Тврдината Европа и ксенофобичните Балканци

398

Доколку погледнеме пошироко на прашањето за мигрантите, ќе дојдеме до заклучок дека ксенофобичноста, за која неоправдано се обвинуваат балканските земји, всушност е „увезена“ од државите-членки на Европската Унија, кои толку посветено се трудат да ја затворат и секоја порта за влезот на илјадниците луѓе што се принудени да ги напуштаат своите домови и да побараат помирно место да го продолжат својот живот

Една непроверена вест објавена во еден од влијателните бугарски медиуми, за можната причина за појавата на зараза кај домашните животни, предизвика сериозни политички дебати во националното собрание. Сѐ почна кога весникот „Труд“ на насловната страница, деновиве, објави текст со наслов „Бегалците од Турција ја донеле заразата“, во кој врз основа само на изјава на сточари и непроверени информации, потпали етничка омраза и ксенофобија. За весникот била доволна само изјавата на сопственикот на една од фармите каде што се тврди дека има зараза, за тоа дека нашол неколку шишиња од минерална вода до шталата со животни и тој претпоставува дека тие се фрлени од мигрантите.

Здружението на европските новинари го осуди овој начин на известување на традиционалните медиуми, кои тешко успеваат да се справат со преземањето непроверени информации што се пласираат на социјалните мрежи, така што обични прашања се користат за обвинувања на меѓуетничка основа. За да биде уште покомплицирано, во ова се вклучи и бугарската опозиција, која ја обвини актуелната влада на премиерот Бојко Борисов за неспособност, да се справи со свинската чума што ја зарази стоката во пет села во пограничните региони со Романија. Така, приказната за „сомнителните“ пластични шишиња со вода се претвори во познатата мисла „за една болва ќе запалат цела јамболлија“. И повторно овде дојде до израз балканскиот менталитет. Наместо да се бараат брзи и ефикасни мерки за справување со заразата кај животните, фокусот на интересот на медиумите и политичарите беше ставен на пласирање конспиративни теории за тоа дека се подготвува и применува план за „дебугаризација“ на регионот со доселување мигранти од азиските и арапските земји.

Не е првпат проблемот со неконтролираниот прилив на мигранти во земјите од нашето поблиско опкружување да стане главна медиумска тема. Тоа е и очекувано, со оглед на големиот мигрантски бран што го зафати европскиот континент, за што и балканските земји станаа главна станица на патот кон „подобар живот“, за кој сонуваат илјадници жители од земјите зафатени со долгогодишни војни за освојување на власта од различни племенски заедници. Меѓутоа, загрижува начинот на кој медиумите известуваат за балканските мигрантска маршрута, а кој ги надминува основните професионални стандарди на новинарско известување. Со ова неоправдано се шири стравот кај локалното население од „дојденците“, што често добива и облици на ксенофобија.

Во Србија минатата година актуелен беше случајот со протестите на родителите на учениците во Шид, кои се противеа нивните деца да следат заедничка настава со нивните врсници што беа сместени во прифатните центри за мигранти. На протестот се собраа околу 200 лица, што за едно мало војводинско село претставува голем одѕив. Повод за нивното собирање, како што изјавија тие, било тоа што се „загрижени за хигиената и безбедноста на своите деца“. Кај нив дополнителен страв предизвика и информацијата дека децата на мигрантите на заедничкиот час ќе следеле настава на арапски јазик. По неколкудневното убедување, децата мигранти беа примени во редовната настава во српските училишта. Сличен отпор кон мигрантите се случува деновиве и во градовите во Босна и Херцеговина, каде што има сместено околу 7.000 мигранти, кои чекаат да влезат во земјите од Европската Унија. Неподготвеноста за нивно хумано згрижување предизвика меѓусебни обвинувања меѓу локалната самоуправа во Бихаќ и централната власт на Федерацијата на БиХ, околу надлежностите за справување со овој проблем. Тоа уште повеќе ги влоши меѓуетничките односи во оваа земја, кои и онака беа многу кревки.

Доколку погледнеме пошироко, ќе дојдеме до заклучок дека ксенофобичноста, за која неоправдано се обвинуваат балканските земји, всушност е „увезена“ од државите-членки на Европската Унија, кои така посветено се трудат да ја затвораат и секоја порта за влезот на илјадниците мигранти, кои се принудени да ги напуштаат своите домови и да побараат помирно место да го продолжат својот живот. Да не заборавиме дека првите километарски жичени огради беа поставени на границата на Унгарија, а потоа да го направи тоа и Бугарија на границата кон Турција. Истакнати интелектуалци веќе отворено говорат за спроведувањето на концептот на „тврдината Европа“, во која нема место за оние што бесцелно талкаат по светот обидувајќи се да ги преминат затворените европски граници. Многумина од нив и не успеваат и нивната последна станица е Средоземно Море, каде што ја доживуваат судбината на „слепи патници“ и на брутален начин се оставаат да пливаат на отворените води.

Очигледно е дека европската администрација во Брисел нема јасен и конзистентен план за справување со најновиот миграциски бран. Тие предолго тактизираат во наоѓањето вистински решенија, кои би придонеле за брзо смирување на воените конфликти во кризните региони и за воспоставување нормален живот на раселените народи. Со форсирањето на австрискиот план за изградба на центри за престој на мигрантите што бараат азил во ЕУ надвор од европските граници, за што се споменуваа земјите од Западен Балкан и од Северна Африка, дополнително би се иницирале нови „жаришта“ на нестабилност, кои се засновани на меѓуетничка основа.
Инсистирањето на овој концепт, според анализата објавена во „Данас“, би отворило голем број политички прашања за односот на ЕУ кон земјите од балканскиот регион. Отворањето такви центри бара сериозен пристап, затоа што е јасно дека мигрантите на овие простори би останале со години, што само ќе ги зголемува тензиите во домашните општества. Доколку земјите од Европа не се подготвени да преземат дел од какви било економски, социјални и културолошки последици од миграциските процеси, а сакаат овие собирни центри да бидат на Балканот, кој сѐ уште е нестабилен за такви предизвици, тогаш се ризикуваат и европските перспективи на овој регион. Во тој случај, тој ќе стане огромен „центар“ од кој тешко се излегува.