Ѕвездите на „Манаки“ без кои не се може

762

Битола треба да го следи концептот на малите европски гратчиња што дишат со топлина, шарм и мир, но не ве оставаат рамнодушни. Како на пример Карлови Вари во Чешка, градот на „кралските бањи“, често посетувани од славните личности, во кој се одржува еден од најстарите, а наедно и најреномирани филмски фестивали во Европа. Да има добра програма, но и повеќе големи ѕвезди. Само така годинашниот слоган „Симнуваме капа“ ќе добие и посуштинско значење

Годинава во Битола, по 39-ти пат, имавме можност да го помирисаме магичниот фестивалски дух на филмската смотра „Браќа Манаки“, која заврши викендов, а за тоа не е доволно само да се постели црвениот тепих туку на него да се најде и голема филмска ѕвезда од светски калибар. Таква беше овој пат скромната, едноставна, позитивна, исклучително емотивна, но истовремено и многу темпераментна и жива, големата дива на италијанскиот и на светскиот филм, актерката Клаудија Кардинале, чиј актерски пат во 1960-тите и во 1970-тите ја претвори во водечка ѕвезда, не само поради неверојатната убавина, која ја вброи во 50-те најубави жени во историјата на филмот туку и поради незапирливата енергија со која сними над сто филма во својата 60-годишна кариера. Иконата на култните „Осум и пол“, „Беше еднаш на Дивиот Запад“, „Гепард“, „Пинк Пантер“, „Саламандер“, „Фицкаралдо“, „Девојката со куферот“… не само што прошета по црвениот килим на отворањето туку како вистинска ѕвезда, која не им робува на клишеата, остана во Битола во придружба на својата ќерка цели три дена.
Во Битола годинава беше уште едно звучно име, британскиот кинематографер Роџер Дикинс, кој дојде во Македонија заедно со својата сопруга Изабела. Дикинс важи за еден од најголемите живи светски кинематографери, за што сведочи импресивната листа на филмови зад кои се потпишува: „Бегство од Шошенк“, „Фарго“, „Кундун“, „О, брате каде си“, „Човекот што не беше таму“, „Нема земја за стари луѓе“, „Читачот“, „Скајфол“…

По последните изданија без голема ѕвезда (актерска) на отворањето на фестивалот, новото раководство се врати на форматот и концептот што ги негуваше Лабина Митевска како прв човек на „Браќа Манаки“ со години, период во кој покрај големите директори на фотографија, на кои впрочем им е посветен фестивалот како Ентони дод Ментл, Бруно Делбонел, Лука Бигаци, Кристијан Бергер, во Битола дојдоа и Катрин Денев, Изабел Ипер, Виторија Абрил, Дарил Хана, Жулиет Бинош…

Големите ѕвезди и важните имиња, покрај исклучителната програма, се она што го прави секој фестивал возбудлива точка за публиката, можеби повеќе за поклониците на паради отколку за вистинските филмофили, но, како и да е, тие му даваат на еден фестивал реноме и потврда дека тој е дораснат на задачата да биде нешто повеќе од обична филмска смотра, какви што ги имаме и отповеќе во земјава.

Организаторите на големите филмски фестивали знаат како да го негуваат црвениот тепих, затоа што знаат дека меѓу другото тоа е повеќе од добар потег за привлекување публика без која ниедна манифестација не може да опстои. Добро е што новото раководство, предводено од искусната Гена Теодосиевска, долгогодишна новинарка и филмска критичарка, досегашна уметничка директорка на фестивалот и селекторка на документарната програма, потоа Благоја Куновски-Доре како нов уметнички директор и Игор Иванов-Изи, избран во советот на фестивалот, како претседател на Друштвото на филмски работници, знаат исто така дека шармантната Битола (единствена посветена на директорите на фотографија) треба да остане наша ретка фестивалска гордост што знае да ги негува своите ѕвезди, што го вреднува сјајот на рефлекторите на црвениот килим, чија функција е зголемување на публицитетот, кој многу му е потребен на секој фестивал. Секако, не заборавајќи притоа дека критериумот за успешноста на еден фестивал е да донесе барем четвртина од пресекот на она најдоброто од светската продукција во моментот, затоа што е неопходен многу поголем ангажман од само блескави кулиси.

Битола (иако би сакале) можеби не е ни Берлин, ни Кан, ни Венеција, ниту Широк сокак не е Лидо во Венеција, ниту пелагониската рамница е Азурниот Брег, ама овој македонски град мора да остане возбудлива точка за вистинските филмофили и за публиката, но да стане предизвик и за големите ѕвезди. Низ светот има многу филмски фестивали, од Гоа до Африка, од Шангај до Оберхаузен. Тринаесет меѓу нив ја имаат категоријата А (Торонто, Москва, Монтреал, Сан Себастијан, Локарно, Карлови Вари, Мар де Плата и Токио), а Берлин, Кан и Венеција предничат. Меѓународната асоцијација на филмски продуценти ФИАПФ му ја доделува категоријата А на еден фестивал кога тој ќе исполни определени услови. Дотаму не сме стигнале, се разбира. Дотаму впрочем не стигнал ни еден „Санденс“ (Роберт Ретфорд раководи со него од 1980-тите години), а сепак и без вредносниот печат А е извонредно познат. Во првата категорија не стигнал ни меѓународниот фестивал на краткиот филм во Оберхаузен, Германија, кој е најстариот фестивал од ваков вид во светот (режисери како Вим Вендерс, Мартин Скорсезе и Џорџ Лукас имаат учествувано на него). И „Браќа Манаки“ би можел да се вброи во оваа категорија добри фестивали без ознаката А. Затоа што битолскиот фестивал исполнува некои од условите за добар фестивал, а ѕвездите на црвениот тепих и блицевите што штракаат се навистина важен предуслов за тоа.

Битола треба да го следи концептот на европските мали гратчиња што дишат со топлина, шарм и мир, но не ве оставаат рамнодушни. Како на пример Карлови Вари во Чешка, градот на „кралските бањи“, често посетувани од славните личности, во кој се одржува еден од најстарите, а наедно и најреномирани филмски фестивали во Европа. И во Битола изминативе десетина дена се чувствуваше фестивалска атмосфера, градот беше полн со кинематографери, актери, филмски работници, филмофили, гости и новинари, а имаше и ѕвезди. Одржувањето на таквиот концепт во континуитет како траен резултат ќе донесе вистинско етаблирање на битолскиот фестивал на светската филмска мапа. И само така годинашниот слоган „Симнуваме капа“ ќе добие и посуштинско значење.