Снепчет е за дома, на училиште се учи

1176

Кога некоја развиена држава ќе воведе нешто ново, а нашите власти ќе ги прашате дали такво нешто може да се направи и кај нас, обично оправдувањето им е „но тоа се богати држави, можат да си дозволат многу нешта, а ние не“. Е, овој пат нема простор за правдање и за изговори. За ваква мерка не, бидејќи оваа мерка не би ја чинела државата многу

Илјадници студии и истражувања се направени изминатава деценија на светско ниво, кои секогаш излегуваат со алармантни факти за употребата за нашите омилени уреди, како што се паметните телефони, таблетите, вифи-зрачењето. Главниот фокус во последниве години, сепак, е на паметните телефони и на ви-фи, поради што многу држави во светот веќе ја имаат ограничено употребата на паметните телефони, особено на децата во училиштата. Франција, која од септември со закон ќе забрани употреба на паметни телефони во текот на наставата и на паузите, пред неколку години забрани најпрво ви-фи во сите градинки и училишта. Според тој закон, вифи-зрачењето мора да е исклучено кога не е во употреба. Кога некој производител сака да рекламира телефони во оваа држава, мора да препорача и слушалки, за да се намали изложеноста, односно зрачењето од телефонот на мозокот.

Освен Франција, забрани и ограничувања за користење вакви уреди веќе постојат и во Кипар, Финска, Италија, Швајцарија, Германија, Австрија и многу други држави. Властите во овие земји не го направиле ова случајно, се разбира. Постојат стотици истражувања и студии што предупредуваат на ризиците од многу здравствени проблеми предизвикани од употребата на телефони и таблети, од кои најстрашен е ракот. Зрачењето од телефонот е најопасно за децата, бидејќи главата на детето апсорбира 10 пати повеќе зрачење отколку на возрасните. Многу истражувања досега покажале дека безжичното зрачење предизвикува репродуктивна дисфункција, имунолошка дисфункција, промени во мозокот, ги нарушува сонот и меморијата, го зголемува ризикот од тумор на мозокот. Некои експериментални истражувања покажале дека хроничното изложување на безжична комуникација ги намалува и убива мозочните клетки.

Феноменот на зависноста од екран и феноменот на лошото користење на паметните телефони биле причините поради кои француските власти усвоија закон за забрана за користење телефон додека трае наставата, како и за време на паузите. Како што изјави министерот за образование Жан Мишел Бланкер, нивна главна улога како власт е да ги заштитат децата и адолесцентите и тоа е фундаменталната улога на образовниот систем.

Што прават нашите власти во оваа насока за да ги заштитат децата? Ништо.
Додека во развиените држави свесноста за здравствените последици од употребата на паметните телефони е многу на повисоко ниво и поради тоа преземаат конкретни мерки за да ја редуцираат употребата, кај нас не се презема апсолутно ништо во врска со тоа, иако факт е дека е повеќе од неопходно. Дека е тоа така зборуваат самите професори во училиштата за средно образование, кои кажуваат дека едвај успеваат да одржат час, зашто учениците играат игри или си коментираат на Фејсбук и на Инстаграм. Од друга страна, чест на исклучоци, но врие од родители што, најверојатно сакајќи да покажат колку се на високо материјално ниво, им купуваат најскапи телефони на своите петнаесетгодишни средношколци, зашто мислат дека така ќе го купат престижот што нивните деца би го имале во околината. Кога професорите им укажуваат на родителите дека нивните деца се „отсутни“ на час, зјапнати во телефоните, тие, наместо да преземат нешто дома, се правдаат велејќи „ама знаете, такви се времињата, нови“.

Во таква ситуација, кога родителот заштитува по секоја цена, кога отсуствува соработката од родителите, кои се важна алка во образовниот процес, тогаш професорот односно училиштето е немоќно да преземе што било за да ги поправи нештата. Поради ова потребен ни е и нам закон за забрана за употреба на паметни телефони на настава, за да се врати концентрацијата на учениците и за да станат ефективни часовите.

Покрај целата листа на болести на кои се изложуваат децата, мала ли причина за забрана за користење телефон е и фактот што децата ни се номофобични? Не можат да замислат да излезат од дома без полнач, плашејќи се од тоа дека нема да можат да го користат својот телефон или некој друг паметен уред. Кај нас никој не истражува, но една анкета во Британија покажала дека 66 отсто од испитаниците имаат некаква форма на номофобија, а 41 отсто од нив имаат два или повеќе телефони за да останат поврзани на Интернет. Ова се загрижувачки високи бројки.

Кога некоја развиена држава ќе воведе нешто ново, а нашите власти ќе ги прашате дали такво нешто може да се направи и кај нас, обично оправдувањето им е „но тоа се богати држави, можат да си дозволат многу нешта, а ние не“. Овој пат нема простор за правдање и за изговори. За ваква мерка не, бидејќи оваа мерка не би ја чинела државата многу. Треба да има законски измени во кои ќе биде вметната забрана за користење телефони на училиште, а на просветните инспектори да им се дадат нови задолженија да вршат контроли и да казнуваат. Министерот Адеми за „Нова Македонија“ изјави дека не треба да има место во училиштата за ништо што го попречува квалитетот на наставата, така што сега јавноста очекува тој да покаже свесност за состојбата и последиците од употребата на паметни телефони кај децата. Овој пат Адеми, како најодговорен за образованието и младите во државата, сѐ што треба е да покаже сериозност, свесност и грижа за младите генерации, што е, всушност, основна дејност на образовниот систем.

Фото: Маја Јаневска-Илиева