Среќна нова 2016

993

Која чудна коинциденција. Секоја престапна година Македонија добива преодна влада. И секогаш на почетокот на годината, односно во јануари. Претходно преодна влада имавме во престапната 2016, сега повторно ја имаме во престапната 2020. Затоа насловот не е грешка. Сите одат напред, само ние се враќаме назад, во 2016-та. На застарени политички концепти и модели познати како техничка или пржинска влада. Или што би рекле некои „Сѐ е исто само него го нема

Историјата се повторува. По втор пат за период од четири години со Македонија ќе раководи преодна или таканаречена техничка влада. Која чудна коинциденција. Секоја престапна година Македонија добива преодна влада. И секогаш на почетокот на годината, односно во јануари. Претходно преодна влада имавме во престапната 2016, сега повторно ја имаме во престапната 2020. Затоа насловот не е грешка. Сите одат напред, само ние се враќаме назад, во 2016-та. На застарени политички концепти и модели познати како техничка или пржинска влада. Или што би рекле некои „Сѐ е исто само него го нема“.

Кога пред неколку години за прв пат беше претставен ваквиот начин на управување со државата, на ова исто место феноменот на техничка влада го опишавме како техничка зафрканција. Истото важи и сега. Поголема зафрканција од избор и наметнување на техничка влада, среде мандат на политички избрана влада на избори, здравје. Зошто? Па од едноставна причина што таква, би ја нарекол франкенштајн политичка структура, не е својствена за држави со развиена и етаблирана демократија.

Ако некаде во светот имало вакви примери на технички влади тоа најчесто било во држави од типот на Сомалија, Конго, Етиопија и секогаш по долги, крвави, внатрешни меѓуетнички или верски судири или длабоки политички и економски кризи. Колку за илустрација, техничка влада беше формирана и во Ирак по соборувањето на Садам Хусеин од власт. Но сѐ се ова екстремни случаи и примери кои ниту од далеку не соодветствуваат со политичките околности во Македонија. Ниту во 2016-та, уште помалку сега во 2020-та година. Низ историјата, привремена управа или преодни влади уште имале и протекторати или поранешни колонии. Македонија не припаѓа ниту во едните, ниту во другите.

Од погоре наведеното може да се заклучи дека Македонија по ниту една основа не влегува во категорија на држави на кои им е неопходна техничка или преодна влада.
Но зошто тогаш упорно се инсистира на ваков формат на управување со државата, и истиот е општо прифатлив за сите политички чинители?

Од едноставна причина што политичките субјекти во Македонија сѐ уште не се дораснати и подготвени за вистинско изборно соочување. За витешка борба без меѓусебни подметнувања, ставање сопки, спинувања, удари од зад грб.
Во таа насока, техничката влада на некој начин претставува симбол на меѓусебната недоверба и длабокиот јаз што постои меѓу политичките субјекти од власта и опозицијата.

Во Македонија дури и не се памети кога поразениот подал рака да му честита на победникот. Со цел минимизирање на дел од овие негативни појави со помош на меѓународната заедница беше измислен и форматот на техничка влада. Пред секои избори сите во Влада, за потоа да нема мрчење од кого било.

Власта и опозицијата да не можат тукутака да се клеветат и обвинуваат меѓусебно во ситуација кога заедно партиципираат во техничката влада. Сепак, искуството од 2016-та покажа дека тогаш во периодот на техничката влада имаше и најголеми меѓусебни внатрересорски несогласувања, кадровски смени, разрешувања и слично. Или со други зборови, министрите и замениците во тогашната техничка влада функционираа како рогови во вреќа. Ќе биде ли поинаку овојпат. Од друга страна, некои техничката влада ја гледаат и како совршено алиби за евентуално бегање од сопствената одговорност. Но ајде по ред.

Дури и самиот поим е проблематичен од повеќе аспекти. Најпрво, нелогично дури и понижувачки е земја-членка на НАТО да не е способна да организира фер и демократско изборно соочување, па затоа и е неопходна техничка влада. Каква порака испраќаме со тоа пред Европа и светот. Дека не сме ништо подобри од Сомалија, Конго, Етиопија или Ирак?! Скраја било. Понатаму.

Од формално правен аспект, техничката влада има проблематичен и спорен легитимитет. Еве и зошто. Таа е резултат на политички договор на лидерите на неколку политички партии. Како концепт и модел во својата структурна поставеност и кадровски капацитет техничката влада нема добиено мандат од граѓаните, кои единствено можат да одлучуваат за иднината на својата држава. Со тоа грубо и директно се кршат демократските начела во државата и се занемаруваат волјата на гласачите и резултатите од изборниот процес. Истото може да се каже и за кадровските решенија внатре во техничката влада, кои го немаат поминато тестот на народот. Може да се работи за врвни експерти и стручњаци, но тоа не го занемарува фактот што тие, или дел од нив, како идни носители на високи раководни државни функции, сепак, не се избрани од граѓаните. Сама по себе техничката влада може да се сфати и како синоним за негација и ништовност на регуларната влада. Со други зборови, множење со нула на капацитетите и способноста на претходната регуларна влада, без разлика која и да е. Зошто инаку би била потребна техничка влада за спроведување избори, ако регуларната влада (која и да е) ја бивало. А токму таква порака за неспособност, некомпентенција на регуларната влада се испраќа со концептот за избор на техничка влада пред секои избори.

Следен интересен куриозитет поврзан со функционирањето на техничката влада е отстапувањето и размената на функции само кај македонскиот блок на партии. Власта и опозицијата се договараат кој на чие место ќе седне, кој ќе биде министер, кој заменик, без да се чепне во комодитетот на припадниците на малцинските етнички заедници. Тоа од една страна испраќа порака дека албанските политичари, на пример (како претставници на малцинска заедница), се недопирливи, но од друга страна и дека нема потреба од нивно ротирање или смена, бидејќи се „безгрешни“ и ним може да им се верува. И ова, се разбира, не е точно, бидејќи никој не е безгрешен, ниту, пак, е недопирлив пред Уставот и законите.

И конечно последниот и веројатно клучен аргумент контра концептот преодна, односно техничка влада. Самиот назив преодна (техничка) влада за спроведување избори уште се толкува и како влада во оставка, привремена управа, влада со ограничен рок на употреба од 100 дена, иако може да се пролонгира и на многу повеќе.

Сето тоа заедно се рефлектира во комплетен застој на сѐ друго во државата што не е поврзано со изборите. И сега да се прашаме – смее ли Македонија да си дозволи застој во сите процеси, во економијата, стопанството, инвестициите, евроинтеграциите.
Да губиме неколку месеци од годината, понекогаш и многу повеќе, за нешто за што во секоја друга држава се надлежни професионални институции и органи.
Зошто, впрочем, постои Државната изборна комисија ако за спроведување на секои избори во Македонија треба да падне регуларната влада и да се избере нова техничка влада.

И може ли тоа да се окарактеризира како демократска придобивка или како срам за демократијата.

Македонските граѓани многу често страдаат од лоши законски решенија.
Од ад хок модели, застарени концепти, законски непрецизности, парадокси, неприменливост и недореченост во одредени одлуки, одредби, подзаконски акти, правилници итн. Таквите грешки и лоши законски решенија скапо ја чинат и државата и граѓаните. Затоа е крајно време во новата 2020 година сите вакви пропусти да се отстранат. Во интерес на државата и на граѓаните. Да чекориме напред, наместо да се враќаме назад. За почеток текстов нека послужи и како конкретен предлог за преразгледување на концептот на техничка влада. Можеби сега е веќе доцна, но не и за во иднина. А иднината е она што сите најмногу нѐ интересира, зарем не?.

[email protected]