Цикличност

352

Променливоста на успесите не е само кај сениорите туку и кај младите категории, но токму тие во два наврата беа своевидна лакмус-хартија и најава на резултатите на А-репрезентацијата, прво пред првиот пласман на ЕП, а потоа и пред четвртото место во 2011 година. Слично е и сега, се надеваме. Затоа, сега особено, кога сениорите впловија во познати води, а во младите репрезентации очигледно има квалитет, треба максимална поддршка за кошарката, да се засили фокусот врз младите за нивен напредок, за, прво, сите млади репрезентации да се најдат во дивизијата А. Потоа ќе биде полесно и за сениорите

По играњето во познато друштво, многу слично на тоа од 2005 година, македонската сениорска кошаркарска репрезентација се врати на своето место и ќе игра во квалификациите за пласман на едно европско првенство, во случајов за тоа во 2021 година. Изминувањето на патот до и од дното во два наврата за 14 години е комбинација на сопствен минат труд и на разни „административни“ промени на системите на натпреварување на европско и на светско кошаркарско ниво. Променливоста на успесите не е само кај сениорите туку и кај младите категории, но токму тие во два наврата беа своевидна лакмус-хартија и најава на резултатите на А-репрезентацијата. Слично е и сега, се надеваме.

Од осамостојувањето, сениорската селекција не успеа веднаш да се најде на едно европско првенство, па се пропуштија евробаскетите од 1993 до 1997 година. Во тој период младата репрезентација за играчи до 16 години, со Тодор Гечевски како предводник, во средината на деценијата го освои четвртото место во Европа. Во 1997 и во 1999 година генерацијата со Владо Илиевски беше шеста и десетта на ЕП. Во 1999 година сениорската селекција дебитира на континенталните првенства, на Евробаскетот во Франција, со тим во кој се најдоа, меѓу другите, и центарот и бекот.

Потоа следуваше нов репрезентативен пост во сите категории. Во 2005 година Македонија, дури и неочекувано, се најде во тогаш воведената дивизија Б, од која, сепак, веднаш се врати во елитното друштво на сигурен, а на повеќе натпревари и на супериорен начин, со само еден пораз. Но, паралелно, истиот скок од Б во А го направи и младинската селекција за кошаркари до 20 години, во која беа, меѓу другите, Предраг Самарџиски, Александар Костоски, Војдан и Дамјан Стојановски, Дарко Соколов, Кирил Николовски… Селекцијата до 16 години, пак, беше седма во дивизијата А во 2003 година. Тие играчи во годините потоа станаа стандардни членови на А-тимот, а беа во репрезентацијата кога по десетгодишно отсуство Македонија се врати на европските првенства и кога во 2011 година беше освоено четвртото место на сениорското Европско првенство во Литванија. Така, и вторпат подемот на сениорите кон европските височини беше „најавен“ со претходен младински успех.

Сега како одново да се повторува приказната. Сениорите, со многу промени во играчкиот состав, од третата лига (играњето во првиот претквалификациски дел за ЕП 2021 сигурно може да се оквалификува како трета лига) се вратија во средината во која припаѓаат, па по два претквалификациски циклуса, сепак, без поголеми проблеми, ќе играат во редовни квалификации за континенталниот шампионат. Во минатата година, пак, една нова генерација за кошаркари до 16 години направи исчекор и се врати во дивизијата А.

Оваа цикличност очигледно не е доволна за постојаност, па е јасно дека треба засилена работа во младинските категории во клубовите, за, прво, сите млади репрезентации да се најдат во дивизијата А. Потоа ќе биде полесно и за сениорите. Затоа, овојпат овој изоден пат по ветер и дожд на сениорите и успехот на младите со пласманот во дивизијата А треба максимално да се искористи, за да не се случуваат големи падови. Осцилациите во врвниот спорт не се изненадување, но секако дека можат да се ублажат. Во кошарката, и Македонија е одличен пример, оти од дивизија Б во 2005 година за шест години стигна да го освои неверојатното четврто место на Европското првенство во 2011 година во Литванија, а потоа по исто толку години се најде на периферијата на европската игра под обрачите.

Македонија е, сепак, и кошаркарска земја. Толку малку жители, а толку многу признанија и трофеи, како на пример европски титули (Антиќ три, Петар Наумоски две, Игор Михајловски една…), освоени пехари и од другите континентални купови (Наумоски, Врбица Стефанов…), силни меѓународни натпреварувања (Илиевски јадрански шампион, трет во Евролигата, првак во пет земји…, Гечевски двоен рекордер на Јадранската лига…), од меѓународни првенства на репрезентации (Благоја Георгиевски има олимписко и континентално сребро, како и две медитерански злата) и настап во најсилната светска конкуренција (Антиќ две години играше во НБА). Секако, тука се и тренерите и со меѓународно влијание.

Но овие и многу други лични и тимски достигнувања во никој случај не дојдоа прекуноќ. Затоа, сега особено, кога сениорите впловија во познати води, а во младите репрезентации очигледно има квалитет, треба максимална поддршка за кошарката, да се засили фокусот врз младите за нивен напредок. Тој веројатно ќе биде поттикнат и, на пример, со правилата за сѐ поголем задолжителен број македонски кошаркари на теренот за време на првенствените и натпреварите од Купот на Македонија, што на играчите ќе им ја даде потребната минутажа за квалитативно отскокнување, но можеби може да се воведат и други мерки, можеби да се врати еден стар концепт со формирање посебен младински тим со кошаркари од сите екипи, кој ќе настапува во Првата сениорска лига, постојано усовршување на тренерите…