Јатото нѐ чека за во НАТО?

674

Времето до следниот самит на Алијансата е навистина кратко, се чини дека македонскиот пат кон полноправно членство во НАТО и натаму ќе остане трнлив и полн со пречки, дипломатски флоскули и несигурности и во актуелниов контекст на случувањата поврзани со договорот од минатата недела со Грција

Веста поврзана со фактот дека точката за македонската покана за членство во НАТО била веќе ставена на дневен ред на самитот на Алијансата што ќе биде одржан во јули, во домашната јавност неделава беше една од најчитаните и најраспространети информации.
Ова вест најпрво пред пратениците во средата ја соопшти премиерот Зоран Заев, а потоа почна гласањето на ратификацијата на договорот со Грција за името, што се заврши со 69 гласа за, без против и без воздржани.
И неупатените знаат дека не е тешко да се одгатне логичноста на дилемата зошто веста за евентуалниот македонски прием во сојузот може да биде најчитана во домашниот етер. Тоа е така бидејќи македонската желба за членство во НАТО, според теренските истражувања, сепак е сѐ уште голема. Нашата земја е практично кандидат за членство уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција за влез на земјата во НАТО. На 15 ноември 1995 г. Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир (ПМ). Во тоа време, бевме примени и во Северноатлантскиот совет за соработка, подоцна Евроатлантски партнерски совет. Наредната година на 14 јуни беше отворена и Канцеларија за врски на НАТО во МАкедонија, а при крајот на 1997 г. беше отворена и Постојаната мисија на Македонија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 г. на самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија стекнува статус кандидат за членство во Алијансата, со што почнува со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство (АПЧ), кој, за жал, никогаш не се финализира. Во 2002 година Македонија почна да учествува во меѓународни мировни мисии, и тоа во Авганистан во 2002 година, Ирак во 2003 година, Босна, Либан… Но, сѐ беше попусто по грчкото вето на самитот во Букурешт во 2008 година. На патот кон НАТО од рамноправно ниво на македонската кандидатура, поради непостоење политички пречки, нѐ престигнаа Албанија и Хрватска, кои во 2009 го ставија своето знаме пред командата на Алијансата. Истото тоа се случи дури и со Црна Гора, која како земја формалноправно не постоеше во периодот кога Македонија го чекореше својот пат за членство. Во 2009 година властите во Подгорица се приклучија кон МАП, а веќе во 2017 година земјата стана членка на НАТО.

Од година на година, на еден, друг или на трет начин со Република Македонија или поточно врз грбот на државата се прават најразлични преседани по ова прашање што вообичаено нѐ попречуваат во нашите цели и развој. Најчесто ваквите преседани се во форма на барање да исполниме некакви дополнителни критериуми, услови, уцени и слично или на земјата ѝ се доделуваат некаква условена препорака, специјален статус итн. Она што збунува и што изненадува, а е евидентно, е сознанието што вакви дополнителни барања, услови, (односно зачини и специјалитети од туѓата политичка кујна), кои низ годините ги вкусила нашата држава, не биле практикувани за други земји. Условите што важеле за нив не важат за нас. Од нас секогаш се бара нешто плус, нешто што го нема во општите критериуми за другите, кога станува збор за меѓународната политика, евроатлантските интеграции итн. Иако ги исполнувавме сите барани услови и критериуми, ние не станавме дел од НАТО во 2008 година поради блокада од Грција. Потоа судски се докажа и со пресуда на Меѓународниот суд за правдата во Хаг дека блокадата на Грција била неправедна и незаконска. Но повторно ништо. Македонија и денес е надвор од НАТО. Сега само со нова обврска олицетворена во договорот од Преспа.
Иако времето до следниот самит на Алијансата е навистина кратко, се чини дека македонскиот пат кон полноправно членство во НАТО и натаму ќе остане трнлив и полн со политички пречки, дипломатски флоскули и несигурности и во актуелниов контекст на случувањата поврзани со договорот од минатата недела со Грција.
На ваква констатација нѐ наведува фактот ако се изанализира сѐ она што стои во условената покана на Македонија во НАТО од самитот во Букурешт во 2008 година и ако се раслои последната двосмислена изјава дадена по ова прашање од страна актуелниот прв човек на НАТО, Јенс Столтенберг.
Во априлската декларација на НАТО од 2008 година по самитот во Букурешт беше запишано дека не сме член на Алијансата, иако сојузот ѝ го признава на БЈРМ покажаниот огромен труд и посветеност кон вредностите на НАТО, операциите на Алијансата, напори за градење мултиетничко општество.
– Се согласивме дека поканата за БЈРМ се одложува додека се најде заеднички прифатливо решение за проблемот за името. Охрабруваме повторно да почнат преговорите без одложување и очекуваме за завршат во најскоро време – се вели во заклучокот.

Ако добро се прочита ова, ќе се разбере дека со самиот момент на решавање на спорот односно со потпишувањето на договорот Македонија веќе ќе биде дел од НАТО. Но тоа пак најверојатно не е баш така. Шефот на Алијансата, Столтенберг, во својата последна изјава не може најверојатно да се одлучи и да дефинира кога Македонија би станала член на сојузот, кога ќе го почне процесот за тоа и дали сето воопшто може да се случи летово или, пак, многу подоцна од овој рок, односно практично тогаш кога ќе се исполнат сите барања од Грција неповрзани со условите за влез во воената алијанса.
Столтенберг во интервју за француската телевизија Франс 24 вели дека на јулскиот самит се надева на потенцијална одлука за почеток на пристапните преговори за БЈРМ, откако, според него, договорот со Грција ќе биде ратификуван.
Временската рамка, како што рече, зависи малку од финализацијата на договорот во Скопје, но оти „се надеваат дека ќе почнат преговорите за пристапување на самитот или барем ќе биде донесена одлука за нивен почеток ако сѐ се одвива според планираното околу ратификацијата и референдумот што ќе се одржи подоцна оваа година“.
Оваа двосмислена изјава на Столтенберг, во која нема никаква гаранција за наше членство во сојузот, е клише. Години едноподруго добиваме само вакви позитивни сигнали за почеток на процесот за членство во НАТО, но реално поместување од место нема. Истовремено летвичката се подигнува сѐ повисоко, се бараат нови и нови отстапки, а за возврат практично не добиваме ништо. Дали така ќе биде и ова лето на самитот во Брисел останува да видиме.