Чекор кон интеграција, два кон дезинтеграција

297

Дали ситуацијава со Макрон значи дека станува збор за недоразбирање или иницијативата Брдо-Бриони го губи ротирачкото менторство на големите сили, времето ќе покаже. Но она што досега се покажа е реалното влијание на Словенија врз процесите во регионот, врз можностите за негово евроинтегрирање, а особено врз негово брзо интегрирање и во некаков пакет, како што во последно време се заговара оттаму

Ниту речиси цела деценија од востановувањето на иницијативата Брдо-Бриони, насочена кон интегрирањето на државите од регионот во Европската Унија, нивните претставници не успеале да се согласат околу, веројатно, клучниот елемент на неговата (дез)интеграција – принципот на неменливоста на границите. А кога се има предвид дека годинашниов самит на иницијативата, кој пред некој ден се одржа во Брдо кај Крањ, во Словенија, се случуваше непосредно по објавата на неавторизираниот нонпејпер за прекројувањето на границите на Балканот, тогаш сосема слободно може да се каже оти ваквиот развој на настаните бил сосема очекуван.
Може само да се претпоставува дека токму споменатиот нонпејпер, чие авторство неофицијално му се припишува на словенечкиот премиер Јанез Јанша, што тој воопшто и не се обиде уверливо да го демантира, беше причина организаторот на собирот, претседателот на Словенија, Борут Пахор, на учесниците како заедничка изјава да им го понуди на усвојување текстот што првично содржел и дел за неменливоста на границите во регионот. Дали со намера да им го опипа пулсот на колегите од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора и од Косово или да ја намали штетата што на словенечката дипломатија ѝ го нанесе контроверзниот нонпејпер за прекројувањето на западнобалканските граници, Пахор наиде на отпор на српскиот претседател Александар Вучиќ, по што мораше да се задоволи со вообичаената реторика во смисла на неопходноста од забрзаното проширување на Европската Унија кон Балканот. Имено, сосема очекувано, поради Косово, а и поради уште некои други територии на кои цели Србија, Вучиќ не можеше да се согласи со одредбата за неменувањето на границите, а евентуалното негово надгласување во никој случај не би било во духот на европските стремежи, така што ова прашање повторно е турнато под тепих, а целата претстава е окарактеризирана како „компромис“.

Патем, исто така очекувано, целиот настан бил проследен и со ненадминливите разлики помеѓу Вучиќ и косовската претседателка Вјоса Османи околу именувањето на нејзината земја во заедничката изјава.
За нештата да бидат појасни, треба уште да се потсети и оти годинава, за првпат, на самитот не се појави ниту таканаречениот почесен гостин, кој вообичаено беше од редот на највисоките функционери на некоја од повлијателните членки на Унијата или од Соединетите Американски Држави, а овој пат тоа требаше да биде францускиот претседател Емануел Макрон. Тој уште од лани, па до март годинава, наводно, искажувал подготвеност да присуствува, но неодамна му се извинил на организаторот, со образложение дека во исто време имал обврски кон еден многу значаен меѓународен настан, поради што ќе присуствувал „можеби“ веќе на наредниот самит на иницијативата.
За потсетување, на претходните вакви средби, меѓу другите, се појавуваа германската канцеларка Ангела Меркел, поранешниот претседател на Франција Франсоа Оланд, актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, како тогашен потпретседател… Токму тие „високи гости“ му го даваа досегашното посебно значење на самитот.
Дали ситуацијава со Макрон значи дека станува збор за недоразбирање или иницијативата Брдо-Бриони го губи ротирачкото менторство на големите сили, времето ќе покаже. Но она што досега се покажа е реалното влијание на Словенија врз процесите во регионот, врз можностите за негово евроинтегрирање, а особено врз негово брзо интегрирање и во некаков пакет, како што во последно време се заговара оттаму. Тоа е крајно нереално поставено барање, од проста причина што сите држави, меѓу кои има аспирантки и кандидатки со незапочнати и со почнати преговори, не се ниту на приближно исто евоинтеграциско ниво, а и интересот на членките на Унијата е неуедначен.

Толку и од намерата и од реалните можности прашањето на интегрирањето на земјите од регионот да се наметне како „геополитичка итност“, особено поради фактот што во сето тоа нема ниту навестувања за нови и свежи идеи што би можеле да ја оживеат стратегијата за побрзо интегрирање на регионот во Унијата. А колку скриени понуди на опасни алтернативи има во сето тоа, допрва би требало сериозно да се анализира

Конечно, дека не само иницијативата генерално, туку и последниов, конкретен, состанок тргнале во спротивна насока, веќе се согласни дури и некои од неговите учесници. Согледувајќи ја целата состојба, тие сметаат дека иницијативата наместо да го доближи, почнала да го оддалечува регионот од Брисел, што, секако, не е констатација за потценување. И не е далеку од вистината.
Толку и од намерата и од реалните можности прашањето на интегрирањето на земјите од регионот да се наметне како „геополитичка итност“, особено поради фактот што во сето тоа нема ниту навестувања за нови и свежи идеи што би можеле да ја оживеат стратегијата за побрзо интегрирање на регионот во Унијата. А колку скриени понуди на опасни алтернативи има во сето тоа, допрва би требало сериозно да се анализира.
Во меѓувреме, агендите на слични собири би требало да се прочистуваат од точки за кои однапред се знае дека би можеле да бидат предмет на спорења помеѓу одделните учесници и од теми што нема да послужат за ништо друго освен за острење на перата на нивните премногу ревносни гласноговорници и на скриените, но ништо помалку опасни, заговорници. Или, како што уште пред неколку години потсети еден од водечките словенечки аналитичари, иницијативата се темелеше на идејата претставниците на балканските земји, оптоварени со многубројни недоразбирања и судири, на масата да изнесуваат решенија, а не проблеми.

[email protected]