Споменик за Балканецот со патничка торба

398

За граѓаните од многу држави не е чудно да се градат споменици по секоја војна. На Балканот, мора да признаеме, војни и гробови на загинати јунаци и борци има премногу. Државите и етничките заедници ги користат спомениците за да ја претстават својата верзија на настаните од минатото. За заеднички споменици во овој момент на Балканот е тешко да се размислува

Пред неколку дена бев повикан да присуствувам на една средба организирана од координаторот за регионална соработка при Европскиот совет, на која се запознав со проектот за промовирање на туристичките можности на земјите од Западен Балкан. Една од идеите беше да се организира балканска маршрута, со која потенцијалните туристи од западноевропските земји и светот, би се запознале со архитектонските и културните вредности на спомениците изградени за настаните поврзани со периодот од Втората светска војна! Проектот сам по себе по малку е невообичаен за нашиот балкански поглед на овдешното опкружување, а особено ако настаните или објектите имаат историски контекст.

Градењето споменици е една од заедничките карактеристики на земјите од поделениот Балкан. Според истражување на Балканската истражувачка мрежа (БИРН), во сите земји од поранешна Југославија подигањето споменици се одвива стихијно. Не постои точен податок колку биле подигнати по последните војни на овие простори, затоа што некои од нив се класични дивоградби и се поставуваат без потребните дозволи и согласности од надлежните институции. Нема информации и колку пари од државните каси биле потрошени. Но заедничко е уште и тоа што секој од новоизградените споменици бил изложен на критики за изгледот и наидувал на неодобрување од спротивната етничка заедница. Од причина што камени и бронзени кипови им се подигаат на личности што во другите земји се сметаат за воени злосторници. Нивното откривање е проследено и со голем број ексцеси, а подоцна тие се сквернавени, фарбани или чкртани со погрдни слогани. Имало и поголеми инциденти како оној во Прешево кога беа испратени специјални единици за да се урне споменикот, кој беше поставен од Албанците пред општинската зграда. Во Мостар беше кренат во воздух споменикот на паднат бошњачки војник, на Косово се уривани српските надгробни споменици и спомениците од Втората светска војна.

За граѓаните од многу држави не е чудно да се градат споменици по секоја војна. На Балканот, мора да признаеме, војни и гробови на загинати јунаци и борци има премногу. Државите и етничките заедници ги користат спомениците за да ја претстават својата верзија на настаните од минатото. Владите ги користат за манипулација со историјата и за освојување политички поени, а во Босна и Херцеговина да ги продлабочат поделбите, наместо да промовираат помирување и зближување на народите, кои живеат на овие простори, се главните заклучоци од истражувањата на БИРН.

Иако новоизградените паметници немаат речиси никаква уметничка и архитектонска вредност. Во Хрватска најжестоки се критиките за изгледот на спомениците на Фрањо Туѓман, за кого се поставуваат споменици во речиси секое населено место. Никој во земјите од Балканот не се грижи за историската важност, културното и архитектонското значење, и пред сѐ за пораката што се испраќа кон припадниците на другите заедници. Се чини, единствена функција на ваквите безлични споменици е да служат како „гранични камења“ со кои се обележува една етничка територија.
Патувајќи низ Балканот некој патник намерник може да се ориентира на чија територија се наоѓа. Тоа што се забележува во сите балкански земји во последните сто години е додека се градат нови споменици, други се уриваат или се препуштаат да пропаднат од забот на времето и заборавот.

Истражувачите на балканската споменичка историја го забележале фактот дека во времето на првата Југославија, биле подигнати повеќе од 200 споменици на династијата Караѓорѓевиќ, а од нив „преживеал“ само еден. Истото се случува и со спомениците од Народноослободителната и антифашистичка војна.
Во сета оваа балканска приказна се занемарува еден факт за тоа дали тие ја отсликуваат вистината за судирите по распадот на југословенската држава или само ги поттикнуваат етничките предрасуди. Спорната плоча, која беше поставена во меморијалниот комплекс, и последната комеморација за жртвите од концентрациониот логор „Јасеновац“ во Хрватска, за организирање на две свечености (една државна и друга во организација на еврејската, српската и ромската заедница), нѐ потсетија на суровата балканска реалност дека балканските народи не се подготвени да ги признаат сопствените грешки од минатото. Наместо подадена рака за помирување и барање прошка за сторените злодела, се затвораме во националните трла и продолжува да си веруваме исклучиво во своите историски „вистини“. Така, спомениците остануваат симбол на балканските фрустрации, ќе забележи еден историчар. Поради националното слепило никој посериозно не ја прифати пораката што ја испрати хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, која и годинава самата положи бели рози на споменикот во Јасеновац, еден ден порано од државната комеморација. „Нека биде ова место, кое ќе нѐ предупредува колку е важно младите генерации да растат во мир, заедништво и солидарност меѓу луѓето и народите. Минатото не можеме да го промениме, но иднината можеме да ја изградиме на пoдобар начин, за поубав и хуман живот на сите луѓе во Хрватска“, напиша таа во книгата на жалост.

Идејата за балканската туристичка маршрута за посета на спомениците од Втората светска војна треба да се сфати како добронамерна порака за балканските народи на историските настани да гледаат од поинаков аспект. Наместо спомениците да бидат повод за нови поделби, тие да претставуваат објекти што ќе промовираат заедништво и поврзување на луѓето.

За заеднички споменици во овој момент на Балканот е тешко да се размислува. Додека балканските народи се свртени кон сопственото минато, единствениот споменик што недостига во низата, а кој е заеднички за сите земји, е Балканецот со патна торба во раката, како симбол на трајното иселување на луѓето од овие простори, во потрага по светла иднина.

mitko.ј@novamakedonija.com