Терапија или труење со умисла

733

Микробиолозите предупредуваат дека мора да се внимава како се консумираат антибиотиците, бидејќи постојат голем број инфекции и состојби за кои нема потреба да се прима антибиотик, како што се само висока температура, настинка или вирусно горно респираторно заболување, кое може да биде проследено и со кашлица подолго од три недели. Во овие случаи е потребна терапија што ќе ги олесни симптомите. Сезоната на настинки и вирози започнува, па ваквите совети и препораки, секако, се добредојдени

Зимата календарски е пред нас, иако временските услови, променливото и релативно топло време за овој период од годината се погодна почва за развој на разни вирози и настинки кај граѓаните. Тоа, пак, повторно ја актуализира вечната дилема како најдобро да се справиме со сите евентуални предизвици по нашето здравје, кои ги носат временските услови, секако во комбинација и со енормното загадување на воздухот.
Практиката и искуството покажуваат дека е неопходна едукација на граѓаните, но и на медицинските лица во врска со рационалното користење на антибиотиците. За ова треба постојано да предупредува стручната јавност, за да се спречи злоупотреба на антибиотиците. Докторите предупредуваат дека се случува многу често пациентите сами да бараат од нив да им пропишат антибиотик што си го чуваат дома за „не дај боже“. Освен тоа, се случува да им останат таблети од некоја претходна инфекција, а потоа да ги допијат кога ќе имаат слични симптоми, без да појдат на лекар и да видат дали воопшто имаат потреба од антибиотска терапија.

Колку ваквото однесување може сериозно да му наштети на здравјето? Како што нагласуваат микробиолозите, според некои истражувања на фармацевтите, 10 отсто од родителите им давале антибиотици на децата без да бидат пропишани од лекар, а 20 отсто од нив самите на своја рака зеле антибиотик непропишан од лекар. Овде се мисли на купување антибиотик во аптека без соодветен рецепт или користење на веќе купен антибиотик што го имале дома. Во друго истражување, во кое учествувале само возрасни, без разлика дали се родители или не, овие проценти се движат од 25 до 30 отсто. Според упатените, во оваа проблематика овој процент е многу повисок, ако се следи потрошувачката на антибиотици што не се подигнати со рецепт од Фондот за здравствено осигурување на Македонија и таа е најмалку 50 отсто од лековите пропишани со рецепт.

Микробиолозите предупредуваат дека мора да се внимава како се консумираат антибиотиците, бидејќи постојат голем број инфекции и состојби за кои нема потреба да се прима антибиотик, како што се само висока температура, настинка или вирусно горно респираторно заболување, кое може да биде проследено и со кашлица подолго од три недели. Во овие случаи е потребна само терапија што ќе ги олесни симптомите. Давањето антибиотици и тогаш кога не треба води кон создавање отпорност на бактериите кон многу антибиотици.

Едно истражување на Здружението на специјалисти по семејна медицина покажа дека непотребно пропишан антибиотик имало во 56 отсто од случаите со респираторни проблеми. Ова е индикатор дека треба уште многу да се направи во поглед на едукација на населението и докторите во врска со употребата на антибиотиците

Според податоците на Европскиот центар за контрола на болести и Светската здравствена организација, околу 700.000 лица во светот и 33.000 лица во Европа го изгубиле животот од инфекции предизвикани од бактерии отпорни кон многу антибиотици. Цели 39 отсто од инфекциите се предизвикани од бактерии што се отпорни на антибиотици од последната линија, а тие се последната достапна опција за третман при тешки инфекции. Кога тие не се ефикасни, крајно е тешко или, во многу случаи, невозможно да се третираат овие инфекции. Сето тоа го одложува правилното лекување на пациентите и може да доведе до компликации, па и смрт.

Од друга страна, неопходно е да постои едукација околу прописното пропишување антибиотици, направено врз основа на претходни дополнителни анализи. Во еден случај од неодамна, кај матичен педијатар, деветгодишно дете се жали на болка во грло кога голта. Температура и други симптоми, нема. Докторката го прегледува и веднаш му пропишува антибиотик „амоксиклав“, со образложение дека ако не се третира, може ситуацијата да се искомплицира. Ова е само еден од примерите од практиката, кој покажува дека докторите понекогаш заради претпазливост, им пропишуваат антибиотици на своите пациенти. Познавачите предупредуваат дека им е потребна едукација и на докторите, за да не се случува лековите да се даваат без потреба. Едно истражување на Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група и на Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, од пред неколку години, покажа дека непотребно пропишан антибиотик имало во 56 отсто од случаите со респираторни проблеми. Ова е индикатор дека треба уште многу да се направи во поглед на едукација на населението и докторите во врска со употребата на антибиотиците.

Она што е јасно е дека треба да се почитуваат препораките на микробиолозите, кои велат дека не треба никогаш да се користи антибиотик без препорака и рецепт од матичниот лекар. Не треба да се врши притисок врз матичниот лекар да пропише антибиотик. Ако веќе се употребува антибиотик, треба да се користи според упатството и да не се прекинува кога здравјето ќе се подобри, туку да се пие толку долго колку што е пропишано. Освен тоа, не треба да се користат антибиотици од резерви, односно од пакувања што се останати непотрошени дома.
Сезоната на настинки и вирози започнува, па ваквите совети и препораки, секако, се добредојдени.