Њу дил за Македонија

505

Веројатно не би требало да биде премногу да се очекува од тие што на кој било начин ја претставуваат гласноста во Македонија само на момент да се дистанцираат од сите други теми и да се позанимаваат со нештата на кои сега и тука може и треба да се влијае. Верувам дека и самиот Костов, за кого во јавноста постои впечаток дека е вистински џентлмен, би се откажал од авторството на предлогот заради смирување нечии суети и заради остварување на крајната цел, а тоа е санирање на драматично стеснетиот простор за економијата во земјава, независно дали станува збор за енормното задолжување, разузданата буџетска потрошувачка, распашаната и висококорумпирана администрација, правната несигурност, поразителниот животен стандард, девастираната инфраструктура, имагинарниот пазар на трудот, забрзаната депопулација…, поради кои и не треба да изненадува фактот што политичките партии, особено оние „најзаслужните“ за сето тоа, го игнорираат предлогот

Кога пред речиси едно столетие тогашниот претседател на Соединетите Американски Држави, Франклин Рузвелт го почнал „Њу дил“, програма на социјални и стопански реформи што имале за цел да ја извлечат земјата од големата економска криза што настанала неколку години претходно, имало многу скептици во однос на реализацијата на оваа тогаш мошне амбициозна, а како што се покажа подоцна, исклучително визионерска замисла. Целта била елиминирање на последиците на таканаречената Голема депресија, за која, ако некој се потрудел да ја спореди со состојбата во Македонија во изминативе неколку децении, веројатно ќе се покажело и дека не била толку голема.
Програмата на Рузвелт подразбирала финансирање масовни јавни проекти од страна на државата, доделување поволни банкарски кредити, контрола на цените, решителна борба против тогаш мошне корумпираната државна администрација… Иако многумина тогаш ја осудуваа програмата на Рузвелт како недозволив државен интервенционизам, токму резултатите што следувале во наредните години, според неподелени мислења, ја направија Америка голема. Многу поголема од депресијата.
И актуелниот претседател на САД, Џозеф Бајден, сега планира во потклекнатото американско стопанство и во пропаднатата инфраструктура да инјектира огромни финансиски средства, при што, исто така, ќе мора да се соочи и со противниците на државниот интервенционизам. Колку во овој мошне сложен момент за американското стопанство и општество, но и генерално за позицијата на САД на глобалниот план, Бајден ќе успее во своите намери, ќе покаже времето.
А во меѓувреме, длабоко закопана под безбедносните, економските, политичките и секакви други интенции на големите сили и на глобалните случувања воопшто, како и под проблемите што Македонија деновиве ги има со новиот бран на пандемијата на коронавирусот, пожарите и со обидите за гаснењето на политичките апетити во пресрет на локалните избори, викендов, покрај сите бесмислености и небулози, кои веќе се навикнавме да ги слушаме, се изнедри и една можеби не баш најоригиналната, но сепак идеја што заслужува пошироката јавност да се позанимава со неа, а политичките и економските експерти барам привремено да се ослободат од своите суети и сериозно да се зафатат со нејзино разгледување.

Потоа, само од капацитираноста на политичките лидери ќе зависи дали таа ќе стане предмет на сериозни меѓупартиски разговори и решителни институционални напори или, како што милуваат да кажат нивните пиар-служби, ќе влезе во нивните агенди.
Имено, еден од потврдено најдобрите стопанственици во земјава и не баш најуспешен, веројатно, во голем дел и поради објективни околности, поранешен премиер и министер за внатрешни работи, Хари Костов, пред некој ден, од морето фрази, флоскули, пароли, мантри, бесмислици, демагогии, подвали, заблуди, генерализации, инсинуации… посветени на јубилејот на Охридскиот рамковен договор, успеа да исплива со помош на предлогот релевантните политички субјекти во земјава да потпишат нов рамковен договор, за економски реформи.
Без намера сега да се занимаваме со тоа кој сѐ, според некакви издржани параметри, би можел да се квалификува во кругот на „релевантни политички субјекти“, од тажната и тешко променлива реалност, произлегува дека тоа, во прв ред, би биле ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, политичките партии што, секоја на свој начин, го обележија периодот на тридецениската (не)зависност на Македонија. И бидејќи токму тие, како клучни политички фактори во земјава, се согласни дека Охридскиот договор обезбедил решенија за внатрешнополитичките проблеми, Костов им сугерира сега да се позанимаваат со економијата, и тоа на подолгорочен план и со широк општествен консензус.

Во Македонија, денес, не постои побитно и поургентно прашање од економијата, зашто во услови на хаотични меѓународни односи и непостоење на доверливи надворешни партнери, само развиена национална економија може да биде темел на долгорочната заштита на државните и на националните интереси. Зарем досега не е јасно дека државата со слаба економија, зависна од увозот и од странските економии, меѓународните донации, грантови и кредити, разните видови помош и донации, останува подложна на секакви видови притисоци и уцени како од „лошите“ така и од „добрите“ меѓународни фактори и партнери, што во крајна линија се рефлектира врз секоја област, па и врз нејзината безбедност

Но дали поради тежината на проблемот, дали поради сите гореспоменати отежнувачки околности на локално и на глобално ниво или поради, на пример, состојбата во Авганистан, која ескалира во изминативе денови и за која, сега, секој се најде за повикан да ја коментира, во јавноста не се разви дебата за предлогот на Костов.
Веројатно не би требало да биде премногу да се очекува од тие што на кој било начин ја претставуваат гласноста во Македонија само на момент да се дистанцираат од сите други теми и да се позанимаваат со нештата на кои сега и тука може и треба да се влијае. Верувам дека и самиот Костов, за кого во јавноста постои впечаток дека е вистински џентлмен, би се откажал од авторството на предлогот заради смирување нечии суети и заради остварување на крајната цел, а тоа е санирање на драматично стеснетиот простор за економијата во земјава, независно дали станува збор за енормното задолжување, разузданата буџетска потрошувачка, распашаната и висококорумпирана администрација, правната несигурност, поразителниот животен стандард, девастираната инфраструктура, имагинарниот пазар на трудот, забрзаната депопулација…, поради кои и не треба да изненадува фактот што политичките партии, особено оние „најзаслужните“ за сето тоа, го игнорираат предлогот на Костов. Но несфатливо е и недозволиво е тоа што голем дел од јавноста, особено стручната, и понатаму глуми дека за ништо не слушнала, додека еден помал нејзин дел веќе се обидува предлогот на Костов да го осуди на пропаст. А зошто сите заедно, и со најдобри намери, да не се обидат? Во Македонија, денес, не постои побитно и поургентно прашање од економијата, зашто во услови на хаотични меѓународни односи и непостоење на доверливи надворешни партнери, само развиена национална економија може да биде темел на долгорочната заштита на државните и на националните интереси. Зарем досега не е јасно дека државата со слаба економија, зависна од увозот и од странските економии, меѓународните донации, грантови и кредити, разни видови помош и донации, останува подложна на секакви видови притисоци и уцени како од „лошите“ така и од „добрите“ меѓународни фактори и партнери, што во крајната линија се рефлектира врз секоја област, па и врз нејзината безбедност.

[email protected]