Среќен роденден, татковино!

852

Коинциденција или не, токму во месецот кога Македонија ја стекна својата независност, граѓаните ќе треба повторно да се изјаснат, овој пат за прифаќање на спогодбата со Грција и за наше членство во НАТО и во ЕУ. Иако референдумските процедури и кампањите се во сива правна зона, а на граѓаните не им е јасно што точно се добива, губи и менува, тие се свесни дека премногу се шепоти зад сцената за сега најважното и единствено прашање, а тоа е уцената од Грција

„Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“. Со овие зборови пред 27 години тогашниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, се обрати пред граѓаните, кои спонтано се собираа на плоштадот „Македонија“, за да го прослават успешно спроведениот референдум. Оттогаш Денот на независноста, 8 Септември, во Македонија се слави секоја година. На тој ден македонскиот народ излезе на референдум и на најдемократски начин ја изгласа својата независност.

Голем удел во овој чин имаше македонската емиграција во Германија, Шведска, Норвешка, Америка, Канада, Австралија… Македонците однадвор силно ја поддржаа вековната идеја на македонскиот народ за сопствена и независна држава. По референдумот, водечките светски медиуми излегоа со оцена дека мнозинството гласачи се изјасниле за независност на Македонија и оти тоа ќе значи чекор поблиску до распадот на Југославија и наше брзо идно членство во ЕУ и во НАТО.

Деновиве, 27 години потоа, повторно сме исправени пред слични предизвици и нов референдум. Коинциденција или не, токму во месецот кога Македонија ја стекна својата независност, граѓаните ќе треба повторно да се изјаснат, овој пат за прифаќање на спогодбата со Грција и за наше членство во НАТО и во ЕУ. Иако референдумските процедури и кампањите се во сива правна зона, а на граѓаните не им е јасно што точно се добива, губи и менува, тие се свесни дека премногу се шепоти зад сцената за сега најважното и единствено прашање, а тоа е уцената од Грција за промена на нашето уставно име и нашата позиција на жртвено јагне. Впрочем, не може ниту да се скрие дека се работи за нешто друго освен за преименување на државата.

И самото поврзување и идентификување на претстојниот референдум со дилемата да се биде или не, води кон длабока поларизација и поделба на граѓаните и општеството. Поделено општество, пак, во никој случај не може да биде добра солуција за иднината на државата, без разлика која и да е и како и да се вика. Во меѓувреме, добро би било во толеранција и мир да го дочекаме и овој роденден на Република Македонија и да се надеваме оти волјата на народот ќе каже како ќе се нарекува таа понатаму

Поаѓајќи и завршувајќи од мислата дека од народот се црпи легитимитетот на политичките одлуки, битно е да се каже оти тој треба и да го има главниот збор при носењето на една таква, историска одлука. Дали тоа ќе биде така, на многумина им е нејасно. Она што веќе е очигледно, а од што многумина стравуваа е дека во периодот што следува кампањата за и против референдумот ќе биде сѐ посилна и побезмилосна, дека во таквата крајно политички поларизирана и поделена Македонија, тоа ќе доведе до уште поголем раздор и дополнително ќе ја наелектризира атмосферата. Впрочем, и самото поврзување и идентификување на претстојниот референдум, со дилемата да се биде или не, води кон тоа – длабока поларизација и поделба на граѓаните и општеството. Поделено општество, пак, во никој случај не може да биде добра солуција за иднината на државата, без разлика која и да е и како и да се вика.
Во меѓувреме, добро би било во толеранција и мир да го дочекаме и овој роденден на Република Македонија и да се надеваме оти волјата на народот ќе каже како таа понатаму ќе се нарекува. Дотогаш, нека ни е за многу години и вечно да го славиме овој датум, ден кога Македонија се стекна со независност и добивме можност да живееме во суверена и независна држава!

Фото: Маја Јаневска-Илиева