ТВ-дуелот, пресудата на Трамп и грчката блокада

1234

Во САД дури ни претседател на држава не може да блокира некого на Твитер, додека, од друга страна, Грција со години го блокира целиот македонски народ и да му го оспорува неговото право на самоопределување и слободно изразување

Соочувањето меѓу премиерот на Владата и лидерот на најголемата опозициска партија предизвика лавина реакции во јавноста и на социјалните мрежи. Не навлегувајќи во оценување на квалитетот на дебатата и перформансот на двајцата соговорници, за тоа малку подолу, првичен е впечатокот дека дуелот, сепак, заслужи преодна оцена. Ако ништо друго барем поради фактот што го скрши мразот во поимањето на плурализмот и демократијата, по долга низа години без директни лидерски соочувања. Најдобра потврда за ефектите од дебатата впрочем е нејзиниот одглас во јавноста. Деновиве тоа е главна тема и на чаршијата. „Виде ли што му направи, го растури“, коментираат едните или другите. Надвор од партиско-политичките опсервации, дуелот сепак покажа дека граѓаните се желни за здрава и конструктивна дебата. И не само на ниво на лидерски соочувања власт – опозиција туку и во другите сегменти на функционирање на државата, политичките партии, граѓанскиот сектор, локалната самоуправа итн.

Граѓаните и општеството генерално сакаат на отворена сцена да видат и да слушнат конкурентност на идеи, буица квалитетни и издржани предлози, наместо само празни фрази што не носат прогрес. Во таа насока потребно е градење и создавање една таква политичка средина и култура на креативно, конструктивно и, пред сѐ, конкурентно одлучување и раководење. Да се вратам сега со уште неколку реченици на ТВ-дуелот.

Да бидам искрен имаше тука и серија квалитативни и организациски пропусти, пред сѐ на домаќинот, како на пример дебатата да се подели на три сегменти, внатрешна политика, надворешна политика и економски прашања, а притоа целосно да се изостават значајни сектори како што се здравството, земјоделството, културата, екологијата…

Сѐ што слушнавме за здравството, на пример, беше дали била добра или лоша локацијата за изградба на Клиничкиот центар и толку. За екологијата и загадениот воздух не стана ниту збор. Никој не го отвори тоа прашање, иако секоја година илјадници луѓе ни умираат како директна последица на загадениот воздух, а ПМ 10 честиците станаа нерешлив проблем со години за државата. Можеби некој смета дека екологијата и аерозагадувањето се надлежност на градоначалниците и на оваа тема не ѝ е местото во лидерско соочување, но ако ги отворите програмите и на двете најголеми партии ќе забележите дека токму екологијата и борбата против аерозагадувањето имаат клучно место. Затоа господа, не заборавајте и тоа е суштина. Исто како и земјоделството, културата, социјалата… за кои исто така речиси воопшто не стана збор.

Граѓаните и општеството генерално сакаат на отворена сцена да видат и да слушнат конкурентност на идеи, буица квалитетни и издржани предлози, наместо само празни фрази што не носат прогрес. Во таа насока потребно е градење и создавање една таква политичка средина и култура на креативно, конструктивно и, пред сѐ, конкурентно одлучување и раководење

Но повторно ќе посочам, овие забелешки одат повеќе на душа на организаторот отколку на гостите. Она што веројатно најмногу ги збуни или изненади гледачите е анемичниот однос на двајцата соговорници и искажаните позиции во однос на најгорливото прашање околу наметнатиот спор од страна на Грција во однос на нашето уставно име. Па, така, чувме дека најважно било да сме покажале максимална креативност и флексибилност, дека патриотизам на гладен стомак не бидувало, но и тврдења дека меѓународната позиција и наклонетост се придобивале со распродавање на Македонија и на државните интереси. Неколкупати соговорниците си упатија меѓу себе тешки квалификации од типот „лажеш – сушиш“ или тврдења за корупција, непотизам, па и криминал.

Верувам ваквите ставови многумина ќе подзамислат, да не кажам разочараат, особено кога ги слушате од лидери на најголемите политички партии во државата. Зашто прво нешто што се очекува од политичари со толкава одговорност е чесен однос кон граѓаните и говорење на вистината. И затоа сите јавно искажани и упатени квалификации не треба да останат само на збор туку доколку има аргументи истите тие треба и да се процесираат понатаму низ институциите или, пак, да се демантираат. Само така може да се разубедат граѓаните дека не се работело само за купување ситни политички поени и билдање на сопствениот рејтинг.

Понатаму, од домашните политичари, било да се од власта или од опозицијата, никој не очекува да ги задоволуваат потребите на други држави, особено не за прашања што навлегуваат во националниот супстрат и идентитетот на македонскиот народ и држава. Политичарите се избрани од граѓаните да ги бранат интересите на државата. Повеќепати сум потенцирал ќе повторам и сега. Нема потреба од барање никакви нови солуции во однос на наметнатиот спор од Грција. Решението е пронајдено одамна и ја изразува волјата на македонскиот народ.

Притоа решението е и ерга омнес и гласи Република Македонија, за внатрешна и за надворешна употреба. Во однос на тоа кои се темелните вредности во најразвиените држави и како таму се почитуваат законските и уставни одредби ќе посочам само еден најнов пример. Случајот ни доаѓа од САД, поточно од Њујорк, каде што токму вчера (петок) се среќаваат министрите за надворешни работи на Македонија и Грција заедно со посредникот Нимиц во обид за наоѓање решение за спорот. И еве сега како се почитуваат и што значат законите и Уставот во САД.

Федералниот суд во Њујорк одлучил дека претседателот на САД, Доналд Трамп, по закон не може да блокира корисници на социјалната мрежа Твитер, затоа што на тој начин го загрозува нивното право на слободен говор, што е пропишано со првиот амандман на Уставот на САД. Ваквата одлука доаѓа како одговор на тужба, која во јули минатата година против Трамп ја поднел Институтот на универзитетот „Колумбија“.
Институтот го тужел Трамп, бидејќи тој блокирал луѓе на Твитер, оние што го критикувале и изразувале несогласување со неговите ставови. Се разбира Министерството за правда и адвокатите на претседателот се обиделе да ја отфрлат тужбата, но судот и Уставот се јасни. Никој не може да го загрози правото на слободен говор, што е пропишано со првиот амандман на Уставот. И сега зошто го посочувам токму овој пример. Со единствена цел да се увидат парадоксот и апсурдот на измислениот спор од Грција. Во САД дури ни претседател на држава не може да блокира некого на социјална мрежа, додека, од друга страна, Грција со години го блокира целиот македонски народ и му го оспорува неговото право на самоопределување. Притоа нашето право да бидеме Македонци е гарантирано и со Уставот на државата, но и со меѓународното право и со Виенската конвенција. Токму членот бр. 1 од Виенската конвенција за човекови права ги расчистува сите дилеми и го гарантира правото на самоопределување на секоја држава. Македонија не може да биде исклучок од тоа.