Вербалниот деликт на премиерот

582

Тој како да заборави дека веќе извесно време не е лидер на опозицијата и дека не може да си дозволи такви вербални егзибиции. По „очекувањата на граѓаните“ тој не смее веќе да посегне дури ни за внатрешнополитичка употреба, а не би смеел ниту да помислува да ги користи како средство за притисок врз Брисел заради донесување позитивна одлука. Настрана што токму тој, заедно со владејачката гарнитура што ја предводи, ги потроши „очекувањата на граѓаните“. Тој, едноставно, барем во скоро време, ќе нема кредибилитет да ја раскажува таа приказна. Но тоа не е ништо ново во бруталната политичка реалност на земјава. А не е дури ниту ексклузивитет на Македонија

Откако се обиде причината за евентуално недобивање датум за почеток на преговори со Европската Унија да ѝ ја припише на „констелацијата“, односно сплетот на околностите произлезен од актуелните политички случувања во соседна Албанија, нерешениот конфликт помеѓу Белград и Приштина, претстојните избори во Унијата…, премиерот Зоран Заев, мошне визионерски, со голема доза убеденост, најави дека во тој случај ќе следува политичка криза во земјава. Тежок вербален деликт за некој што е на владејачка позиција. Уште потежок кога тој доаѓа од позицијата премиер на државата. Иако Заев својата прогноза ја аргументира со очекувањата на граѓаните, на кои, како што рече, влезот во НАТО нема да им биде доволен, тој како да заборави дека веќе извесно време не е лидер на опозицијата и дека не може да си дозволи такви вербални егзибиции. По „очекувањата на граѓаните“ тој не смее веќе да посегне дури ни за внатрешнополитичка употреба, а не би смеел ниту да помислува да ги користи како средство за притисок врз Брисел заради донесување позитивна одлука.

Настрана што токму тој, заедно со владејачката гарнитура што ја предводи, ги потроши „очекувањата на граѓаните“. Тој, едноставно, барем во скоро време, ќе нема кредибилитет да ја раскажува таа приказна. Но тоа не е ништо ново во бруталната политичка реалност на земјава. А не е дури ниту ексклузивитет на Македонија.

Вистинскиот деликт е во директната порака што Заев ја испрати до челниците на Европската Унија, па и до НАТО – дека Македонија, дури и откако стана Северна, и понатаму е политички нестабилна. Индиректната порака е дека граѓаните имаат причина за незадоволството, но не поради техникалијата како што е (не)одредувањето датум за почеток на преговорите, за кои патем, никој ниту приближно не може да предвиди кога ќе завршат, туку поради тоа што во тоа ја гледаат единствената шанса нештата да се придвижат во земјава, бидејќи досега речиси ништо не е сторено.

Единствените сериозни расправи што се водат во земјава се инспирирани од несериозностите на политички експонираните групации и ликови. Кон вистинските, сериозни, теми се пристапува со невидена доза несериозност, која на моменти преминува дури и во невкус, во недозволива навреда на интелигенцијата на граѓаните. Почнувајќи од многубројните прекршувања и прескокнувања на законски утврдените услови и процедури за озаконувањето на одредени политички договори и на проблематичните именувања на функционерите, преку селективните амнестии и исто така селективни кривични прогони на припадниците на претходната власт, преку упорното толерирање на палавштините на одредени припадници на структурата на власт, па дури и на нивните криминогени и коруптивни склоности, до покривање на веќе јасно видливите матни зделки на властодршците или на луѓето од нивното блиско опкружување, се темите за кои нашироко и надолго се распредува во јавноста, околу кои како околу вретено се вртат експертите и аналитичарите, се утврдуваат партиските ставови и се пеглаат разликите.

Вистинскиот деликт е во директната порака што Заев ја испрати до челниците на Европската Унија, па и до НАТО – дека Македонија, дури и откако стана Северна, и понатаму е политички нестабилна. Индиректната порака е дека граѓаните имаат причина за незадоволството, но не поради техникалијата како што е (не)одредувањето датум за почеток на преговорите, за кои патем, никој ниту приближно не може да предвиди кога ќе завршат, туку поради тоа што во тоа ја гледаат единствената шанса нештата да се придвижат во земјава, бидејќи досега речиси ништо не е сторено

Но нештата што се суштински деформации на системот никако да се испеглаат, па дури ни да се стават на масата за пеглање. Се враќаат во кошот како лошо испрани алишта за повторно да се стават на перење и цедење, со неограничен број обрти. Пописот на населението, како главен предуслов за какви било реформи, во која било област, но и како неизоставна статистичка операција во една сериозна држава, на пример, во Македонија не е спроведен речиси две децении. Дали Заев смета дека во Европската Унија можеме да влеземе, онака, неброени и дека таму, во Брисел, навистина веруваат оти реформите се спроведени. Дека се убедени во добри мултиетнички односи во земјава кога премиерот и неговиот коалициски партнер од албанскиот блок сѐ уште не можат да се договорат за пописот. Или не сакаат? Таму каде што, на пример, стандардите предвидуваат одреден број судии и лекари по жител или, пак, колку деца можат да се одгледуваат или образоваат на колку квадратни метри. Од каде што се подготвени да дадат пари за одредени инфраструктурни проекти доколку се уверени во нивната оправданост, а не да финансираат водоводи за села што одамна се напуштени… Но да не ја идеализираме Европската Унија. И таа си има свои слабости. Сепак, тоа не треба да биде изговор за мангуплаци, лажирања и манипулации, обиди за притисоци и уцени. И не толку заради Унијата, која конечно, според голем број параметри, сѐ уште е најдоброто место за живеење во светот, колку заради нас самите. И за на Заев после да не му биде виновна и положбата на ѕвездите.

[email protected]