Што би му кажал в лице на Макрон

937

Најпрво пред него би ја пуштил снимката од неговото видеообраќање пред референдумот во Македонија, каде што токму Макрон порачува дека патот кон ЕУ и НАТО води преку Преспа. Токму така, многу е пожелно да му се пушти на Макрон да си ја преслуша сопствената порака што ни ја прати тој самиот во пресрет на минатогодишниот референдум и притоа да се праша дали тој, како лидер и политичар, си стои на зборот

Како секој разочаран Македонец по француското „не“ за доделување датум за почеток на преговори за Македонија за членство во ЕУ, веројатно многумина граѓани посакуваат да можат своите аргументи директно и во четири очи да му ги предочат на францускиот претседател. Да го изразат своето незадоволство од француското блокирање наспроти сите болни и тешки отстапки што претходно ги направи Македонија.

Таквата можност да се сретне директно со Макрон, сепак, ја има единствено претседателот на државата Стево Пендаровски, кој во вторник оди во Париз, на средба со францускиот претседател. Она што е интересно е што Пендаровски, практично, ќе биде и првиот од македонскиот естаблишмент што ќе може да го стори тоа и да ги презентира македонските аргументи и факти и да се обиде да му докаже на Макрон дека државата заслужува да има свое столче во Унијата, дека грешката треба да се исправи и до датум за преговори да се дојде што поскоро на некој од следните состаноци на челниците на Европа.

Во склопот на актуелното случување, за пофалба е фактот што таква средба воопшто ќе се одржи, бидејќи неколкупати претходно обидите на македонските власти да дојдат до Макрон, според пишувањата на некои медиуми, биле безуспешни. Но настрана аргументацијата, политичките и дипломатските вештини на претседателот Пендаровски, во кои воопшто не треба да се сомневаме, еве приближно кратка сценографија што еден најобичен разочаран Македонец би му кажал на Макрон.
Најпрво, пред него би ја пуштил снимката од неговото видеообраќање пред референдумот во Македонија, каде што токму Макрон порачува дека патот кон ЕУ и НАТО води преку Преспа. Токму така, многу е пожелно да му се пушти на Макрон да си ја преслуша сопствената порака што ни ја прати тој самиот во пресрет на минатогодишниот референдум, кога преку видеообраќање до македонските граѓани порача дека спогодбата од Преспа од 17 јуни 2018 година овозможува напредок и подготовка за нашата иднина кон приклучување на ЕУ и НАТО.

Но не само Макрон туку и другите светски лидери што ја посетија земјата во тој период, од профилот на германската канцеларка Ангела Меркел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Себастијан Курц, Фредерика Могерини, Џејмс Матис, Хеико Мас, Алан Данкан, испратија слични пораки како и шефот на француската држава.
Значи, едно од прашањата би било и дали си стои на сопствениот збор.
Понатаму, од прва рака би можело да се разговара и за новата методологија за проширување, за која говореше заменик-претседателката на францускиот Сенат и членка на комисијата за надворешни работи, Елен Конве-Муре, при посетата на земјава. И за ова има што да му се каже на Макрон.

Поточно, би ги запрашал дали можеби новата методологија за проширување на ЕУ што ја најави францускиот претседател и која всушност беше и главна причина или изговор за нашата блокада треба да ја пишува токму Македонија.
Можеби Макрон смета дека новата методологија за ЕУ треба да ја подготви токму Македонија, па затоа ни дава повеќе време за тоа, наместо да се замараме со датуми и некоиси таму поглавја. Ете, и тоа би го прашал.
Дали можеби ни прави чест и ни одава признание, а ние овде мислиме дека божем нѐ казнува?!
На разговорот треба да се дефинира и тоа дали Македонија ќе биде единствената држава што ќе ја испишува историјата за зачленување во ЕУ со новата методологија или, пак, сето тоа е само уште еден оправдување и нов морков што ни се сервира и овој пат.

Интересно е да се праша, да речеме, и дали е случајно или не токму Франција и Холандија, двете земји што имаа најголеми резерви за проширувањето, најдолго се влечат со ратификацијата на нашиот прием во Алијансата, додека преостанатите држави во најголем дел успеаја релативно брзо да го сторат тоа.
Секако, нѐ интересирало и образложение од Макрон, веднаш по блокадата, на неговата теза дека и не мора сите земји-соседи на ЕУ да станат нејзини членки, со што се доведува во прашање политиката на проширување со земјите од Балканот.
Во една ваква ситуација, недостига одговор и што со опасноста од враќање на национализмот и евроскептицизмот во регионот ако веќе паѓа во вода европската перспектива.

Зашто македонските граѓани, иако се чувствуваат изиграно, сепак продолжуваат да веруваат во европските и НАТО-вредности.
Токму овој период е одлична можност да се му докаже на Макрон дека греши, а на домашен терен власта и опозицијата заедно да покажат дека делат иста европска агенда. Па, во тој правец политичките сили во државата да се обидат да ги решат прашања што не можеа да се решат во претходниот период, како носењето на законот за јавно обвинителство, реформирањето на изборниот модел, носењето на Изборниот законик и спроведувањето на „ветингот“ во МВР и судството, енергична битка со корупцијата, зацврстување на моќта на институциите и владеење на правната држава.

[email protected]