Статистика наместо политика

206

Добиените пописни резултати не треба да бидат по нечиј ќеф или желба, туку треба да бидат олицетворение на реалната состојба преку примена и почитување на законите и меѓународните стандарди. Ништо повеќе или помалку

Собранието го изгласа Законот за попис на населението, домаќинствата и становите, но собраниската расправа само покажа дека пописот се користи за политичка борба и добивање политички поени, наместо да се води грижа за интересот на државата.
Со децении Македонија покажува дека не е способна да спроведе и најобична статистичка операција, како што е пописот, без мешање на политиката, така што и сега се наметнува дилемата дали воопшто имаме капацитет за спроведување на пописот или, пак, целата работа се прави само колку да се рече дека сме направиле попис.
А токму во моментот кога политиката се вмеша во пописниот процес, заврши статистиката и почна процес на меѓупартиски пазарења, калкулации и фингирања, кои најмалку беа во полза на државата, а повеќе во интерес на собирање политички поени.
Тоа доведе три децении во земјата да нема прецизни податоци за бројот на населението, што, од друга страна, влијаеше врз креирањето погрешни развојни политики базирани врз нереални бројки.
Последниот обид за попис во 2011 година заврши неславно, кој само што започна беше прекинат, најмногу заради „мир во куќата“, без оглед што во ветер отидоа милиони евра за подготовки.
И сега земјава повторно се наоѓа пред нов пописен предизвик, но и сега политиката не ги трга прстите од оваа статистичка операција, така што воопшто не е за чудење недовербата во пописните резултати што се јавува кај поголемиот дел од јавноста.
Зошто е тоа така и каде ја грешиме работата?
Работата е згрешена во две нешта во самиот старт. Прво, на политичарите воопшто не требаше да им се дозволи да се занимаваат со пописот, односно тие треба конечно да сфатат дека оваа операција на пребројување на населението не е нечија политичка желботека во која секој ќе лицитира со процентите колкав бил бројот на неговата етничка заедница, туку ќе се брои реалното население, за да може утре да се предвиди каде се потребни нови градинки, училишта, патишта, здравствени домови итн.

Сè додека на пописот се гледа низ политичка призма на интересите и барањата за политичките субјекти за задоволување на нивните ситнопартиски интереси, спроведувањето на пописот ќе биде на стаклени нозе, исто како и верификувањето на добиените резултати потоа. Уште сега од редица политички субјекти гласно се најавува дека нема да ги признаат резултатите доколку не им се по ќеф, што е тотално апсурдно и неприфатливо. Добиените резултати не треба да бидат по нечиј ќеф или желба, туку треба да бидат олицетворение на реалната состојба преку примена и почитување на законите и меѓународните стандарди. Ништо повеќе или помалку. Во моментов голема доза неизвесност фрла предлогот амин на пописните резултати да се даде со врзани потписи на директорот и неговиот заменик на Државниот завод за статистика. Со други зборови, тоа значи дека ако на едниот не му се допаѓаат резултатите, може да не потпишува и да не ги признава резултатите од пописот. Со ваквото решение, и ДЗС стана поле за политички натпревар меѓу партиите.
Сите овие моменти искреираа атмосфера на недоверба во резултатите уште пред да се случи пописот, така што во една ваква општествена констелација малку е веројатно целата операција да заврши успешно.
Од една страна, власта се фали дека при подготвувањето на законот за попис се применети препораки на Евростат, но зачудува каква е таа примена ако во секоја од нив се интервенирало со македонски „зачин“ за да се задоволи коалицискиот партнер. Едноставно, не може домашниот попис и регулативата за него да бидат еден вид „Франкенштајн“ варијанта на препораки од Евростат, меѓународни стандарди, желби на политичките партии, а сето тоа искомбинирано со некој чуден, најмалку статистички метод.

Од друга страна, опозицијата бара отпечаток од прст, па најави непризнавање на резултатите, што е само дополнителна потврда дека целиот процес во старт е осуден на недоверба и оспорување, што повлекува и ризик од залудно потрошени пари.
Она што треба на сите да им биде јасно е дека во услови на здравствена криза, кога граѓаните и компаниите стравуваат за својата иднина, да се потрошат милиони евра во ветер е, во најмала рака, на границата на лудило. Пред неколку години, за тогашниот премиер и неговиот коалициски партнер беше поднесена и кривична пријава токму поради пропаднатиот попис. Сличен луксуз и дополнително изгубено време, енергија и пари не смее да си дозволи државата.
Работата, ако искрено се сака да се направи, е крајно едноставна. Политичките партии да постигнат консензус дека ќе ги тргнат рацете од пописот и да ги остават стручните служби да си ја работат професионално својата работа.
Постои пописен образец во согласност со Евростат, кој треба да биде целосно преземен, бидејќи заложбата на нашата држава е членство во ЕУ, така што нема зошто да не ги примениме и европските стандарди при попишувањето, без домашни интервенции, политички зачини и мешање.

Во услови на здравствена криза треба да се испочитуваат и сите здравствени мерки, за да не дојде до загрозување на здравјето на граѓаните, да се попишат сите, без фингирање на резултатите и во кои сите ќе веруваат.
Тоа е исклучително важно, бидејќи од тоа зависи каква ќе биде иднината на државата, дали домаќински ќе се инвестира или, пак, ќе се продолжи со инвестиции што не одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Сè друго е импровизација и спроведување попис само заради попис, а не заради реалните потреби на државата. Таквите експерименти во минатото скапо нè чинеа, па редно е нешто да научиме и од грешките.