ни успеа. Сега кога сме внатре, можеме лом да ја направиме заедницата. Да ги подбуцнеме Германците против Французите, Французите против Италијанците, Италијанците против Холанѓаните. Сите сме задоволни. Баш како во старите времиња“.

Министерот, кој е шокиран од таквиот опис, тврди дека Британија „сигурно“ се залага за ЕУ.
„Зошто тогаш поддржуваме нејзино проширување“, прашува тој.
На тоа сер Хамфри му одговара: „Од истата причина како и досега. Колку повеќе членки, толку повеќе расправии, толку поголема импотенција и беспомошност. Исто како ОН“.
Многумина можеби нема да се согласат со таквиот опис на односите меѓу Британија и ЕУ или на „скриените“ причини на Британија, па и на другите земји за членство во ЕУ. Сепак, многу од овие причини често излегуваат на површина, особено кога ЕУ сака да ги надмине поделбите и да изгради единствен став за некое глобално прашање, обидувајќи се да се претстави како геополитички играч што може да се носи рамо до рамо со другите сили.

Кога европскептиците во Британија и во другите земји-членки ја напаѓаат ЕУ, тие секогаш го претставуваат Брисел како големо европско бирократско чудовиште, кое постојано им диктира на земјите што да прават, и повикуваат на враќање на славното национално минато.
Емотивната кампања за референдумот за брегзит во 2016 година изобилуваше со истите слогани за враќање кон славното минато и за враќање на контролата назад од Брисел, со тврдења дека кога Британија ќе излезе од ЕУ, милијарди фунти ќе бидат заштедени и потоа ќе бидат искористени за развој на националната економија и државните услуги. Уште тогаш се покажа дека таквите тврдења не се поткрепени со реални податоци. Згора на тоа, економистите пресметаа дека Британија од брегзит за неколку години изгубила исто толку колку што платила за членството во ЕУ во изминатите 47 години. Така, едни процени на Блумберг економикс велат дека сумата што Британија ја платила за членство во ЕУ во периодот од 1973 до 2020 година изнесува околу 215 милијарди фунти. Истовремено, загубите што Британија ги претрпела по референдумот за брегзит во јуни 2016 година се очекува да достигнат 203 милијарди фунти до крајот на 2020 година. Тие загуби се очекува да бидат уште поголеми ако Британија и ЕУ не ги уредат своите трговски односи во иднина.

Кога часовникот ќе означи полноќ в петок во Брисел, британското 47-годишно членство ќе исчезне. Сепак, не толку драматично. Британија ќе влезе во 11-месечен транзициски период на статус кво, во кој ќе преговара за нови односи. Големата промена е во тоа што Британија ќе исчезне од европскиот процес на носење одлуки што ќе мора да ги почитува. Во ЕУ, меѓу другото, британските знамиња ќе бидат симнати од европските институции, британскиот пристап до дипломатските депеши на ЕУ ќе биде укинат, а Британија веројатно ќе добие сива боја на мапите на ЕУ, односно неутралната боја за секоја земја што не е членка на Унијата. Во Британија, историскиот настан нема да биде обележен со голема историска забава, бидејќи Владата внимава уште повеќе да не ги зголеми политичките поделби околу брегзит. Британските знамиња ќе се веат, но нема да има симболично симнување на знамињата на ЕУ.
ЕУ е цврст блок, а Британија е силна држава, но долгорочните прогнози главно навестуваат негативни последици од брегзит, без разлика за кој параметар станува збор. Таков е случајот со економските показатели, таков е случајот и со геополитичкото влијание. Наспроти сите тврдења за подобро утре, повеќето Британци се свесни дека брегзит ќе влијае врз сите пори на општествениот, политичкиот и економскиот живот.

Истовремено, ЕУ сигурно ќе ослабне економски и политички, бидејќи губи важна членка. Британија е земја со втора најголема економија во ЕУ, голем нето-плаќач во европскиот буџет, клучна воена и нуклеарна сила (една од двете во блокот, покрај Франција), како и постојана членка во Советот за безбедност на ОН. На глобалната сцена, на која доминираат сили како САД, Кина и Русија, поделена Европа сигурно значи и послаба Европа, и тоа токму во момент кога ЕУ сака да му се претстави на светот како геополитички играч. Неодамнешно гласање во Советот за безбедност за помош на Сирија, во кое Британија како ретко досега се одвои од своите европски партнери и се здружи со САД, можеби само навестува каква ќе биде иднината за Британија и за ЕУ. Блокот сигурно ќе се обиде да го прикаже брегзит како потврда дека животот надвор од ЕУ е лош и дека тоа е уште една дополнителна причина зошто треба се одржи европскиот проект, но истовремено и да се реформира. ЕУ досега тешко успеваше да постигне единство. Дали брегзит ќе ѝ помогне во тоа?

[email protected]