Удобното само да не биде кобно

779

Разбирливо е дека желбата конечно да се почнат преговорите со ЕУ е огромна, но не по цена да се избришат цел еден народ, неговиот јазик, неговата историја. Впрочем, зошто ни е потребна Европа ако не можеме да се кажеме Македонци, ако јазикот ни е во согласност со Уставот, ако немаме право на сопствена историја, свои херои, митови… Она што ќе остане од оваа држава ќе биде само територија што брзо ќе исчезне во европската кал, во која и самата Европа тоне, исто како и сеќавањето дека тука некогаш живеел еден горд народ, кој заради туѓата удобност се загубил себеси

Наближува уште еден декемвриски самит на Европската Унија, стандардни летно-зимски самити на кои веќе Македонија отрпна од постојаното добивање студени тушови, така што и сега очекувањата на македонските граѓани не се оптимистички, туку напротив, крајно реални, дека Унијата само студено ќе соопшти дека „одлуките се носат со консензус“ и „продолжете да барате решение до следниот самит, ние ве чекаме“.
И додека граѓаните стојат цврсто на земја и немаат никакви илузии дека во следниов месец-два нема ништо радикално да се смени во бугарската позиција, некои овдешни политичари повторно непотребно ги билдаат очекувањата за можно добивање датум кон крајот на оваа година или на почетокот на следната.
Да се подгреваат вакви очекувања кога Бугарија сè уште нема влада и не се знае дали ќе ја добие до крајот на годината е крајно апсурдно или, пак, некој има „доверливи информации“ дека работите во Софија би можеле да се сменат многу скоро.
Со оглед на изјавите што досега доаѓаат од бугарска страна, повеќе од јасно е дека работите единствено би можеле да се сменат само ако официјално Скопје дало некаков „сигнал“ дека би можело да ѝ понуди некаква „удобна“ позиција на Софија за таа да ја крене рампата.

Ако тие одговори што македонските власти заткулисно ги доставиле до Бугарија ѝ овозможуваат удобност на бугарската страна, тогаш зошто не им се соопштат и на македонските граѓани, за да можат и тие во пресрет на новогодишните празници да се чувствуваат удобно и комотно, среќни и весели дека од Нова година ќе ги почнат преговорите со ЕУ без грижа за сопствениот идентитет, јазик, култура и историја.
Факт е дека на Софија најудобно ќе ѝ биде само тогаш кога Македонија ќе признае дека Македонците имаат бугарски корен, дека јазикот им е дијалект на бугарскиот и дека историјата ја „позајмиле“ од нив. Тоа е удобноста што ја посакува Софија, па нејасно е што уште „поудобно“ може македонската страна да понуди, а да не биде перверзија.
Несомнено нешто се случува во дипломатските кулоари и нормално е дипломатијата да има свои канали преку кои ќе решава одредени прашања, а за сè не мора да биде запознаена јавноста, но само под услов таа дипломатија да се грижи за националните интереси и интересите на државата, исто како што го прави тоа Бугарија.
Тоа единствено може да се направи со доследно почитување на македонската Резолуција за утврдување на државните позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Во таа резолуција, поддржана од сите политички партии во Собранието, јасно се исцртани црвените линии во преговорите со Бугарија, односно дека за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност не може никој да преговара. Евентуалното излегување надвор од оваа рамка претставува еклатантно погазување на македонскиот Устав, на законите, како и на самата резолуција. Тежината на овој документ е што е изготвен од највисоката научна државна институција, МАНУ, која многу подобро може да согледа кога се загрозени државните интереси и како најдобро тие да се зачуваат.

Затоа и беше подготвена оваа резолуција и изгласана во Собранието, изгласана од сите парламентарни партии без исклучок, позициски и опозициски. Тоа говори дека ниту една партија, влада, политичар, нема мандат да излезе надвор од преговарачката рамка утврдена со резолуцијата, туку насоките во неа им ја нудат сета удобност на овдешните политичари да изнаоѓаат решенија што не се спротивни на македонските интереси. Во тоа е умешноста во политиката, да го добиеш она што го сакаш и да ја убедиш спротивната страна дека ништо не загубила. Ако двете страни најдат простор за договор без да излезат од сопствената преговарачка рамка, тогаш тоа можеби ќе биде рецептот за консензус во кој нема да има поразени и по кој сите ќе се чувствуваат удобно.
Затоа и последните изјави на некои овдешни политичари за некаква „удобност“ што треба да ја почувствува бугарската страна од македонските одговори на нивните барања, оставаат сомнеж дека историјата ни се повторува во многу краток временски период.
Имено, пред нешто повеќе од десетина години во македонското собрание исто сите партии поддржаа и изгласаа резолуцијата за македонските црвени линии во преговорите за името со Грција. Тоа требаше да биде рамката за преговори, но и тој документ беше флагрантно погазен само да ѝ се понуди некаква „удобност“ на Атина во преговорите за името, па се виде до каде нè донесе тоа. Се потпиша Преспанскиот договор, кој е во целосна спротивност со начелата во резолуцијата од пред десетина години. Грција ги доби сета „удобност“ и „комодитет“, а Македонија ја доби сета можна неудобност на овој свет.

Стравувањата се дека сега се применува истиот рецепт. Се прават обиди да се заобиколи резолуцијата и крадешкум се протнуваат некакви „удобни“ одговори, кои веројатно подоцна ќе се откријат, кога ќе биде доцна и кога штетата по државата ќе биде непоправлива. Можеби краткорочно некоја партија и ќе профитира од понудената „удобност“ на Бугарија, но на подолг рок тоа ќе ѝ ја запечати нејзината судбина на политичката сцена. Но тоа е најмалку важно, бидејќи партиите можат и да исчезнат, лошо е кога поради нивните дејства може да исчезне и државата.
Разбирливо е дека желбата конечно да се почнат преговорите со ЕУ е огромна, но не по цена да се избришат цел еден народ, неговиот јазик, неговата историја. Впрочем, зошто ни е потребна Европа ако не можеме да се кажеме Македонци, ако јазикот ни е во согласност со Уставот, ако немаме право на сопствена историја, свои херои, митови… Она што ќе остане од оваа држава ќе биде само територија што брзо ќе исчезне во европската кал, во која и самата Европа тоне, исто како и сеќавањето дека тука некогаш живеел еден горд народ, кој заради туѓата удобност се загубил себеси.