Трансатлантска (дис)хармонија

148

Изминатите децении оваа конференција служеше како моќен симбол за јачината на западната алијанса и за единството на Западот, кога станува збор за потребата и алатките за справување со глобалните предизвици со кои се соочува западниот светоглед. Но годинашниов собир во Минхен, понуди сведоштво за забрзаното опаѓање на трансатлантската хармонија, барем ако се суди според говорите на присутните западни челници

Експертите и познавачите на состојбите одамна укажуваат на фактот дека нешто не штима во трансатлантските односи. Тие предупредуваат дека сме сведоци на турбулентни времиња на глобалната сцена, на едно редефинирање на глобалните улоги на најмоќните играчи. И додека портпаролчињата од двете страни на Атлантикот упорно се обидуваат да ги отфрлат таквите анализи како теории на заговор, најновото издание на минхенската безбедносна конференција отворено го покажа јазот што постои помеѓу САД и Европа. Изминатите децении оваа конференција служеше како моќен симбол за јачината на западната алијанса и за единството на Западот, кога станува збор за потребата и алатките за справување со глобалните предизвици со кои се соочува западниот светоглед. Но годинашниов собир во Минхен, понуди сведоштво за забрзаното опаѓање на трансатлантската хармонија, барем ако се суди според говорите на присутните западни челници.

Па, така, домаќинот, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, во воведниот говор отворено ја обвини администрацијата на Трамп за отфрлање на идејата за меѓународна заедница. Без многу влакна на јазикот, Штајнмаер се пожали дека САД поентираат на сметка на соседите и партнерите, ставајќи ги своите интереси пред интересите на сите други, со што даде јасна слика за тоа како ја оценува американската надворешна политика. Ништо поблаг во реториката не беше неговиот француски колега Емануел Макрон, кој порача дека „тоа што Европа го сака не е истото што и САД го сакаат“. Станува збор за истиот Макрон, кој лани есента изјави дека НАТО има мозочна смрт, со што го навлече гневот на Трамп, Пентагон и на естаблишментот во Вашингтон. Во говор по говор, без разлика дали јавно или приватно, европските лидери се жалеа на она што го сметаат за значително намален американски ангажман во Европа, но и воопшто на глобалната сцена.

Од друга страна, честа да го обели американскиот образ во Минхен падна на државниот секретар Мајк Помпео, кој воопшто не беше нежен во својата реторика. Осврнувајќи се на изјавата на Штајнмаер и на сличните неодамнешни коментари од другите западни лидери, тој ладно ќе изјави дека „таквите изјави не ја рефлектираат реалноста“. Помпео, кој служел како војник во Западна Германија во 1980-тите, ги потсети присутните дека САД посветуваат многу повеќе ресурси – пари и војници – на одбраната на Европа од кога и да било по крајот на Студената војна. „Дали е ова Америка што ја отфрла одговорноста? САД се борат за суверенитетoт и за нашите пријатели“, порача Помпео пред многубројната публика составена од шефови на влади и држави, воени лидери и бизнисмени.

Се поставува прашањето кој е главниот виновник за ваквата состојба на трансатлантските односи? Европските лидери во Минхен го обвинија национализмот за опаѓањето на единството и моќта на Западот. Во минхенскиот безбедносен извештај, кој беше објавен на почетокот од конференцијата, се сугерира дека за „мозочната смрт“ на НАТО, за бегалската криза и за должничката криза што ги проголтува економиите на САД и другите земји, се виновни нелибералните и националистички табори во западниот свет. Честопати станува збор за екстремно десничарски кругови, кои во најголем дел бараат излегување на нивните земји од НАТО, но и од Европската Унија…

Без разлика на вистинскиот виновник, едно е сигурно – нема враќање на старите убави времиња на трансатлантско пријателство и хармонија. За иднината на трансатлантските односи се можни три позиции, односно визии. Првата е француската визија за европска независност. Втората е визијата што пред сѐ преовладува во источниот дел на Европа, односно дека е потребна тесна поврзаност со Вашингтон, без разлика на тоа што ќе се случи. Третата опција е неодлучност помеѓу овие два екстрема, неодлучност каква што по сѐ изгледа преовладува во Германија. Допрва останува да видиме по кој пат ќе тргнат Америка и Европа.

[email protected]