Трговски војни – дизајнирани од суперсилите, почувствувани од сите

337

Судбината на светот зависи од решавањето на геополитичкиот проблем на 21 век, судирот меѓу Кина и САД. Нивното ривалство е неизбежно, но тие може да соработуваат и да одржуваат здрава конкуренција. САД и Кина може да создадат нов светски поредок, во кој ќе му дадат примат на дијалогот, ама и САД ќе ѝ овозможат на Кина да има поголем удел на светската сцена. Во спротивно, САД ќе се обидуваат да го попречуваат подемот на Кина, додека таа ја проектира својата моќ врз светот. Тоа е сценарио за пропаст

Дизајниран од „Епл“ во Калифорнија, составен во Кина. Оваа позната фраза на задната страна на секој „ајфон“ го сумира светскиот поредок во изминатите две децении, според весникот „Саут чајна морнинг пост“ со седиште во Хонгконг. Американските технолошки гиганти ги венчаа своите иновации со евтината кинеска работна сила за да му ги понудат на светот своите современи уреди. Но Кина денес е суперсила во подем со свои геополитички, економски, технолошки и безбедносни амбиции, кои претставуваат закана за доминантната позиција на САД. Не попусто Американците ја прогласија за нивен најголем стратегиски ривал, кој треба да се спречи да напредува на кој било фронт. Дел од таа стратегија е и одлуката на претседателот на САД Доналд Трамп да поведе трговска војна против Пекинг.

Надежите дека таа брзо ќе заврши бидејќи двете суперсили се премногу зависни една од друга полека спласнуваат. Од ден на ден ескалираат казнените мерки и реториките меѓу Пекинг и Вашингтон. Пекинг од 1 јуни воведе царини за американски производи во вредност од 60 милијарди долари како одговор на претходните казнени мерки на Вашингтон, кој досега воведе царини на кинески производи во вкупна вредност од околу 500 милијарди долари. Кинеската мерка можеби изгледа „скромна“, но се однесува на битни сектори, меѓу кои и на американскиот течен гас. Како што посочува „Геополитика“, таквиот потег може да биде кобен за американските производители на гас бидејќи кинескиот пазар е најголем и најбрзорастечки во светот. Лани кинескиот увоз го надмина и годишниот увоз на довчерашниот лидер, Јапонија, а само годинава кинескиот пазар на гас се очекува да се зголеми за една четвртина. Поради претходните мерки, САД во последните четири месеци во Кина извезле само 300.000 тони течен гас, а за споредба за истиот период лани извезле 1,4 милион тони. Ако спорот ескалира, овие бројки ќе продолжат да се намалуваат.

Друг можен фронт во трговската војна е авионската индустрија. Кинезите може да бараат од американски „Боинг“ обесштетување поради принудното приземјување на „боинг 737 макс“ по авионската несреќа во Етиопија. Дневните загуби на кинеските авиопревозници се околу 1,4 милион долари, имајќи предвид дека имаат речиси 100 авиони „737 макс“. Кинезите може да се водат од логиката дека имаат шанса да му нанесат тежок удар на американскиот гигант исто како што САД во моментот му задава удари на „Хуавеи“ поради пребрзото ширење во стратегиските сфери на телекомуникациите, 5Г-мрежите и вештачката интелигенција со разни санкции што принудуваат голем број компании во и надвор од САД, како и цели држави, да му откажат соработка на кинескиот гигант.

Во меѓувреме, американските медиуми објавија дека Кина го запира увозот на американска соја. Азиската земја е најголем увозник на соја, а американските компании велат дека не добиле нови нарачки поради ескалацијата на трговскиот спор меѓу двете суперсили.

Конечно, Кина најави дека може да ги искористи ретките земни елементи како ново „оружје“ во трговската војна со САД. Ретките метали имаат огромно стратегиско, безбедносно и економско значење (се користат во напредните технологии и за производство на најразлични уреди – од паметни телефони до современи оружја). Кина има монопол во глобалната испорака. Податоците велат дека од кинеските рудници доаѓа 70 отсто од глобалните испораки на ретки метали, а околу 80 отсто од ретките метали што ги увезуваат САД доаѓаат од Кина. Американската геолошка агенција смета дека ретките земни елементи имаат „критично“ значење за економијата и националната одбрана на САД, па не е ни чудо што повеќе официјални кинески гласила сега посочуваат дека Американците се многу зависни од кинеските метали и дека затоа Пекинг може да ги искористи како адут во трговската војна.
Ова е само мал дел од сферите каде што веќе се шири или може да се прошири трговскиот конфликт меѓу суперсилите. За многумина, нивниот судир е неизбежен. Тие се повикуваат на концептот за стапицата на Тукидид, според кој секогаш кога во историјата имало земја во подем што ја загрозувала доминантната позиција на една сила, нивните спорови најчесто завршувале со војни. Оттука истите мрачни сценаристи предупредуваат за нова студена војна, многу поопасна од таа меѓу САД и бившиот СССР во 20 век.

Еден од нив е и познатиот американски економист, Нуриел Рубини, кој ја предвиде глобалната кредитно-финансиска криза од 2007-2008 година, поради што го доби и прекарот Доктор Пропаст. Тој посочува дека додека СССР беше суперсила со пропаднат економски модел, додека Кина набргу ќе стане најголема економија во светот и ќе продолжи да расте. Таа е интегрирана во глобалниот трговски и инвестициски систем и е екстремно поврзана со САД. Затоа новата студена војна би можела да предизвика т.н. деглобализација или поделба на глобалната економија на два некомпатибилни блока меѓу кои ќе биде ограничена трговијата со стоки, услуги, капитал, работна сила, технологија и податоци. Во еден таков поделен, или како што Западњаците сакаат да кажат балканизиран свет, Кина и САД ќе бараат од другите земји да заземат страна, иако многу од нив тргуваат со двете сили.

Американско-кинескиот судир е главен геополитички проблем на 21 век и од начинот на кој ќе се решава ќе зависи судбината на целиот свет. Ривалството е неизбежно, но двете сили може да разговараат и да соработуваат, додека одржуваат здрава конкуренција. Тие може да создадат нов светски поредок, во кој на крајот ќе му дадат примат на дијалогот, но САД ќе мора да ѝ дозволат на Кина, како сила во подем, поголем удел во процесите на обликување на глобалните правила и институции. Во спротивно, светот може да тргне по мрачниот пат, по кој САД ќе се обидуваат на секој начин да го попречуваат подемот на Кина, а таа ќе продолжува да ја проектира својата новостекната економска, политичка и воена моќ на глобална сцена. Светот тогаш може да очекува нова студена војна, но и серија (ин)директни вооружени конфликти. Трговските и другите војни можеби се дизајнирани од големите сили, но од нив страдаат сите. Прашањето е дали тие доволно брзо ќе го сфатат тоа или на крајот сите ќе ја почувствуваме пропаста што ја дијагностицира Доктор Пропаст.

[email protected]