Совршена бура за ЕУ

449

Во најмрачните сценарија за ЕУ повторно се прогнозира дека доаѓа „совршена популистичка бура“, која на европските избори во мај наредната година може целосно да ја промени Унијата каква што ја знаеме сега. Додека се подготвуваме да излеземе (или да не излеземе) на референдумот, за кој неговите приврзаници нѐ уверуваат дека ќе нѐ одведе во Европа, важно е да се види каква е таа бура што се заканува да ги разниша темелите на ЕУ

Требаше да биде еден од оние самити на кои лидерите се обидуваат да го покажат толку посакуваното европско единство. Но неформалната средба меѓу челниците на ЕУ минатата недела во Салцбург беше сѐ само не обична. Наместо самит на кој ќе се претстави тешко остварениот мини-консензус за имиграцијата и ќе се покаже солидарност кон планот за брегзит на британската влада на Тереза Меј, средбата заврши со остри зборови и со закани на сите страни. Рака на срце, тоа и не е нешто невообичаено. Кога ЕУ ќе реши да се соочи со некој проблем, којзнае по кој пат на површина избиваат сите видови поделби во навидум сложното европско семејство. Наместо да се зборува за договор, консензус или за солидарност, средбата заврши со малку поинакви описи, па медиумите пренесуваа за гневот, срамот, понижувањето и за заканите на лидерите. И Британија и ЕУ тврдат дека се подготвени да се разделат без договор, иако и двете многу добро знаат какви тешки последици би предизвикало тоа. Британија не е која било членка на ЕУ, ама и Британија не може да ги игнорира ЕУ и нејзиниот огромен пазар.

Британската премиерка Меј, која, наместо на солидарност, наиде на остри зборови од ЕУ, рече дека е подготвена да ги напушти преговорите ако не издејствува поволен договор, бидејќи немала да прифати ништо што е спротивно на волјата на британските гласачи, кои на референдум се изјаснија за брегзит. Нејзината закана дојде по јасното одбивање на клучните елементи од нејзиниот план за брегзит, и тоа од најмоќните лидери на ЕУ, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Меркел дома се мачи со имиграцијата и со коалицијата, па затоа многу повеќе игра на европската сцена, особено затоа што, според многумина, ова ѝ е последен мандат, па сака да остави свое политичко наследство на домашен и на европски терен (наводно сака свој човек на позицијата шеф на Европската комисија, кој нема да биде Германец, но ќе ја спроведува агендата на Берлин). Слична е и ситуацијата со Макрон, кој дома се мачи со популарноста, па затоа се обидува да стори нешто повеќе на европско ниво и да се прикаже како обединител на ЕУ.

Последните анкети покажуваат дека дури 60 отсто од француските гласачи не се задоволни од неговиот мандат, што е двојно повеќе од периодот веднаш по претседателските избори пред помалку од година и пол. Главна причина за незадоволството на Французите се економијата и невработеноста. За подобрување на рејтингот на Макрон не помагаат ниту неговите јавни испади дека секој што сака да работи може лесно да најде работа (или, како што му рече на еден млад Французин, дека може веднаш да му најде работа само ако ја помине улицата).

Кога не им бара работа на младите Французи, Макрон е зафатен со јакнење на европскиот проект по брегзит. Францускиот претседател на ручек во Салцбург им порачал на другите лидери на ЕУ дека треба да се зголеми притисокот врз Британија и дека премиерката Меј не смее да добие шанса да поставува услови. Меј добила и црвена линија преку која не може да помине ако сака да постигне договор за брегзит. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ја информира Меј за развојот на настаните, а на новинарите им порача дека самитот во октомври ќе биде момент за вистината за брегзит. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, пак, во свој стил им порача на сите да не се грижат и да бидат среќни и весели, бидејќи ЕУ е подготвена да се разведе од Британија и без договор.

Јункер е човекот што има визии за ЕУ што се далеку од реалноста. Во својот последен годишен говор за состојбата во Унијата пред европските избори наредната година, Јункер порача дека ЕУ сторила многу за да го зачува мирот во Европа, но дека требало да стори уште повеќе ако сака да биде глобален играч. Но за да стане ЕУ „посуверен актер во меѓународните односи“, како што вели Јункер, таа прво треба да ги реши поделбите на домашен терен. Тоа ќе биде уште потешко во периодот што доаѓа. Освен што ќе треба со или без договор да се разведе од Британија на 29 март 2019 година, ЕУ ја очекуваат и избори за Европскиот парламент, на кои одново може да се разнишаат нејзините темели. Аналитичарите во своите најцрни сценарија предупредуваат дека на Стариот Континент доаѓа „совршена бура“, која во мај наредната година може да ја однесе или целосно да ја промени Унијата каква што ја знаеме сега. Се очекува првпат по одржувањето на првите избори за Европскиот парламент во далечната 1979 година, двете главни политички групации во законодавниот дом на ЕУ да не обезбедат мнозинство. На овие избори се најавува голем пробив на антиевропските, антиимигрантските, популистички, ултранационалистички, екстремно десни и леви партии, кои во иднина ќе имаат големо влијание врз креирањето на европските политики.

Сценариото од националните парламенти сега се сели во европскиот парламент. Заговорниците тврдат дека за тоа голем удел имаат Русија на Владимир Путин, но и Америка на Доналд Трамп. Според обвинувањата, Русите се обидуваат однатре да ја ослабнат ЕУ преку „пријателските“ екстремни партии, но на потивок начин. Американците, пак, го имаат гласниот Стив Бенон, бившиот стратег на Трамп, кој не крие дека сака да ја разниша ЕУ зашто станала премногу дрска за американски вкус и дека тоа веќе го почувствувале на своја кожа многу американски гиганти, како Гугл, Фејсбук или Епл. За Бенон, Италија во моментот е „центарот на универзумот“, бидејќи ако таму помине експериментот со коалицијата меѓу екстремната левица и десница, тоа ќе биде модел што допрва радикално ќе ја менува европската, па и светската политика. Бенон со своето движење, основано во Брисел, е во Европа за да им помогне на популистичките партии да обезбедат што подобар успех на изборите во ЕУ. Заговорниците тука гледаат обиди на Бенон, ама и на Трамп, да се ослабне ЕУ, за потоа да се потпишуваат билатерални трговски договори со членките и да се напушти идејата за европска одбрана, која би го разводнила НАТО и би го намалила влијанието на САД на Стариот Континент.

По изборните резултати на популистичките партии на националните избори во Европа и отворената поддршка на Трамп за брегзит, многумина сметаа дека Британија ќе предизвика домино-ефект и дека по неа вратата за излез од ЕУ брзо ќе ја побараат и други членки. Тоа не се случи, а популистите решија да се преоблечат во ново руво и малку да ги ублажат ставовите за да привлечат што повеќе гласачи. Но и таквите „ублажени“ ставови се поекстремни од умерените, а уште полошо е што нив ги прифаќаат дури и традиционалните партии за да можат со популистички ветувања да придобијат гласачи. Тоа, пак, значи дека популизмот на еден или на друг начин веќе има негативно влијание, а тоа само може да се зголемува по европските избори.
Таква е ситуацијата во моментот во ЕУ и важно е таа да се посочи додека се подготвуваме да излеземе (или да не излеземе) на референдумот, за кој неговите приврзаници наголемо нѐ уверуваат дека еден ден ќе нѐ одведе во Европа (промената на името не ја споменуваат). Во таков случај, битно е да се види што се случува таму и каква е таа „совршена бура“ што се заканува да ги разниша темелите на ЕУ. Многу брзо ќе дознаеме дали таа навистина ќе се претвори во популистички ураган, чии ветришта ќе однесат сѐ пред себе, или ќе се сведе само на уште една тропска бура, која ЕУ лесно ќе ја преживее.