Фудбалот тргна

267

По сѐ, Македонија останува на одличен пат кон ЕП 2020, не само поради бодовите или според пласманот во полуфиналето во Лигата на нациите, туку, уште поважно, според играта. Условите се тука – стандардна репрезентацијата, еден селектор на долги патеки, што како резултат дава уиграност, сплотеност, тимска хемија… Тим што добро се познава може да игра добро и да се надмине себеси. По повеќе сушни квалификациски години, сега сме во период на ситен дожд, по триумфот во групата во Лига Д во Лигата на нациите и пласманот во полуфиналето. Но со четирите бода почна да се засилува и ветерот, што може да е најава, конечно, и за една фудбалска бура во Македонија

Еуфорија е тоа што најмалку сега ѝ треба на фудбалската репрезентација на Македонија, по одличниот почеток на квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година, кое треба да се игра низ целиот континент. Четирите бода по првите две кола се редок успех, остварен само уште во циклусот за пласман на Светското првенство во 1998 година во Франција.
Но ваквиот летачки старт со проверениот рецепт за успех (три бода дома, еден од гости) може само да биде добар знак, ако се знае дека токму квалификациите за тој мундијал од пред 21 година беа најуспешните. Иако и тогаш беше освоено „загарантираното“ четврто место, Македонија на две кола до крајот на тие квалификации беше на прагот да се пласира на второто место во групата и да игра во баражот. Таму, сепак, настапи Република Ирска, која тогаш црвено-жолтите ја победија во Скопје со 3-2.

По повеќе сушни квалификациски години, сега сме во период на ситен дожд, по триумфот во групата во Лига Д во Лигата на нациите и пласманот во полуфиналето, со што практично репрезентацијата на Македонија е на неверојатни 180 минути до историскиот прв пласман на континенталниот шампионат, в година. Но со четирите бода почна да се засилува и ветерот, што може да е најава, конечно, и за една фудбалска бура во Македонија. Сепак, најавата за бура никако не смее да се претвори во еуфорија, оти таа е најголемиот непријател на спортот.

Селекторот Игор Ангеловски, кој, исто така, повикува на смиреност, во својот прв циклус како кормилар главно не можеше да смета на златната генерација македонски фудбалери, која го проби мразот и како прва селекција од Македонија заигра на едно европско првенство, тоа за фудбалери до 21 година, во 2017 година, во Полска. И во тој циклус беа бележени солидни резултати, како на пример ремито со Италија на гости. Потоа, за новото натпреварување, Лигата на нациите, репрезентацијата се комплетира и сега, речиси две години по тоа младинско Европско првенство, во составот на сениорската селекција има и голем број некои од носителите на играта на некогашните младинци.

Во тимот на Ангеловски сега се учесниците на тоа Европско првенство во Полска, Енис Барди, Бобан Николов, Висар Муслиу, Егзон Бејтулаи, Дарко Велковски, Ѓоко Зајков, Елиф Елмас, Кире Марковски, Дамјан Шишковски и Кристијан Тошевски, до неодамна повреден беше Марјан Радески, кој дотогаш беше во составот. Вкупно 11 од 23 фудбалери што играа на тоа младинско континентално првенство.

Токму младоста е еден од адутите на оваа селекција. Но секогаш е добра комбинацијата со искуството, а искуството не го носат само капитенот и другите фудбалери, туку го носи целиот тим. Така, Македонија во еден од најважните натпревари, во јуни со Полска, првпат ќе може да настапи со прв тим составен од фудбалери што имаат двоцифрен број настапи за А-репрезентацијата, тројца со барем 50 и еден со повеќе од 100. Сето тоа е добра најава, но еуфоријата никако не смее да се вдоми.

Македонската репрезентација никогаш досега не била подобро пласирана од четвртото место во кои било квалификации, а играла во 12 циклуси досега за мундијалите и за европските првенства. Во групите Македонија била и петта, а двапати и последна, шеста. Па, што би бил исчекор сега? Еден е направен со полуфиналето на Лигата на нациите, што на генерацијата ѝ дава одредена сигурност во поглед на целиот циклус квалификации, во кој целта е пласман на Европското првенство в година. Но во регуларните квалификации исчекор би било, на пример, првпат да не се загуби ниту еден натпревар дома. Тоа ќе биде одлична појдовна основа за сите пресметки потоа. Оти секој бод е важен, а таков еден домашен бод на Македонија ќе ѝ го донесеше четвртото место во групата во минатиот циклус, тој за Светското првенство во 2018 година во Русија, а уште еден бод од свој терен и третото.

Досега имаше повеќе порази што останаа во меморијата, а таков еден имаше и во минатиот квалификациски циклус, од Италија, кога Македонија до 75-та минута водеше со 2-1, а до 92-та минута имаше реми 2-2. Со повеќе домашни бодови (три се веќе освоени), приказната сега може да биде сосема поинаква, досега недостижното трето место ќе биде реално, а потоа на дофат да биде уште поголемото исчекорување. Амбициите секако се големи, селекторот тоа и го најави.

По сѐ, Македонија останува на одличен пат кон ЕП 2020, не само поради бодовите или според пласманот во полуфиналето во Лигата на нациите туку, уште поважно, според играта. Фудбалот не е спорт број еден во Македонија, но фудбалската сцена е, сепак, најголемата. В година таа ќе биде поставена низ цела Европа, со финале во Лондон, во колепката на фудбалот. Одлично место за деби и на Македонија. Условите се тука – стандардна репрезентацијата, еден селектор на долги патеки, што како резултат дава уиграност, сплотеност, тимска хемија… Тим што добро се познава може да игра добро и да се надмине себеси.

[email protected]