Стратегија купи ден, продај!

417

Сите големи светски сили планираат и размислуваат однапред. Тие одат дотаму што успеваат да изградат и да практикуваат аналитички документи со национални правци во времетраење и до педесет години. Кај нас од досега покажаното се добива впечаток дека политичарите најдобро се снаоѓаат со стратегијата купи ден, продај, при што меѓусебно не можат да се договорат ниту околу датум за избори, а камоли за долгорочни стратегиски, национални и државни прашања

Кога добрата стратегија е придружена со мудра тактиката, тоа е најава за тивка победа на државата, но кога се практикува празна тактика без стратегија, сето тоа е само увертира за гласен пораз. Ова се зборови на познатиот кинески генерал и филозоф Сун-џу, на чија древна мудрост вреди да се потсетиме и денес, особено во период кога во земјата се најавува носење долгорочни стратегии од разни области. Според најавите, еден од документите, насловен „Рефлексија 2030“, кога ќе биде изготвен ќе ги зададе стратегиските надворешнополитички приоритети на Македонија во наредната декада.
Идејата за дипломатска стратегија е на Министерството за надворешни работи и таа има цел да ги обедини идеите од сите институции што имаат допирни точки во процесот на градење и спроведување на дипломатските цели.
Значењето на стратегиите за секоја сериозна држава е од есенцијално значење. Токму затоа и текстот започнува со древна мудрост и изјава на голем светски стратег. Носењето долгорочни стратегиски документи е редовна практика во земјите како САД, Кина, Русија, Британија, Германија….
Со еден збор, сите големи светски сили и планираат и размислуваат однапред. Тие одат дотаму што успеваат да изградат и да практикуваат аналитички документи со национални правци во времетраење и до педесет години. Токму овие нивни прецизни документи, врз кои како по шини и пруги се движи државната машинерија, се познати по нивните предвидувачки моќи на светските состојби. Само како илустрација, некогаш ЦИА далеку пред времето успеа да предвиди дека на Балканот во големи конфликти во 1990-тите години ќе се распадне некогашна СФРЈ. Врз основа на долгорочни стратегии, развиените и моќни држави го планираат и осмислуваат својот развој и ги влечат своите потези. Така е во светот. Но како е кај нас? Досегашното искуство во раководењето и креирањето на државните политики во Македонија, на граѓаните не им даваат доза надеж и сигурност дека некој во земјата навистина има капацитет и, пред сѐ, политичка волја, плански да спроведува стратегиски долгорочни цели во земјата. Проблемот е што при секоја политичка промена, партиите без исклучок, кога ќе дојдат на власт, не ги почитуваат донесените документи од нивните претходници, а во процесот на смени се оди дури и дотаму што се менуваат сите кадри без разлика на нивниот квалитет, во сите институции, тука вклучувајќи ги дури и самите портири.

Натаму, способноста на државата да ја препознае важноста од имплементацијата на ваква стратегиска ориентираност е исклучително ниска, а состојбите повеќе наликуваат на т.н. превртена пирамида на политичко однесување. Кај нас од досега покажаното се добива впечаток дека политичарите најдобро се снаоѓаат со стратегијата купи ден, продај. Се чини дека нашите политичари ја немаат визијата однапред да ги препознаат пречките што на државата ѝ стојат на патот, а уште помалку способноста да изградат навремен и заеднички одговор за надминување на проблемите. Типичен ваков пример е драмата што подолг период се одигрува во македонскиот парламент, каде што политичките партии поради нивната кусогледост сѐ уште се немаат обединето околу заедничката резолуцијата како одговор на уцените од Бугарија, чие вето нѐ држи надвор од вратите на ЕУ.
Но овие анимозитети на домашната политика се препознатливи и во голем број други примери. Парламентарците не можат да се договорат ниту на кој датум ќе се одржат локалните избори и пописот, иако засега барем со сигурност се знае дека тоа ќе се случи наесен.
Показатели за немање визија ниту стратегија има и во редица други сфери од општеството.
Самото образованието во земјата е типичен пример каде што не се практикуваат долгорочни политики. Од година на година македонското образование беше предмет на разни експерименти, без долгорочна визија и длабинска анализа. Најпрвин започна да се користи програмата на Харвард, па беше експресно заменета со Болоња, која исто така не постигна значаен напредок. По истиот модел се заговараше да се исфрли Историјата како образовен предмет, па властите се премислија, слично е и со книгите каде што сѐ до овој момент сѐ уште не се знае дали наредната година нашите деца ќе учат од книжни или од дигитални учебници. Ништо поразлично не е ниту со битката со загадувањето во земјата. Ниту на ова поле немаме стратегија и успешни решенија.
Со години македонските градови се на врвот од светските листи по загаденоста на воздухот, поради што се губат и многу човечки животи. Ниту една од владите досега не успеа да најде долгорочни мерки и политика како да го исчисти воздухот и како да се тргнеме од врвот на најзагадени места во светот.

Токму затоа во моментите кога се изготвува битниот стратегиски документ за
нашата дипломатија, кој треба во наредната декада да го трасира движењето на Македонија на долги патеки, нашите експерти треба да дадат и решенија на сите реални и хипотетички можни сценарија. Во доктрината треба да се впишат начините на кои идните македонски влади треба да се постават себеси во моменти ако ескалира спорот меѓу соседите Србија и Косово, или како да реагира превентивно ако се остварат евентуални промени на границите на Балканот и за обединување на Косово со Албанија или на Република Српска со Србија. Натаму, во доктрината требаме да имаме и одговор на прашањата каде како држава се гледаме, политички и економски, во моменти кога сме закочени во процесот за членство во ЕУ. Пандемијата не е завршена и таа ќе трае очигледно уште долго, па многу веројатно дека ни треба излезна стратегија и за ова прашање итн.
На крајот од денот, државата кога ги изготвува своите доктрини и стратегии за долгорочно дејствување, секогаш треба да се води од тоа кој е долгорочниот национален интерес на земјата по голем број прашања. Од тука, која било стратегија, особено за нашата надворешната политика, треба да е поставена врз цврсти темели и со јасни дефинирани национални и државни интереси. И конечно, каква било стратегија не вреди ниту пет пари доколку остане само на хартија и не се спроведува на дело,