Судењето на „Даре Џамбаз“

577

Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на Водно е пејзаж што ја отсликува целата атмосфера на планинарските домови во Македонија. Се добива впечаток дека планинарските домови ги следи некоја лоша карма. Додека едни се заглавени во судски спорови, нерешен статус, нерегулирана сопственост, други се заборавени, трети без струја и вода, изгорени, целосно руинирани…

Богатството на Тутанкамон не е ништо во споредба со кутијата спомени на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на Водно. Уште од поставување на темелите во 1950 година со камен и вар создава многу лични приказни, многу пријателства, многу мемории…
Важи за најсончевата точка во градот. Убавина што не старее.
Но последниве шест месеци ја живее кревкоста на постоењето. Пејзажот радикално се смени. Заглави во најгнилиот круг, бирократијата, од каде што ретко кој излегува без длабоки лузни.
Со планинарскиот дом од 1963 година до денес управува планинарското друштво „Бистра“ од Скопје. Годинава ФПСМ реши дека е време да се промени неговиот рудиментарен лик.
Во септември распишаа оглас, на кој можеа да учествуваат со свои понуди сите планинарски клубови од Македонија што се регистрирани членки на ФПСМ. И, според критериумите на ФПСМ, најдобрата понуда ја има планинарското здружение „Х2О“. Како второпласирана е ПСК „Бистра“. И тука е крената рачна на угорница.

Членовите на „Бистра“ се сметаат за обесправени со тоа што по 60 години им се одзема домот што има длабока симболика и важност за нив. Тврдат дека ФПСМ планира да го претвори во угостителски објект, споредувајќи ја ситуацијата со домот „Шест чешми“ на Средно Водно и домот на Матка. Што навистина е хорор-сценарио ако е вистина, кое никој не би го посакал, освен оние што би триеле раце. Тоа би било уште еден крах на планинарството.
Но не е само една приказна што преферира да биде вистинита. Има повеќе.
ФПСМ убедува дека домот и понатаму ќе биде сврталиште за сите планинари и рекреативци што го посетуваат врвот Водно и ќе биде место каде што за пристојни пари ќе може да си купат чај. Сметаат дека „Бистра“ води битка без силна аргументација. Велат дека информацијата, односно дезинформацијата дека наместо дом се подготвува ресторан, е лично промовирана од постојниот закупец, ПСК „Бистра“. Домот тековно подолго време не се одржувал и е во жалосна состојба. Односно услугата од „Бистра“ не е на потребното ниво, нема вработено лице што издава фискални сметки… И уште многу недостатоци.
А новиот концесионер (во случајов „Х2О“), како што потенцира ФПСМ, освен понудената месечна закупнина, која треба да ја уплатува секој месец, треба да постапи и во согласност со доставениот проект, со кој се обврзува во рок од две години од потпишувањето на договорот сукцесивно да изврши санација, реконструкција, адаптација и ревитализација на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“.
A „Х2О“ чека да потпише договор со ФПСМ, а потоа да настапи со своите планови и замисли за домот.
Во меѓувреме, „Бистра“ упати жалба, па тужба до ФПСМ, а агонијата допрва почнува. Судови, спорови, препукувања… Очигледно претстои долга процедурална километража за изодување дури се реши судбината на „Даре Џамбаз“! До кога ќе се одложува решението? Заслужува ли единствениот чист воздух во градов ваков третман! Зарем ни треба заумна сила да се промени нешто? Зошто не можеме рационално да го извлечеме крајот!

Планинарите и сите намерници имаат право на топол чај со рум. „Даре Џамбаз“ му треба на Скопје. Им припаѓа на планинарите. „Даре Џамбаз“ е ендемски вид, кој треба да се заштити, негува и зачува, како споменик на природата, а не да влезе во судска постапка на неопределено.
Домот на Водно е пејзаж што ја отсликува целата атмосфера на планинарските домови во Македонија. Е, само сегмент од целата сложувалка.
Општо е познато дека планинарските домови не ни се приоритет, државата нема слух за вакви инвестиции. Дека планинарските домови ги следи лоша карма. Додека едни се заглавени во судски спорови, нерешен статус, нерегулирана
сопственост, други се заборавени, трети се без струја и вода, изгорени или целосно руинирани… А оние што живуркаат се оставени на љубовта и пасијата на ентузијастите. Без помош и поткрепа. А од љубов не можат да егзистираат.

Додека регионот напредува, еволуира, ние стагнираме со тренд на пад. Сервираме бирократија на планински воздух. На оној чист воздух што на сите ни е толку многу потребен, особено сега, во услови на пандемија, но и континуирано загрижувачките нивоа на загаденост на воздухот. Можеме ли да си дозволиме токму тие планински оази на мир, спокојство и незагадена природа, како што се планинарските домови, а конкретно „Даре Џамбаз“, да се жртвуваат, затвораат? Какви и да е разврската за судбината и иднината на „Даре Џамбаз“, но и другите планинарски домови, таа мора да биде брза, аргументирана и во интерес на заштитата и промовирањето на природата и на задоволство на сите вљубеници во планините и чистиот воздух.