Сцени за големи нешта

837

Всушност, и целиот фудбалски свет е сочинет од многу сцени, па, така, наскоро македонската фудбалска репрезентација треба да стапне на една нова, таа во Лигата на нациите на УЕФА. Таму избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе имаат
шанса да ја одиграат „улогата на кариерата“ за потоа „да ги повикаат“ да гостуваат пред поголем аудиториум, на ЕП 2020, а потоа се надеваме дека црвено-жолтите би тргнале и кон настап под „најголемите рефлектори“, за сите нас од публиката,
од пасивна, да нѐ стават во активна позиција за време на месецот на „фудбалскиот театар“

На 50 дена до почетокот на Светското првенство, што годинава треба да се одржи во Русија, фокусот на светската спортска јавност сѐ повеќе се врти кон најгледаниот единечен спортски настан на планетава. Тоа е најголемата фудбалска сцена, за најпопуларниот спорт, за најголемите фудбалски ѕвезди, кои таму ќе имаат можност да станат и легенди. Светските првенства не се како Халеевата комета, но следната шанса за таков „статусен трансфер“ ќе биде дури по четири години.

Во историјата на „убавата игра“ правени се разни листи на најдобри, но сите имаат победници на светските шампионати или големи ѕвезди на некои од мундијалите, па дури и ако не освојувале планетарни титули, туку „само“ оставале силен печат во фудбалот за својата земја или за целиот свет. Во Русија можеби светот ќе присуствува на ново крунисување фудбалски крал, а токму светскиот фудбалски самит е одлична шанса за некои големи ѕвезди на денешницата да влезат во неизбришливите страници на историјата на играта со „бубамарата“ и на светските првенства. Секако, и некои други.

Славниот Едсон Арантес до Насименто, најпознат како Пеле никогаш не играл за тим од Европа, има само две клупски континентални титули (Копа Либертадорес, јужноамериканската Лига на шампионите) и нема триумф на Копа Америка. Сепак, трите светски круни со Бразил на мундијалите во 1958, 1962 и во 1970 година, секако дополнети со неговата фудбалска виртуозност, спортската интелигенција и имагинација и неверојатната голгетерска умешност демонстрирана на светските првенства, му го донесоа прекарот Крал на Фудбалот. Диего Марадона, пак, нема ниту една континентална клупска круна, го освои Купот на УЕФА (сега Лига Европа), а и тој не славел на Копа Америка. Но со светската титула со Аргентина во 1986 година, освоена со спектакуларен стил „златното момче“ се запечати како еден од најдобрите, за многумина и најдобар на светот, и си доби неотповиклива фудбалска слава во родната земја и на сите континенти.

СП 2018 е нова шанса за фудбалска слава од прв ред, а како и на олимписките игри така и мундијалската сцена, „да се учествува“ не значи само „да се биде присутен“. Таму се станува крал. Тоа е најголемата фудбалска сцена, за најпопуларниот спорт, за најголемите фудбалски ѕвезди, кои таму ќе имаат можност да станат и легенди. Светските првенства не се како Халеевата комета, но следната шанса за таков „статусен трансфер“ ќе биде дури по четири години

Таков е случајот со двата најдобри фудбалери на минатиот век, во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Секако, има и такви фудбалери што имаат многу клупски титули, како Франц Бекенбауер, на пример, кој беше европски првак со Баерн во 1974, 1975 и 1976 година, во време кога го нарекоа фудбалски кајзер (цар), но светската големина ја заокружи со планетарната титула како капитен на Германија на Мундијалот во 1974 година (потоа ја зачини и со истиот трофеј, на најголемата фудбалска сцена, но како селектор на Германија, во 1990 година). Или, Јохан Кројф, на пример. Тој со холандскиот Ајакс веќе имаше три европски титули, во 1971, 1972 и во 1973 година, но откако како „мозок“ на тоталниот фудбал пред најшироката светска публика ја демонстрираше новата револуционерна тактика на Светското првенство во 1974 година, секако и со своите ненадминати фудбалски вештини, тој се запиша на страниците на светските историски фудбалски „читанки“.

Само од овие неколку примери може да се види дека, всушност, светските првенства се сцената на која мора да се брилира за некој да се стекне со неизбришлива фудбалска слава и глобално признание од највисок вид. Во моментов има повеќе светски ѕвезди, од кои две се во постојана и меѓусебна трка по рекорди, трофеи, признанија. И пред нив имаше фудбалери со многу трофеи, но и тие својата фудбалска големина ја заокружија на светските првенства (меѓу другите Фриц Валтер, Хелмут Ран, Вава, Гаринча, Боби Чарлтон, Џеф Харст, Марио Кемпес, Паоло Роси, Ромарио, Зинедин Зидан, Роналдо, Андреа Пирло, Андрес Иниеста, Томас Милер, Мирослав Клосе…).

Сепак, мундијалите не се сцена само за најголемите. Секоја репрезентација си има свои ведети и токму светските шампионати се местото каде што се влегува во фудбалската историја, како, на пример, Теофило Кубиљас од Перу (предводник на селекцијата на СП 1978), или Гжегож Лато и Збигњев Боњек од Полска (големи стрелци од првенствата од 1974 до 1982 година, кога беа освоени двете трети места), или Роже Мила од Камерун (водач на репрезентацијата на шампионатите во 1990 и во 1994 година) итн. Сите тие и многу други можеби веќе биле ѕвезди, но тоа „им било признаено“ по брилијантните ролји на најголемата фудбалска сцена.
По сѐ, СП во Русија е нова шанса за фудбалска слава од прв ред, а како и на олимписките игри така и мундијалската сцена, „да се учествува“ не значи само „да се биде присутен“. Таму се станува крал.

Всушност, и целиот фудбалски свет е сочинет од многу сцени, па, така, наскоро македонската фудбалска репрезентација треба да стапне на една нова, таа во Лигата на нациите на Европската фудбалска унија (УЕФА). Таму избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе имаат шанса да ја одиграат „улогата на кариерата“ за потоа „да ги повикаат“ да гостуваат пред поголем аудиториум, на Европското првенство во 2020 година, за и таа публика да го види „фудбалското чудо од Македонија“. По една таква успешна приказна, ако се знае и одлуката на Светската фудбалска федерација за зголемување на бројот на учесници на мундијалите од 32 на 48, се надеваме дека Македонија потоа би тргнала и кон настап под „најголемите рефлектори“, за сите нас од публиката, од пасивна, да нѐ стават во активна позиција за време на месецот на „фудбалскиот театар“.