Стапица

1065

Колку и да настојуваше македонската страна во заедничката историска комисија да создаде амбиент за работа во духот на гоцеделчевската максима „за културен натпревар меѓу народите“, од сите политички изјави и случувања за време на одржувањето на состанокот во Скопје, доминираше впечатокот дека бугарскиот тим е дојден за арогантно агресорско освојување на македонскиот револуционер Гоце Делчев како трофеј за победа над македонизмот

Доаѓањето на историчарите од бугарскиот дел од мешаната историско-образовна комисија во Скопје, на 15 октомври, на т.н. „усогласување на историјата со македонските колеги“ медиумски беше проследено како своевремено пристигнување на противничките играчи на фудбалско дерби. Македонските новинари ги поставија стандардните дерби-прашања, „што очекувате“, на играчите (историчарите) од гостинската екипа, пред Клубот на пратениците во Скопје, направија папарацо-снимки на паузите од работата на заедничката комисија…, но потоа јавноста два дена беше исклучена од релевантни информации за текот на разговорите, со соопштение дека сѐ што треба да се каже, ќе се каже да завршната прес-конференција, пред заминувањето на гостите.
Колку и да настојуваше македонската страна во заедничката историска комисија да создаде амбиент за работа во духот на гоцеделчевската максима „за културен натпревар меѓу народите“, од сите политички изјави и случувања за време на одржувањето на состанокот во Скопје, доминираше впечатокот дека бугарскиот тим е дојден за агресорско арогантно освојување на македонскиот револуционер Гоце Делчев како трофеј за победа над македонизмот. Истиот ден кога започна дводневниот состанок на мешаната експертска комисија во Скопје, во софиското собрание се случувала комисиска расправа за преименување на празникот 24 Мај, од Ден на словенската писменост, во ден на бугарската писменост. Предлогот за ваквото преименување веќе беше изгласан на прво читање во бугарскиот парламент, а сега процедурата продолжува до негово целосно усвојување.

Суштината на цинизмот на овој чекор на бугарската политика е што овој празник на сесловенската писменост, во чест на денот кога браќата Кирил и Методиј ја започнале Моравската мисија во 863 година, од истата комисија е веќе договорен за заедничко чествување. Стапицата за македонската страна е наместена така што на наредното (евентуално) заедничко чествување на Денот на светите Кирил и Методиј би се наметнало именувањето – ден на бугарската писменост.
Паралелно со ова дејствување во Собранието во Софија, бугарската шефица на дипломатијата, Екатерина Закариева, на средба со албанскиот министер за надворешни работи му ветува поддршка за нивните евроинтеграции, но и поддршка за некакво „бугарско малцинство во Албанија“, секако претендирајќи на македонското малцинство кај западниот сосед на Македонија. Таквото „ветување“ на Захариева, освен што може да се толкува како вовлекување на Албанија во перманентниот безобѕирен уценувачки процес што Бугарија го спроведува спрема Македонија преку поддршката за евроинтеграции, секако е и своевиден „контранапад“ за барањето од Советот на Европа до бугарската влада да постапи по пресудите на Европскиот суд за човекови права и да создаде услови за регистрирање на македонските здруженија на нејзина територија, односно да го признае македонското малцинство во својата држава.

Политичка логистика, како своевидна порака за неотстапување од досегашните позиции, на бугарскиот историски тим додека беше во Скопје, им упати и претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој порача дека „секогаш има простор за компромиси, но тие не можат да се прават со историја, идентитет и јазик, или со барање за националните малцинства“.
За разлика од конзистентната агресивност во позициите на бугарската страна и неотстапување од сопствените интереси во однос на уцените за македонските евроинтеграции, колку и да се тие спротивни на европските вредности, принципите на меѓународното право и основните човекови права, македонската страна постојано како да е во дефанзива и единствените надежи ѝ се во некаква европска принципиелност и разумност на другите земји-членки на ЕУ. Притоа, и македонската влада и македонскиот дел од историската комисија оставаат впечаток дека се подготвени на нови компромисни отстапки на она што остана од македонскиот идентитет, по промената на името на државата (по Преспанскиот договор со Грција). Отсуството на категоричност во реакциите на официјалните македонски власти и институции, во однос на поставените уцени во објаснувачкиот меморандум на Бугарија до земјите-членки на ЕУ со барањата за откажување од посебната историја до 1945 година, автентичноста на македонскиот јазик и практично прифаќање на Македонците да бидат некаква „копија на Бугари“, во македонската јавност се толкува како подготвеност за прифаќање нов непристоен компромис. Или уште пострашно, дека таквиот компромис е прифатен, а сѐ што се случува сега е само спроведување на некакво претходно договорено сценарио.

Некаква придобивка од спроведувањето на договорите за добрососедство, Македонија би требало да има во почетокот на преговорите за членство во ЕУ, што се очекува да се случи во декември со одржување на првата меѓувладина конференција, секако ако Бугарија не ја направи опструкцијата со која се заканува доколку не бидат прифатени нејзините услови. Всушност, причината за актуелната политичко-историска драма во македонско-бугарските односи е токму ЕУ. Бугарија на своето членство во ЕУ гледа како последна шанса за остварување на своите вековни аспирации спрема Македонија, а Македонија единствено во ЕУ ја гледа својата иднина! А ЕУ не отстапува од принципот на добрососедство, иако се чини дека нема премногу интерес за македонско-бугарските недоразбирања. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, при неодамнешната посета на Скопје, тоа прашање го оцени како не толку драматично, иако сериозно. Бугарскиот претседател вели – нема компромис за историските прашања, јазикот, идентитетот (секако за бугарскиот), македонскиот премиер вели – не се откажуваме од барање решенија… Со такви позиции, македонско-бугарската траекторија за дијалог изгледа безнадежна, но и понатаму надежта е колку бугарските фингерајки се сериозно третирани во перцепциите на ЕУ и дали Европа ќе ја увиди стапицата што и за неа ја подготви членката на семејството?