Уставот не е сечија желботека

310

За жал, македонската практика, за разлика од онаа во Европа и во светот, кога е во прашање посегнувањето по Уставот, е многу различна. Кај нас, овој највисок правен акт последните години многу често се менуваше поради барањата на малцинските етнички заедници во државата за исполнување одредени нивни желби или под притисок и барања на одредени странски држави

Уставот како највисок правен акт во државата повторно се најде на долгата листа политички желботеки на кој како ќе стигне. Најновата најава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за интервенции во Уставот, искажана во екот на предизборната кампања дека Македонија наскоро ќе добие Албанец за претседател, кој наместо на непосредни избори ќе дојде на функција преку Собранието, што би се овозможило преку промена на Уставот, само ја прошири низата на посегнувања по Уставот за сѐ и сешто.
Нашите, македонски политичари многу лесно и често посегнуваат по Уставот како „инструмент“ за постигнување одредено решение на каков било политички предизвик, и на внатрешен и на надворешен план. Но отворањето и менувањето на Уставот не е ниту лесна ниту брза процедура, а спроведувањето на целиот процес, секако, ќе предизвика реакции во општеството, па и непотребни последици.
Македонија се прокламира како држава што е кандидат за членство во ЕУ, каде што клучен критериум за зачленување е почитување на самиот правен поредок на ЕУ. Тоа, практично, значи дека владеењето на правото е од највисоко значење и е врвен приоритет за секоја земја, а во таа хиерархија на највисоко место стои Уставот на државата, како највисок правен акт. Затоа на Уставот треба да се гледа како на нешто свето, како на темелна вредност на државата што не се менува со леснотија за нечии дневнополитички цели.
Оттука, неразбирливо е зошто домашните политичари со таква леснотија посегнуваат по менувањето на највисокиот документ на државата, божем станува збор за џубокс-машина, во која кој кога сака може да си нарача своја музичка желба.
Ваквото посегнувањето по македонскиот устав создава преседан во споредба со сите уставноправни практики во светот, што е евидентно на пример во уставите на САД, Германија и Франција, кои се делотворни и долговечни документи, постари од стотина години, чии содржини не се менуваат од тамошната политичка елита на дневна основа.
Уставот ја дефинира Македонија како независна држава, чиј суверенитет потекнува од македонскиот народ и граѓаните и ним им припаѓа, бидејќи државата е изградена на темелите на македонската нација и народ.

Имено, светската правна практика покажува дека Уставот не треба да се менува за секоја политичка потреба. Многу правни прашања може да се регулираат и доуредат со други законски и подзаконски акти. Оттука, прашањата како двојазичноста, употребата на јазиците на помалите етнички заедници, промената на личните документи може да се регулираат со законски и подзаконски акти или со измени на постојаните законски решенија.
За жал, македонската практика, за разлика од онаа во Европа и во светот, кога е во прашање посегнувањето по Уставот, е многу различна. Кај нас овој највисок правен акт последните години многу често се менуваше поради барањата на малцинските етнички заедници во државата за исполнување на одредени нивни
желби. Уставот почна да се менува по кризата во 2001-та, со преточувањето на Охридскиот рамковен договор во него, кој ги отслика барањата на Албанците во Македонија, но и во годините подоцна, кога се воведуваа разни новитети, кои од година на година се надградуваа со разни други барања од малцинските заедници.
Натаму, македонскиот највисок правен акт повторно се промени по барање на Грција, кога го променивме уставното име за да го надминеме спорот за името, а истото тоа сега се бара и од страна на Бугарија, која, пак, сака во преамбулата на Уставот да се вметнат и Бугарите. Истата таа Бугарија воопшто не го признава македонското малцинство кај неа, ниту пак ги почитува пресудите на меѓународните судови против неа токму во однос на малцинските прашања и признавањето на правата на македонското малцинство во Бугарија. Наместо тоа, Бугарија сега посегнува и по македонскиот устав, со нови барања и уцени.

Уставот е внатрешна работа на една земја и посегнувањето по него, за задоволување одредени побарувања или „дискретни очекувања“ од друга земја, во најмала рака, се смета за непристојно однесување во билатералните и мултилатералните релации.
Дополнително, ваквите предлози од странските држави, кои со леснотија се прифаќаат од страна на македонската политичка елита, ја ослабуваат и позицијата на Македонија во меѓународните односи, а со тоа се отвора и можност во иднина слични интервенции да побараат и другите соседи на нашата земја.
Натаму, честите менувања на Уставот на една држава се и индикатор дека или највисокиот документ не е добро срочен и не ги отсликува вистинските цели за кои е наменет или дека сме слаби како држава, не знаеме каков карактер има државата и во која насока ќе се движи. Со други зборови, сѐ уште не сме созреани како САД, Германија и Франција, каде што уставите не се чепкаат со векови.

Уставот е отсликување на македонското ткиво, врз кој е изградена македонската држава, односно овој документ е втемелувач на идејата за државноста на мнозинскиот македонски народ во оваа земја. Оттаму, каква било евентуална промена на Уставот треба да се потпира исклучиво на интересите или барањата на мнозинскиот македонски народ во државата, а не на одредени политички желби или интереси на некои малцински етнички заедници. Исто така, и притисоците и барањата однадвор што се однесуваат на промени на македонскиот устав треба да бидат отфрлени, како недолични и неадекватни.
На државата исто така ѝ се потребни сеопфатна национална стратегија и јасен став каков карактер ќе има државата и во која насока ќе се движи во иднина.
Само преку дефинирање ваква стратегија, државата ќе одговори на проблематиката и истовремено ќе има и свој патоказ во кој правец ќе се движи, а сето тоа пред сѐ и над сѐ ќе биде по мерка и желба на македонскиот народ и мнозинството граѓани.

[email protected]